ПРИЈАВЕНИ СЕ 45 КАНДИДАТИ, НОВИ ПРЕТСТАВЕНИ ВО ТЕКОВНАТА ГОДИНА. НАЈНАПРЕД, ЌЕ СЕ ИЗБЕРАТ СЕДУМ, А ПОТОА ОД ТИЕ СЕДУМ ЌЕ СЕ ИЗБЕРЕ ПОБЕДНИКОТ. ФИНАЛИСТИТЕ, ИЗБОРОТ ЗА ПОБЕДНИКОТ И ПРОГЛАСУВАЊЕТО ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО ЖЕНЕВА, ИСТО КАКО И МИНАТИТЕ ГОДИНИ
Некаде на крајот од летото се составува списокот од автомобили кои ќе учествуваат во трката за престижната титула Автомобил на годината.
Жирито кое го избира автомобилот на годината е составено од 61 специјализиран новинар од 23 држави од континентов. Најмногу новинари имаат земјите производители на автомобили, а најмалку државите кои не произведуваат автомобили. Секој новинар има на располагање по 25 бодови кои мора да ги распредели на најмалку пет автомобили, а најмногу 10 бодови смее да додели на еден автомобил.
За Автомобил на годината во 2023 пријавени се дури 45 кандидати и сите тие за да влезат во списокот мора да бидат нови, претставени во тековната година, односно не биле пријавени во претходната затоа што роковите за пријавување биле затворени. Електромобилите забрзано ги заземаат местата на тие со ото и дизел мотори, така што набрзо ќе надвладеат и сосема ќе ги истиснат. Во таквиот „налет“ ќе им помогнат законските решенија на одделни или група земји. Многу марки најавуваат целосно производство на електромобили од 2030 година, а некои производители сега тргнуваат во развој на нови бензински и дизел мотори. Ако континентов се подготвува за целосна електирфикација на превозот, останатиот свет не мисли така.
Жирито ги вреднува автомобилите според следните критериуми: дизајн, удобност, безбедност, економичност, управување, брзински одлики, функционалност, грижа за животната средина, вкупна оценка (мислење на возачот) и што нуди автомобилот во однос на цената.
Списокот на автомобили кандидати кои влегуваат во изборот се следниве: „алфа ромео тонале“, „биак еу 5“, „бмв икс 1 / и икс 1“, „бмв и 7“, „бид танг“, „цитроен ц 5 икс“, „дачија џогер“, „дфск серија 5“, „ферари 296 гтб“, „ферари пуросанж“, „хонгки е – хс 9“, „хдаваат на континентонда сивик“, „џип б сув“, „џип гранд чироки“, „киа ниро“, „киа спортаж“, „ленд ровер ренџ ровер / ленд ровер ренџ ровер спорт“, „лексус рз“, „лотус емира“, „луцид ер“, „масерати грекале“, „мазда ц икс – 60“, „мекларен артура“, „мерцедес бенц глц“, „мерцедес – е ку е ку е“, „мг 4“, „мг 5“, „нио ес 8“, „нисан арија“, „нисан икс треил“, „опел / воксал астра“, „ора кат“, „пежо 408“, „рено аустрал“, „смарт #1“, „субару солтера“, „тојота бз 4 икс“, „тојота ајго икс“, „тојота корола крос“, „тојота гр 86“, „винфаст вф 8“, „винфаст вф 9“, „фолксваген ид. баз“ и „икспенг п 5“.
Ако до вчера ги броевме автомобилите на електричен / хибриден погон, сега треба да ги броиме и автомобилите кои доаѓаат од Кина, а нив сè повеќе и повеќе ги има. Од овие 45 кандидати, жирито ќе одбере седум и ќе ги смести во графата за завршната фаза. Потоа жирито повторно гласа и од тие седум одбрани еден ќе биде победник. Минатата година титулата Автомобил на годината ја доби производителот Киа за целосно електрифицираниот модел „ев 6“. Резултатите од финалното гласање во последниве години се одржува во Женева каде, исто така, се доделува признанието кое производителот смее да го користи како поддршка при рекламирањето во текот на цела година.