ИЗБОРОТ МИНА ВО ЗНАКОТ НА КИА И ПОРШЕ, ЕДНОСТАВНО ДОМИНИРАА, А ПРЕТСТАВНИЦИТЕ ОД СЕВЕРНОАМЕРИКАНСКИОТ БЛОК НА ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОСТАНАА СО ПРАЗНИ РАЦЕ. И НАМЕСТО ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДИТЕ ДА СЕ СЛУЧИ ВО ЊУЈОРК, СЕТО ОВА ОДЕШЕ ПО ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТ ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА.
На почетокот на годината, односно на крајот на зимата и почетокот на пролетта се избира Автомобил на годината во светот. Жирито составено од 87 специјализирани новинари за автомобилската индустрија од 24 земји избраа 10 финалисти за највисокото признание, тоа се: „хјундаи соната“, „КИА соул ев“, „КИА телјурајд“, „ренџ ровер евок“, „мазда 3“, „мазда ц икс 30“, „мерцедес бенз ц л а“, „мерцедес бенц г л б“, „фолксваген голф“ и „фолксваген т крос“.
Во поткатегоријата Градски автомобил во светот, жирито ги изгласа следниве кандидати: „КИА соул е в“, „мини купер с е“, „пежо 208“, „рено клио“ и „фолксваген т крос“. Познато е како и колку светот е зависен од луксузот, па затоа ова жири го состави следниов список: „БМВ икс 5“, „БМВ икс 7“, „мерцедес бенц е ку ц“, „порше 911„ и „порше тајкан“.
Третата поткатегорија е Спортски автомобил на годината во светот каде што кандидати беа: „БМВ 8“, „порше 718 спајдер / кајман гт 4“, „порше 911“, „порше тајкан“ и „тојота гр супра“, а во категоријата „Најдобро дизајниран автомобил во светот за 2020 година жирито им даде предност на следниве кандидати: „алпина 110 с“, „мазда 3“, „мазда ц икс 30“, „пежо 208“ и „порше тајкан“.
Шеснаесеттиот избор за Автомобил на годината во светот мина во знакот на недоделување на наградата Зелен (еколошки) автомобил на годината во светот. На светот му здодеа да се занимава со екологијата и со мотото зачувајте ја животната средина. Ова директно ја докажува неговата неспособност да се справи со предизвикот наречен отпад, ѓубре. За ова најново движење (назадно) ќе пишуваме во некоја друга пригода, но секако од гледна точка на автомобилската индустрија што често се споменува како еден од главните загадувачи на животната средина во светот.
Од овие кандидати жирито имаше задача да го стесни кругот на финалистите со тоа што во секоја категорија ќе останат по три кандидати.
Од трите кандидати „КИА телјурајд“, „мазда 3“ и „мазда ц икс 30“, титулата „Автомобил на годината во светот за 2020“ ја доби „КИА телјурајд“. Иако Мазда имаше два од трите кандидати, сепак, ова не треба да се сфати како пораз, туку како голем успех на конструкторите и на дизајнерите со освојувањето на второто и на третото место од вкупно 29 автомобили.
Луксузот отиде во рацете на „порше тајкан“, електрична комбилимузина со четири седишта. Познатата фабрика, која насекаде е позната по спортските купе автомобили со две или 2 + 2 седишта, ја претстави својата втора лимузина и таа веднаш се закити со престижното признание „Луксузен автомобил на годината во светот“. По него на второ место е „порше 911“, а на трето „мерцедес – бенз е ку ц“.
Наградата „Спортски автомобил на годината во светот“ ја освои „порше тајкан“ или вкупно две титули годинава одат во рацете на штутгардскиот производител. Ова е шеста титула за Порше кога се зборува за спортските карактеристики, претходните пет ги освои во: 2017, 2014, 2013, 2012 и 2006 година. Покрај моделот „тајкан“ во трката за наградата беа неговите „роднини“ „порше 718 спајдер / кајман гт 4“, и „порше 911“. Првите три места за Порше. Спектакуларна надмоќ, 1 – 2 – 3 победа.
Во категоријата Градски автомобил на годината во светот најчесто преовладуваат европските автомбили, а тие од преку „големата бара“ како да не ги обожаваат типичните градски автомобили затоа што се премногу мали. Еден од тамошните новинари во неофицијален разговор се изјасни дека малите автомобили го потсетувале на гајби. Најдобро е тој да објасни како се справува со 5,5 или 6,0 метри автомобил во градскиот хаос. Тука наградата ја освои „КИА соул е в“, а зад неа се пласираа „мини електрик“ и „фолксваген и т крос“.
Покрај луксузот и брзината, светот е многу заинтересиран и за убавите нешта, односно за дизајнот. Најдобро дизајниран автомобил во светот за 2020 година е „мазда 3“, а конкурентите „пежо 208“ и „порше тајкан“ мораа да се задоволат со второто, односно третото место.
Во севкупниов избор се избира и лице што има оставено посебен белег во автомобилската индустрија. Карлос Таварес, главниот во корпорацијата ПСА, беше одликуван со признанието „Личност на годината во светот во автомобилската индустрија“.
Прогласувањето на победниците и доделувањето на признанијата требаше да се случи на 8 април во Њујорк за време на одржувањето на тамошниот Салон за автомобили, но поради пандемијата сето ова се случуваше по електронски пат. Според првичните сознанија и планот на организаторот на оваа манифестација, свечена церемонија ќе има на 30 септември во Лондон, се разбира ако дотогаш се смират работите со пандемијата.