БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ ЌЕ ОДИТЕ НА ТУРНЕЈА НИЗ ПОВЕЌЕ ГРАДОВИ, ПЛАНИНИ, СЕЛА, ЕЗЕРА ИЛИ НА НЕКОЕ КРАЈБРЕЖЈЕ, НАЈБИТНО Е ДА УЖИВАТЕ ВО ПАТУВАЊЕТО И ДА НЕ ВОЗИТЕ БРЗО И СО НЕРВОЗА
Периодот пролет лето е најубав дел од годината за патување. Ако планирате да патувате, пред сè, треба да се погрижите вашето моторно возило да биде соодветно подготвено.
Кај моторните возила прво е потребна темелна проверка на пневматиците за да се прегледаат дали има површинско оштетување. Потоа да бидат правилно напумпани, како што советува производителот. Исклучително да се избегнува да се користат пневматици купени на старо.
Следуваат сопирачките, за кои, исто така, е потребна темелна проверка што треба да ја направи стручно лице, а препорачливо е да се провери и летвата на управувачот (волан).
Потоа треба да се направи контрола на течностите во моторот: масло, течност за ладење на моторот, течност за сопирачките и течност за миење на ветробранското стакло, а нивото во садовите мора да биде усогласено со препораките на производителот на автомобилот. – Внатрешноста на автомобилот треба да биде добро исчистена и да се извадат непотребните работи.
Ветробранското стакло и метличките од бришачите, како и другите стаклени површини треба да бидат чисти за да има врвна видливост во секое време. Задолжително во автомобилот треба да има резервна течност за миење стакла.
Малку храна, бисквити и слични грицки, но ништо што е подложно на расипување поради топлото време. Од течности најдобро е вода со малку лимон, а не се препорачуваат сокови, особено газирани.
Доколку на патувањето оди и домашниот миленик потребно е да се внимава на него поради високите температури, да се остави отвор од два-три сантиметри на сите прозорци за да има провев во кабината. Застанувајте почесто и одморајте со милениците под сенка.
Кога патувате не треба да брзате. Не е препорачливо да се тргнува во раните утрински часови. Наспијте се добро и дури тогаш тргнете на пат. Во раните утрински часови рефлексите се преполовени, а тоа носи голем ризик. Облекувајте лесна комотна памучна облека во светли бои. Тргнете на пат расположени и уживајте додека возите.