НА ИНАЕТ НА ЦЕЛИОТ СВЕТ, ШАНГАЈ СЕ ПРЕТСТАВИ ВО ГРАНДИОЗНО СВЕТЛО СО СВОЈАТА АВТОМОБИЛСКА ИЗЛОЖБА. ПРИСУСТВУВАА НАД 10.000 НОВИНАРИ, БЕА ПРИКАЖАНИ 163 СВЕТСКИ ПРЕМИЕРИ И ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН МИЛИОН ПОСЕТИТЕЛИ ЈА ПОСЕТИЈА МАНИФЕСТАЦИЈАТА. ВКУПНО БЕА ИЗЛОЖЕНИ 1.366 ВОЗИЛА ОД НАЈРАЗЛИЧНИ ТИПОВИ, A МЕЃУ НИВ ИМАШЕ И ЛЕТАЛА, РОБОТИ ВО РАЗЛИЧНИ ФОРМИ, ПА ДУРИ И ХУМАНОИДИ
Буквално до вчера, саемските манифестации во Пекинг и Шангај беа предмет на потсмев. За нив се редеа најразлични приказни, често со доза на омаловажување. Така беше не само со години, туку со децении. Тогаш „специјализираните новинари“ говореа со еден глас, а денес нивниот став е сосема поинаков. Почетоците секогаш се тешки, но наместо да им дадат барем малку поддршка на тогашните кинески саеми, новинарите постапуваа спротивно ги споредуваа со изложбите од „големата четворка“, што е крајно непристоен потег. Се споредуваше саем отворен пред еден век со оној што започнал дури во 1985 година споредба што едноставно не држи место.
Времето на потсмев заврши откако упорните и вредни Кинези докажаа дека знаат да организираат врвни саемски манифестации. Денес, тие исти новинари веќе не се потсмеваат со таканаречената „голема четворка“ иако таа се наоѓа во сериозен пад, туку даваат само умерени пофалби за неодамна одржаниот Саем за автомобили во Шангај. Тешко им е да признаат дека „големата четворка“ полека исчезнува, а на нејзино место доаѓаат изложбите во Шангај и Пекинг. Шангајската автомобилска изложба оваа година се одржа по 21. пат, а за првпат беше организирана во 1985 година. Следната година, Шангај ќе прави пауза, а домаќин на најновите автомобили ќе биде Пекинг слично како што во минатото се менуваа Париз и Франкфурт. Од 23 април до 2 мај, на простор од 360.000 квадратни метри и со учество на над 1.000 изложувачи од 26 земји, беше прикажано сè што може да се замисли од автомобилската индустрија – но и многу повеќе. Меѓу експонатите имаше и летала, како и роботи во човечка форма – хуманоиди. Особено интересни беа концептите на некои производители, чии комбиња беа трансформирани во вистински луксузни мини-соби. Овој тип на возила нуди значително поголем простор од лимузините, па не е чудо што сè повеќе купувачи се заинтересирани токму за нив. Единствено што останува е амортизацијата да се приближи до онаа на лимузините – и приказната ќе биде комплетна.
Организаторите изјавија дека изложбата ја посетиле над еден милион луѓе, од кои 63.000 биле странци од 90 различни земји. Ако на тоа се додаде и фактот дека во првото тримесечје од годинава во Кина се произведени над 10 милиони возила, добиваме целосна слика за ново рушење на рекорди. Денес, Кина произведува повеќе возила отколку јапонската, американската и европската автомобилска индустрија заедно. Од позиција на далечно заостанување, сега Кина е далеку пред сите.
И додека остатокот од светот, особено европската индустрија, сè уште калкулира со електромобилите, кинеските производители веќе знаат што прават и тоа го покажуваат преку нови решенија и исклучително напредна технологија што ја вградуваат во своите возила. На овогодишниот саем беа изложени вкупно 1.366 возила од најразлична намена, од кои 163 беа светски премиери. Електричните возила беа, се и ќе останат број еден на саемските штандови. Сè што можеше да се види, беше изложено. Ништо не недостасуваше, напротив, имаше дури и премногу. Овој вистински автомобилски бал беше невозможно да се разгледа за еден или два дена.
Толку од уводот – да видиме што беше прикажано во Шангај. Наместо да одиме по ред, ќе се фокусираме на „експонатите“ кои предизвикаа најголемо воодушевување кај посетителите. Икспенг (Xpeng) приреди вистинско изненадување со претставувањето на летало од типот „ ленд еркрафт кериер“(land aircraft carrier), дрон дизајниран за превоз на материјални добра и луѓе на куси релации, како на пример Охрид – Струга – Св. Наум. Леталото има максимален долет од околу 45 километри и лета на висина од 300 до 500 метри. Неговата цена изнесува приближно 170.000 долари, а продажбата е најавена за декември оваа година или за почетокот на следната.
И Чери се појави со свое летало наречено „модул флаинг кар“, кое полетува и слетува вертикално. Леталото достигнува брзина од 120 km/h, со максимален долет од околу 80 километри и лета на височина до 1.000 метри. Првите тестирања беа спроведени во август минатата година и завршија со неколку успешни летови.
Летачката кочија на Хонгки треба да го има својот прв лет кон крајот на летото. Засега се работи само за концепт, но од компанијата Хонгки, односно групацијата ФАВ, во чиј состав се наоѓа брендот, најавуваат брз премин од концепт до сериско производство. Познато е растојанието на долетот, над 200 километри, изненадувачки солидна бројка за оваа категорија летала.
Електромоторното летало на ГАЦ веќе успешно изврши тестирање во март 2023 година, со лет над урбана средина, поточно над градот Гуангжу. Интересно е што ова летало може да се управува од пилот, но и да лета автономно, без човек на командите. Според производителот, досега се изведени дури 400 успешни тест-летови. Продажбата е планирана за 2027 година.
Чанган е уште еден производител на автомобили што започнува со развој на автомобили. За таа цел, компанијата потпиша договор за заеднички развој на летала со компанијата EHang. Заедно веќе имаат развиено три модели, „ех 216 – с“, ех 216 – ф“ и „ех 216 – л“. Според изјави на официјални претставници од Чанган, во наредните десет години компанијата планира да инвестира 100 милијарди јуани (околу 14 милијарди долари) во развој на трифибиски возила, способни да се движат по копно, воздух и вода – како и во хуманоидни роботи.
Меѓу присутните во Шангај беше и Аутофлајт со својот прототип летало „просперити 1 в 1500“, кое предизвика голем интерес. Познавачите на оваа област велат дека Аутофлајт е најнапреден, бидејќи ова летало може да прелета дури 250 километри со едно полнење на батеријата. Со ваков развој, за околу десетина години летачките автомобили ќе станат составен дел од секојдневието. На местото на таксистите ќе седат хуманоидни роботи кои ќе поседуваат мапи на целиот свет, вклучително и најмали земјани патчиња. Не би било изненадување ако класичните автомобили во иднина бидат заборавени, можеби доаѓа времето на леталата.