Безбедност во сообраќај-ПНЕВМАТИЦИ И ЗОШТО НОВИ?

21/05/2024

ОВЕСНИТЕ ВОЗАЧИ ВЕЛАТ „ДОБАР ПНЕВМАТИК ЧУВА ГЛАВА“. ЗАМИСЛЕТЕ МОМЕНТ КОГА НЕКОЈ ПНЕВМАТИК НАГЛО ПОПУШТА, А ПРИТОА ВОЗИЛОТО Е НА ПАТ И СЕ ДВИЖИ СО БРЗИНА ОД 70, 80, 90, 100… КМ/Ч. НАЈМАЛКУ ШТО МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ Е ИЗВРТУВАЊЕ. ТАКВО НЕШТО НАЈЧЕСТО ИМ СЕ СЛУЧУВА НА СТАРИТЕ ПНЕВМАТИЦИ, А ВИЕ СИГУРНО НЕ САКАТЕ ДА ВИ СЕ СЛУЧИ ТОА

 

Полека настапува топлиот период од годината што поттикнува желба за посета на интересни дестинации и сè повеќе се насочуваме кон одмор, патување, забава. За сето тоа да помине без грижи и во најдобар ред треба да се обрне особено внимание на состојбата на возилото, во што спаѓаат и пневматиците. Ние постојано се трудиме да дадеме соодветни совети за пневматиците и за нивната правилна употреба.

Секој предмет направен од гума има рок на траење. Гумата како материјал губи од својствата со текот на времето, станува покрута, побрзо се троши итн. Слично се случува и со пневматиците. Најдобри резултати покажуваат кога се нови и неизабени. Со текот на времето пневматиците се трошат и како одминуваат годините, така попушта материјалот од кој се направени. И кај каркасата (костурот на пневматикот направен од челични жици) поради замореност на материјалот се намалува квалитетот и на крајот пневматикот станува неупотреблив. Секое удирање во дупка на патот или тротоар (или нешто слично) се регистрира на пневматикот (каркасата) и од прекумерна употреба може да дојде до пукање и негово распарталување.

Зошто да не се купуваат стари пневматици? На пример, пневматиците изгледаат добро, но не знаете колку километри изминале и што претрпеле (на пример) при четири или петгодишна употреба. Претходно кажавме, со текот на времето материјалот од кој се направени губи од своите својства, станува крут и побрзо се аби.

Таквите пневматици стануваат прикриени убијци, темпирана бомба што само што не пукнала. Со купувањето стари пневматици свесно ја нарушувате безбедноста во сообраќајот.

Откако ќе купите нови пневматици, прво што треба да направите е правилно да ги напумпате како што пропишува производителот на возилото. Во упатството за употреба производителот има наведено колку треба да се напумпани пневматиците при обична употреба (со еден или двајца патници) и кога возилото е под оптоварување (четири патници плус багаж). Некои автомобили имаат плочка на која се наведени вредностите за тоа колку атмосфери треба да бидат напумпани пневматиците. Таа плочка најчесто се наоѓа на рамката на вратите или на рамката од школката на возилото.

Зошто пневматиците треба правилно да бидат напумпани? Затоа што така се продолжува нивниот век на траење, автомобилот троши најмалку гориво, помалку се абат и автомобилот е најстабилен. Ако пневматиците не се напумпани како што треба, автомобилот е нестабилен, завлекува на една или на друга страна, троши повеќе гориво и абењето е засилено поради зголемено триење со подлогата.

Не претерувајте со димензиите на пневматикот. Неговата ширина мора да биде во согласност со препораките од производителот. Пошироките пневматици го прават автомобилот понестабилен, односно подложен е на пролизгување затоа што пневматиците газат на асфалтот со поголема површина (имаат поголема нагазна површина), а со тоа вршат помал притисок на единица површина (асфалтот), исто така, има и поголема површина на триење што придонесува моторот повеќе да се напнува за да го совлада триењето и така троши повеќе гориво.

Во случај кога автомобилот не се користи со денови, најдобро е пневматиците да се напумпаат повеќе бидејќи од стоење во место може да добијат деформации. На пример, ако е пропишано да бидат напумпани 2,2 бари, треба да се напумпаат околу 2,8 бари, да се покријат со картон, да бидат заштитени од директно изложување на сонце. Колку помалку возилото се качува на тротоари, толку вашите пневматици ќе бидат „повитални“. Секое удирање на пневматикот во работ од тротоарите може да предизвика искривување на каркасата (костурот на пневматикот). Потоа така оштетениот пневматик може со зголемување на брзината да дава знаци како тркалото да е небалансирано, а всушност е нарушен кружниот облик на каркасата).

Задолжително двапати во месецот проверувајте го притисокот во нив, а иста проверка направете пред секое патување. Приспособете ја брзината според условите на патот, почитувајте ја патната сигнализација и патувајте безбедно.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ