Автомобилите од марката Бентли зад себе имаат богато тркачко досие, кое може да се спореди со останатите марки. Но во еден период оваа марка оди во сопственост на Ролс Ројс кому повеќе му беше до лимузините отколку спортските купе автомобили. Затоа овој производител ги делеше своите лимузини со Бентли, тоа беше нешто како едно исто чудо во сосема слични пакувања. Тој период на „приспивна песна“ е веќе минато и Бентли се враќа кон своите корени.
Сепак Бентли и натаму не е самостоен. Откако Ролс Ројс беше купен од БМВ, Фолксваген побрза да го направи истото со Бентли. Одвојувањето од долгогодишната „соработка“ со Ролс Ројс, Бентли го доживеа нешто како препородување и сега полесно дише, нарочно со купето „континентал“. Во 2007 за првпат се појавува моделот „континентал гт спид“, а инспирацијата е црпена од генерацијата модели со име „спид“ од ’20 години од минатиот век со агрегат од три литри. Наследникот на генерацијата „спид“ е неодамна претставен и со тоа се задржува духот на марката, комбинација од префинет луксуз и врвни брзински особини во гран туризмо пакување наречено „континентал гт спид“.
На овој автомобил сè е впечатливо и доведено до перфекција, но мора нешто да издвоиме, а тоа е посебно конструираната шасија (основа) која поврзана со електрониката и компјутерската технологија дава врвна стабилност. Уредот за динамично возење и погонот на сите тркала, електронскиот заден диференцијал, активната суспензија со подесувачките амортизери и неизбежниот систем „есц“, влијаат врз тркалата, односно секое тркало да има што подобар контакт со подлогата, да се искористи до максимум вртежниот момент, а како краен резултат од сето тоа е врвната стабилност на купето.
Моторот снабден со двоен турбо компресор, има 12 цилиндри поставени во двојно V, односно W, чија работна зафатнина изнесува 6,0 литри. Погонската единица поседува 650 КС и фантастичен вртежен момент од големи 900 Нм. Затоа „бентли континентал гт спид“ постигнува крајна брзина од дури 335 км/ч и од 0 до 100 км/ч потребни му се само 3,6 секунди. Во содејство со системот „вд“ во дадени моменти моторот може да исклучи една половина од цилиндрите и автомобилот да се движи со останатите шест. Овој мотор со ознака „тси“ е во сопственост на Фолксваген и не е изворен на Бентли. Цената не ни е позната, но за тие што прашуваат колкав багажник има, позната ни е неговата зафатнина – 358 литри.