БАРА И ПОПЛАВЕН АСФАЛТ

31/03/2020

ВНИМАТЕЛНО СО ВОЗИЛАТА КОГА НАИДУВАТЕ НА БАРА И ПОПЛАВЕНИ ДЕЛОВИ НА АСФАЛТОТ. АКО ВОДАТА НЕ ДОПРЕ ДО МОТОРОТ, ТОА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА СТЕ СЕ СПАСИЛЕ, МОЖНО Е ВОДАТА ПОД СЕБЕ ДА СКРИЕ СЕКАКВИ НЕРАМНИНИ НА ПАТОТ И ДЛАБОКИ ДУПКИ.

 

Сите возачи барем еднаш се нашле во ситуација да возат кога патот бил целосно прекриен со вода, односно поплавен. Наглото топење на мразот и снегот, обилните дождови, излевањето на реките или друга причина, доведува до поплавување и на цели региони. Ако не сите, тогаш дел од возачите наишле на своевидни водени базени на патиштата. Кога тие темносиви водени маси ќе се спојат со облачното сивило од денот и околината, може да станат незабележливи на прв поглед. Затоа во секој момент сите возачи мора да бидат концентрирани при управувањето со возилото.

Ненадејното наидување на водена површина и ако во неа влезете со иста брзина со која сте се движеле по сувиот коловоз, автомобилот може многу лесно да изгуби контакт со подлогата и да почне со пловење, а тоа воопшто не е убаво. Најнапред треба да ја намалите брзината на автомобилот и пред да влезете во поплавениот дел од патот, ќе мора веднаш да си одговорите сами на себе колку е длабока водената површина. Ако нема други возила што веќе навлегле во водата, тогаш со поглед барајте некој „нишан“ што ќе ви овозможи да дознаете на колку сантиметри под вода се наоѓа асфалтот. Најчесто тротоарите, доколку ги има, можат да послужат како нишани за длабочината на поплавениот дел. Ако има други возила пред вас и веќе се навлезени во поплавениот дел од патот, тогаш видете до кое ниво е водата во однос на тркалата.

Кога нивото на водата е веднаш под шрафовите од тркалото, тогаш движењето е безбедно, но под еден услов, брзината да биде колку што е можно помала, а со тоа и бранувањето на водата ќе биде помало. Тоа приближно кажува да внимавате со која брзина влегувате во барите на патот, затоа што во спротивно е можно брануваната вода да допре до моторот и да се јави нерамномерно работење.

Затоа кога ќе наидете на поплавен пат и откако ќе се уверите дека нивото не е над шрафовите на тркалата, тогаш влезете бавно и внимателно, никако брзо. Доколку нивото на водата е до средина на тркалата и повеќе, тогаш е препорачливо да не влегувате во поплавениот дел. Најдобро е да се вратите и да побарате друг пат. Ако нема друг пат, тогаш одложете го патувањето за да не дојдете во ситуација да му нанесете „тешки повреди“ на моторот што ќе ве чинат еден куп пари.

Сега имаме една друга состојба – влезени сте во вода и моторот се изгаснал. Ни случајно не обидувајте се да го стартувате. Моторот изгаснал поради водата. Повторното стартување само ќе ја влоши и така веќе лошата состојба – тоа значи влегување поголемо количество вода во него и таквата состојба мајсторите ја нарекуваат блокирање. Кога веќе сте во вода и моторот се изгаснал, следно што треба да направите е да ја отворите вратата и да излезете од автомобилот. Зошто? Затоа што нивото на водата е високо и автомобилот би можел да плови, но ако ја отворите вратата и водата навлезе во него, во тој случај шансите автомобилот да плови се речиси никакви. Ако моторот сè уште работи, но работењето е нерамномерно, тогаш веднаш изгаснете го и побарајте исклучително стручно лице што ќе го реши проблемот. Советиве „земете ги“ такви какви што се. Ве предупредуваме да не влегувате во авантури со возилата во поплавени патишта.

Пролетниов период се карактеризира со почести врнежи од дожд и ниските делови од патот може лесно да бидат поплавени. Затоа внимавајте да не налетате на некоја бара, не за друго, туку може да ви направи сериозни проблеми. Можеби водата нема да предизвика никакви проблеми, но затоа некоја поголема дупка може да го искине пневматикот, да го искриви тркалото и да го фрли автомобилот настрана.

За крај ќе повториме уште еднаш, најдобар и 100 отсто успешен лек е да се вратите и да најдете друг пат или да го откажете патувањето, затоа што авантуристичките потфати можат скапо да ве чинат. Сепак, ако имате толку голем авантуристички дух, тогаш за вас не е обично моторно возило, туку строго наменско и тоа теренско со посебен всисник за воздух чиј крај завршува речиси на покривот од возилото.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.