Ознаката „кватро“ е својствена и врзана за марката Ауди. Овој производител со зборот „кватро“ ги означува своите возила кои имаат погон на двете оски, односно на сите четири тркала. Придавката „кватро“ за првпат е употребена во 1980 година, така што годинава Ауди слави 40. годишен јубилеј. Можеби за нас мал, но за Ауди и за автомобилската индустрија ова е многу важен јубилеј. Првото големо меѓународно признание на системот „кватро“ му припадна на „ауди спорт кватро с 1“ возено од Валтер Рерл на американско тло, на своевидното „рели“ Пајкс Пик во 1987 година.
За оваа прилика Ауди подготвува ограничена серија од моделот „тт“ со посебни измени исклучиво во насока на подобрување на перформансите и нагласување на спортските особини. Назад моделот добива спојлер одговорен за аеродинамиката, поточно за лепење на автомобилот за подлогата при големи брзини. Задната клупа е отстранета и сега на нејзино место доминира карбонот со што вкупната тежина е намалена за речиси 16 килограми, а притоа ја подобрува торзионата цврстина на возилото.
Погонската единица е проверената 2,5 литарска „тфси“ со пет цилиндри во линија. Со помош на турбо компресор од неа се „извадани“ 400 КС и максимален вртежен момент од 480 Нм. „Ауди тт рс 40 иарс оф кварто“ постигнува максимални 280 км/ч и забрзување од 0 до 100 км/ч за воодушевувачки 3,7 секунди, време изразено во секунди кое победува еден тон закоравени спортски автомобили.
Јубилејниот модел има на располагање само една боја, белата, со декоративна тробојка – црвено бела сина. Сè во автомобилот е посветено на спортскиот дух. Нема нешто во него, а да не потсетува на возилата наменети исклучиво за трки. Ваков бисер од автомобил чини малку повеќе од неговата „обична“ (ауди тт рс). За „ауди тт рс 40 иарс оф кватро“ треба да издвоите 114.000 евра, но побрзајте затоа што моделот ќе биде произведен во точно 40 примероци, 40 години од првиот кватро модел и само 40 единици посветени на јубилејот.