На почетокот на ноември беа познати 29 кандидати за освојување на титулата „Автомобил на годината“. Деновиве пристигна списокот со седумте финалисти – „форд мустанг мах е“, „киа ев 6“, „купра борн“, „пежо 208“, „рено меган е теч“, „хјундаи јоник 5“ и „шкода енјак IV“. Добитникот на наградата ќе се знае на 28 февруари, на отворањето на Салонот за автомобили во Женева. Поради состојбата со пандемијата оваа светска изложба е откажана, така што на свеченото прогласување и доделување на наградата ќе нема публика, а церемонијата ќе може да се следи преку интернет.
Жирито, составено од 61 новинар од 23 држави од континентов, избра седум финалисти, од кои дури шест се целосно електрични автомобили, а само еден е поинаков, „пежо 208“.
Организатори на овој избор се девет специјализирани списанија за автомобили. Земјите производители на автомобили имаат најмногу претставници во жирито, а другите држави по еден-двајца новинари. Минатата година титулата ја освои „тојота јарис“. За моделот „јарис“ ова е второ признание, првото го освои во 2000 година. Инаку прв јапонски производител на автомобили што ја доби оваа титула е Нисан со моделот „микра“ во 1993 година. Признанието „Автомобил на годината“ се доделува од 1964 година, а прв носител на титулата е „ровер 2000“. Најмногу титули, девет, има освоено Фиат.