Bentley – ИЗВОНРЕДНИ 100 ГОДИНИ

10/01/2020

ЕДНА ОД МАРКИТЕ КОЈА УСПЕА ДА ГО ПРОСЛАВИ СТОТИОТ РОДЕНДЕН, КОМПАНИЈА КОЈА ПРОИЗВЕДУВА ИСКЛУЧИВО ЛУКСУЗНИ АВТОМОБИЛИ ПОЗНАТИ ПО БРЗИНАТА И ПО ТОА ШТО СЕ НАЈДОБРИ ВО КЛАСАТА – ТАКВИ ВОЗИЛА ПОСАКАЛ ДА ПРАВИ ОСНОВАЧОТ ВАЛТЕР БЕНТЛИ.

 

Годинава беше полна со годишнини во автомобилската индустрија, почнувајќи од 70. годишнината на Абарт, преку Бугати и неговата 110. годишнина, потоа Де Томасо, МИНИ, Морган, Рено, ФИАТ, Цитроен и сè до 60. годишнината од ременот на Нилс Бохлин, за првпат вграден во Волво. Крајот од оваа 2019 го оставивме за Бентли и неговите 100 години постоење. Тоа е марка од групата на луксузните и префинетите каде цената се изразува во шестоцифрени бројки и марка која има спортска оставштина, позадина, односно тежина.

Сè започнало со младиот Валтер Оувен Бентли кој бил многу заинтересиран за механиката. На 9-годишна возраст си купува половен велосипед и веднаш сиот го расклопил да види како тоа чудо е направено и како функционира. Подоцна им се восхитувал на парните локомотиви, потоа умот го понел кај мотоциклите, а за автомобилите немал нималку убаво мислење. За В. Бентли возилата на четири тркала биле крајно несофистицирани, несигури, опасни, неудобни и премногу бучни. И покрај никаквото мислење за нив сепак тој и еден од неговите девет браќа си фатил работа со автомобилите. Почетоците датираат од 1912 година кога со неговиот 27-годишен брат Хорас Милнер Бентли ја купуваат француската автомобилска компанија Лекок и Ферне и ја преименуваат во Бентли и Бентли. Хорас ја водел продажбата, а сервисот и механиката биле во рацете на Валтер. На едно од службените патувања во канцеларијата каде имале состанок здогледува мала макета од клип, играчка. Тогаш еден од бизнис партнерите му рекол на В. Бентли, „знаете,….тоа е алуминиум“. Од тој миг не можел да спие мирно, бидејќи леснотијата на алуминиумот толку многу го фасцинирала и заинтригирала што веднаш почнал да експериментира со цел да создаде алуминиумски клип и со тоа да добие помала тежина. При експериментирањето дошол до конкретно решение – 88 отсто алуминиум и 12 отсто бакар. Оваа легура го направила своето и клипот бил направен.

За неговите конструкторски способности дознала и армијата, поточно авијацијата, така што бил повикан од нив да помогне со неговото умеење. Таму го конструира неговиот прв авионски мотор, со распоред на цилиндрите во форма на ѕвезда (ѕвездаст мотор или ротационен) со алуминиумски клипови. Двокрилецот „сопвит камел“ добил супериорен мотор за тоа време и станал најдобар во класата.

За неговото дело армијата го наградува со 8.000 стерлинзи. Крајно незадоволен од тоа како биле направени автомобилите, решава парите да ги вложи во работилница во која ќе конструира автомобил според негови барања. Пријателите не биле изненадени од неговиот потег, туку повеќе биле љубопитни каков ќе биде неговиот автомобил, дали ќе биде супериорен над останатите. Валтер Бентли еднаш кажал, „да направам брз автомобил, добар автомобил, најдобриот во неговата класа“. Летото во 1919 година Валтер Бентли ја формира компанијата „Бентли Моторс“, односно ја преименува постоечката Бентли и Бентли. Уште истата година автомобилот бил направен, „бентли три литри“. Да кажеме дека тоа бил некој вид прототип, а првиот сериски автомобил излегол од производство во 1921 год. направен за првиот Бентлиев купувач, Ноел ван Ратле. Новопечениот сопственик тоа задоволство го чинело 1.050 стерлинзи. Исто како и денес и во тоа време, пред еден век, трките биле сваќани мошне сериозно. Всушност тие биле полигон каде производителите ги одмерувале своите сили и способности на автомобилите. Како најдобар и најголем полигон била и останала трката 24 часа Леман. Трка на големи брзини, трка на издржливост, трка на нерви и над сè опасна трка. Кога Валтер Бентли видел со свои очи што се случува таму, изјавил: – Мислам сета оваа работа е налудничава. Автомобилите не се конструирани да поднесат таков вид напрегања за 24 часа. Но откако трката завршила приметил приватен „бентли 3 литри“ кој успеал не само да го освои четвртото место, туку и да биде сопственик на најбрзиот извозен круг за време на трката. Тоа се случило во 1923 год. Валтер Бентли не очекувал толкава надмоќ од неговиот автомобил и набрзо потоа го сменил мислењето за трките и налудничавата 24 часовна бркотница на патеката Сарт, попозната во светот како 24 часа Леман. Веднаш потоа работите во Бентли Моторс Лтд се „завртеле“ и трките станале дел од секојдневието, а доказ за тоа се петте титули, во 1924, во 1927, во 1928, во 1929 и во 1930, освоени во период од седум години на најпознатата трка на издржливост, 24 часа Леман.

Тука некаде започнува приказната која преминува во легенда за Бентлиевите момчиња, сите до еден заразени со брзината и токму тие ја прославуваат марката Бентли победувајќи пет пати на трката 24 часа Леман. Интересно е што ниту еден од нив не бил професионален тркач. Можеби тркач бил Џон Даф заедно со Френк Клемент, обајцата заслужни за интересот на В. О. Бентли да учествува на најпознатата трка на издржливост. Тие со својот Бентли го имаат извозено набрзиот круг во 1923 и трката ја завршуваат на четвртото место. Останатите од групата биле сè друго само не професионални тркачи, но имале едно нешто заедничко – неизмерната љубoв кон автомобилите, брзините и трките. Така за Бентли завршуваат ’20 години. И покрај тоа што компанијата веќе била толку многу позната во светот, сепак нејзината друга половина, а тоа е продажбата на автомобилите и финансиите не Ѝ оделе од рака. Почетокот од третата деценија од векот бил крајно неповолен за Бентли.

Следно што се случило е купувањето на компанијата од страна на Ролс Ројс во 1931 год. Во годините кои следеле компанијата „Бентли Моторс Лтд“ не живеела како што посакувала и како што доликува на една марка која во потписот има мирис на многу бензин и изгорени пневматици од преголеми забрзувања. Таа глад за трки и многу брзи гран туризмо автомобили како да останале некаде во врмето, а новото воопшто не придонело да се негува традицијата. Филозофијата на работа на Ролс Ројс може секој да ја разбере, но зошто токму таа компанија го купила Бентли кога воопшто не ни размислувала да ја продолжи мислата на Валтер Бентли, „да направам брз автомобил, добар автомобил, најдобриот во неговата класа?“ Ролс Ројс едноставно ги пресликувал своите модели во тие од марката Бентли. Затоа многумина љубители на автомобилите велеа дека не може да разграничат кој е кој, бидејќи премногу личеле еден на друг.

Некаде пред крајот на векот, работите во автомобилскиот свет како да добиваат друга димензија и некој вид прегрупирање. Ние нема да се задржиме на тој период, туку ќе спомнеме дека Бентли во 1998 год. е купен од групацијата Фолксваген, а Ролс Ројс оди под капата на БМВ. Токму тука работите се враќаат онаму каде биле подзаборавени во 1931 година. И неговиот заштитен знак се враќа онаков каков што бил создаден на почетокот од формирањето на компанијата. Тој е составен од крила и во средината се наоѓа буквата „б“. Меѓутоа бројот на пердувите на левото и на десното крило не бил ист. За време на Ролс Ројс, заштитниот знак на Бентли бил доработен и бројот на пердувите изедначен. Откако Бентли влегува во претходно спомнатата групација, заштитниот знак повторно е доработен, односно вратен е стариот, првичниот, оригиналниот и сега повторно бројот на пердувите на крилата е нееднаков, односно на левата страна има 10, а од десната 11.

И сега Бентли живнува, се враќа на старите патеки и во 2003 год. повторно е прв на патеката Сарт, на легендарната трка 24 часа Леман. Коцките се враќаат таму каде некогаш биле ставени, мозаикот се комплетира, а моделот „континентал гт“ типично купе, е најпродаваниот Бентли и убедливо води пред останатите модели.

Денес Бентлиевото семејство брои пет модели, првиот сув „бентајга“, потоа двете купе возила „континентал гт купе“, „континентал гт конвртибл“ и лимузините „флаинг спр“ и „мулзан“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ