Во наредниве денови и недели Ауди ќе направи неколку рокади, иако досега веќе има направено. Првата рокада ја направи со неговото учество во натпреварите со електричната формула, односно тамошниот болид ќе го замени со теренско возило кое од наредната година ќе учествува на релито Дакар. Покрај оваа рокада, има уште една, а тоа е одењето во првенството на трките на издржливост односно ќе учествува на трката 24 часови Леман, но и на сите останати во календарот. Излегува од „формула е“, а влегува во релито Дакар и серијата Леман.
За влезот во релито веќе има подготвено возило кое ќе стартува наредната година во јануари, а првото изложување пред светската јавност ќе се случи оваа година во месец јули. Теренското возило, како што велат конструкторите е целосно електрифицирано и се задвижува со помош на два електромотори, а третиот заедно со бензинскиот ја формираат централата за производство и напојување со електрична енергија. Двата електромотори, по еден на оска, го задвижуваат возилото, додека бензинскиот заедно со третиот електромотор служат како централа за создавање електричната енергија која потоа се складира во батериите, бидејќи среде пустина нема електрична мрежа. И да напоменеме, електрифицираниот погон нема да се користи за време на специјалните испитни сесии кога се мери времето, туку надвор од нив, растојание кое вкупно брои околу 5.000 км. Електромоторите се позајмени од електричната формула, а турбо бензинскиот четирицилиндричен мотор (тфси) со работна зафатнина од 2,0 литри е позајмен од возилото кое учествува во трките ДТМ. Значи сè што се вградува е проверувано и испитувано со години наназад.
Ауди се враќа во релито по неколку децении пауза, односно последен пат бил дел од рели натпреварите во ’80 години од минатиот век. Сепак враќањето не сака да биде само враќање, туку сето тоа да биде изведено со голема помпа – Ауди се враќа во релито со врвно возило, кое ќе биде возено од врвни пилоти: легендарниот рели возач Карлос Саинц со две титули од СШР (Светски Шампионат во Рели) и три Дакар титули, потоа Мистер Дакар алијас Стефан Петерхансел со 14 титули од Дакар, осум со автомобил и шест со мотоцикл и Матијас Екстром двоен шампион од ДТМ, а на совозачкото седиште друштво ќе им прават совозачите: Лукас Круз, Емил Бергквист и Едуард Буланжер.