АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА ЗА 2021-СЕДУМТЕ ВОИНИ СЕ ПОДГОТВЕНИ

13/01/2021

Имаме типичен претставник на семеен автомобил, потоа три градски возила од кои едното е на електричен погон, едно класично теренско, една лимузина и претставник на сув класата. Разноврсност која може да му создаде главоболкa на жирито при оценувањето – бодувањето.

Годинашниов избор за Автомобил на годината нема да биде во скратено издание иако така изгледа поради намалениот број кандидати, само 29. Причина за ваквите прилики во таборот на организацијата, одговорна за тестирање на возилата и доделување на наградата, е добро позната на сите затоа не мора да ја спомнуваме.

Прогласувањето на победникот и доделувањето на наградата се одржува во Женева, односно на големата светска автомобилска манифестација која секоја година се организира во првата третина од месец март. Поради неприликите во светски рамки минатогодишното издание беше откажано, а како што одат работите и годинава халите на Палекспо ќе бидат празни. Засега нема никакви најави за откажување на манифестацијата, ниту се потврдени гласините за одржување на големиот собир на автомобилите.

Како што спомнавме, во годинашниов избор учествуваат 29 кандидати: „ауди а 3“, „бмв 2 гран купе“, „бмв 4“, „цитроен ц 4“, „купра форментор“, „дачија сандеро“, „фиат 500“, „форд експлорер“, „форд куга“, „хонда е“, „хонда џез“, „хјундаи и 10“, „хјундаи и 20“, „хјундаи туксон“, „киа соренто“, „ленд ровер дефендер“, „мазда м икс 30“, „мерцедес бенц г л а“, „мерцедес бенц г л б“, „мерцедес бенц глс“, „мерцедес бенц с класа“, „пежо 2008“, „полстер 2“, „сеат леон“, „шкода октавија“, „тојота мираи“, „тојота јарис“, „фолксваген голф“ и „фолксваген и д. 3“.

Од овие пријавени жирито одбра седум автомобили кои влегуваат во завршниот круг каде се бира победникот. Тие седуммина величенствени ги предводи „цитроен ц 4“ кој во себе ја носи тежината на производителот светски познат по авангардниот дизајн–не секогаш, но неретко умее да изненади со невидени облици.

По него следи марката Купра и нејзиниот модел „форментор“. Производителот е релативно нов во светот на автомобилите, поточно тоа е своевидна премиум марка на Сеат, или ако сакате спортска марка на Сеат. Според азбуката третиот избраник за титулата е новиот „фиат 500“, еден од легендарните автомобили на Фиат првично обликуван од мајсторот на својот занает, Данте Џиакоза. Овој модел е носител на титулата од 2008 година.

Четвртиот избраник е новата генерација од моделот „дефендер“, теренско возило чија татковина се пустините, степите, тундрите и џунглите, а е во сопственост на Ленд Ровер. Сега на ред е Шкода со нејзината „октавија“. Спомнатиот модел, како што одминува времето, така автомобилот се претвора во сериозна лимузина заедно со нејзината караван изведба. „Тојота јарис“ го носи товарот на титулата и затоа заедно мора да биде најподготвена за освојување на годинашнава. Не е мала работа да се биде носител на титула „Автомобил на годинава во Европа за 2000“ и тоа при првото појавување пред светската јавност. И пред неговото првично претставување „фолксваген и д. 3“ беше многу фален посебно во гласилата кои ја пратат автомобилската индустрија, да видиме дали така мисли и жирито кое ја доделува титулата Автомобил на годината.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.