Крајот од годинава Ауди го искористи да сподели едно соопштение со јавноста. Во не толку кусото обраќање, Ауди најави излегување од Светскиот шампионат во формула е и повторно враќање во трките на издржливост, односно серијата Леман. Тоа точно значи негово видување догодина на лето за кога е закажано 89. издание од познатата трка 24 часа Леман. Колку за потсетување, Ауди со прототипот „р 18 е трон кватро“ беше непобедливо во три години една по друга.
Откако го потврди своето враќање во трките на издржливост, Ауди изненади со уште една новост, а тоа е неговата најава за учество во релито Дакар. Можеби за јавноста ова е малку чудно Ауди да биде дел од пустинската прашина и 10.000 километри за околу две недели. Сепак да потсетиме на учеството на Фолксваген на релито Дакар и тоа во неколку наврати, а Ауди е дел во поширокото семејство на „народниот автомобил“ и сега имаме мат позиција. Зошто шаховски се изразуваме? Затоа што едниот од семејството си замина, а друг влегува во игра. Тоа е таканаречената рокада во шаховската игра, или поточно измена, независно дали е брза како хокеарската, или спора како во фудбалот. Планот на Ауди е во 2022 да учествува на релито Дакар, а во трките на издржливост да се врати во 2023 година.
Сезоната 2020 / 2021 во формула е е последна за компанијата од Инголштад, но е прва во која во својот болид вградува електричен мотор од сопствено производство. Прва и последна сезона на Ауди со негов мотор, но тоа не значи дека производството на електромотори, за болидите од првенството со електричните болиди, ќе замре. Напротив, Ауди иако излегува од тоа друштво, сепак и натаму ќе развива погонски единици за електричните формули.
Жарко Атанасоски