AUDI A3-ДИЗАЈНЕРИТЕ ЈА ОБНОВИЈА „А ТРОЈКАТА“

18/03/2024

И „ауди а 3“ стаса за затегнување на брчките. Видоизменети одбојници и по некоја линија за истакнување на уметничкиот впечаток и ете ја аудиевата „а тројка“ во ново руво. „А 3“ е мошне занимлив модел, еден од омилените на тие што сакаат премиум автомобил од компактната класа. Истиот сега треба да биде уште позанимлив затоа што покрај класиката од комбилимузина и лимузина, има изведба наречена „олстрит“ која е за 30 мм повисока, односно нејзината најниска точка се наоѓа на 30 мм повисоко отколку кај двете веќе видени изведби. Затоа производителот поставил поинакви дотерувања на подвозјето со цел да не се наруши удобноста и секако стабилноста.

Обновените сега носат моделска година 2025, но сѐ уште имаат дизел мотори. На почетокот ќе се вградува тој со 150 КС во изведбата „35 тди“ но подоцна ќе следат и другите дизел мотори, по нив бензинските, но и хибридните. Спомнатиот дизел мотор е во комбинација со автоматскиот менувач „с троник“ со седум степени и погон на предната оска. Истиот менувач само со поинакви дотерувања се наоѓа и во бензинската изведба со 1,5 л турбо мотор со сета силина како дизелот, 150 КС. За разлика од надворешноста, внатрешниот дел од автомобилот претрпел помали измени, но затоа тука е неизбежниот 10 инчен повеќенаменски екран осетлив на допир заедно со виртуелниот кокпит. Од најмалку 380 до најмногу 1.200 литри. Тие што сакаат попрактична изведба, ќе мора да размислуваат да ја купат комбилимузината, затоа што лимузината не ги „вади“ тие максимални 1.200 л простор.

Почетната цена за основниот модел е 35.000 и повеќе. А кога новата „ а тројка“ ќе стигне кај нас, тоа го знае само увозникот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ