На повидок е нова марка автомобили, или можеби е само обид за влез во големото семејство на четири тркала со творба која ќе има ограничено производство.
„Азном паладиум“ тоа е името и презимето на возилото кое светот треба да го види на изложбата „Милано Монца оупн ер мотор шоу“, која треба да се одржи кон крајот на месецов под отворено небо.
Италијанската фирма Азном со седиште во Торино подготвува нешто несекојдневно, лимузина долга шест метри и широка два метри, со погон на сите тркала, лимузина која ќе се вози по секакви терени. Какво чудо ќе биде ова, лимузина со теренски способности без притоа да се закине од удобноста како во класичните лимузини. Производителот не застанува тука туку вели ќе прави возило кое ќе биде рамо до рамо со светскиот ексклузивитет на четири тркала.
Во 2018 година фирмата Азном произведе сув возило на основа од пикапот „рам 1500“. Дали повторно ќе користи некое возило како основа или сè ќе биде направено во сопствена режија, тоа допрва ќе го дознаеме. Засега спомнатата фирма подели неколку фотографии од цртежите на кое се надѕира обликот на светлосните групации, напред и назад. Обликувањето на лимузината е доверенo на Алесандро Каморали и на неговата дизајнерска куќа „Камал Студио“ сместена во еден кварт во Торино, а името „паладиум“ најверојатно е еден вид дериват од презимето на архитектот Андреа Паладио.
Засега толку зa „азном паладиум“, лимузината со теренски особини и екстремно моќен агрегат. И понатаму ќе ги пратиме настаните во фирмите Азном и Камал и ќе ве известуваме за секој нивни потег во врска со теренската лимузина.
Жарко Атанасоски