ПРЕКРАСНО Е ЧУВСТВОТО КОГА НЕКОЈА ПОДЗАБОРАВЕНА РАБОТИЛНИЦА ПОВТОРНО ОЖИВУВА И ПРЕТСТАВУВА НОВ МОДЕЛ. БУДЕЊЕТО НА АТС ОД ДОЛГИОТ СОН Е СВОЕВИДЕН ПРАЗНИК ЗА СЛАДОКУСЦИТЕ НА СПОРТСКИТЕ АВТОМОБИЛИ И ТИЕ ШТО СЕ ДО УШИ ЗАЉУБЕНИ ВО ЧУДАТА НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА.
Која е таа компанија чие име е составено од кратенка со три букви? Сега ќе ви кажеме. АТС или „Аутомобили Туризмо е Спорт“ е формирана во 1961 година од Карло Чити и Џото Бизарини. Во тоа време обајцата работат како главни конструктори во Ферари, но по неколкуте кавги во „црвената палата“ во Маранело, неколкумина врвни дизајнери и конструктори поднесуваат оставки во 1961. Тоа било голем удар за Ферари, но историјата вели десетмината незадоволни си одат поради несогласување не со Енцо, туку со неговата сопруга, односно поради нејзиното постојано „шефување“ во фабриката. Чити и Бизарини ја основаат АТС и веднаш потоа на саемската изложба во Женева го претставуаат својот прв автомобил купе двоседот „2500 гт“. Нивните апетити и намери ги оствариле со влегувањето во формула 1. Компанијата АТС не постигнала никаков успех во најбрзиот циркус, а истото се случило и со туристичкиот автомобил кој бил произведен во само 12 примероци. Работилницата пропаднала, а нејзините основачи К. Чити и Џ. Бизарини оди секој на своја страна. Чити ја основа „Аутоделта“ и ја обновува соработката со Алфа Ромео – пред да дојде во Ферари тој со години работел во Алфа Ромео, а пак Бизарини ја основа компанијата „Бизарини“.
Денес таа иста работилница АТС има свој голем адут во ракавот со кој може да постигне голем успех, а тој адут конструкторите го нарекле „рр турбо“. Новиот автомобил е наменет исклучиво за трки и е развиван во одделот наречен АТС Корса. Неговата конструкција не само што е правена според сите стандарди за трки пропишани од ФИА, конструкција во која е употребена сета најсовремена технологија, таа иста конструкција е исклучителна цврста и лесна. На вакви нешта и Лотус, кога ќе разбере, веднаш ќе почне да завидува или веќе знае и завидува и позеленува од мака. Автомобилот има само 780 кг. Неговиот мотор е позајмен од Хонда и наново доработен. Со турбо компресор од четирите цилиндри распоредени во линија чија зафатнина изнесува 2,0 литри, „извадени“ се 600 КС при 8500 вр т/мин.
Соодносот на коњски сили со килограми е следниов, една коњска сила влече 1,297 кг (1кс/1,297 кг). Да не претераме, но овој сооднос е типичен за болидите, ако не од формула 1, тогаш од подолните класи.
Тимовите и поединците кои на трките гледаат како на своја професија, АТС им нуди врвен тркачки производ. Пред сè мора да се напомне дека производителот настојувал да направи беспрекорен автомобил за трки од најквалитетни материјали обработени со врвна технологија и сето тоа да биде спакувано во цена достапна за широк круг тркачи. Ретко се случува во светот на произведувачите на тркачки автомобили да посветат големо внимание на цената, поточно да го направат возилото достапно речиси за секој тркач. Возилото е преубаво да биде наменето исклучиво за трки, тие таму во работилницата можат да направат нешто како туристичка изведба – 600 КС и 780 кг, друмски болид, „саде мераци“.
Дали обичното, еднобојното возило што е покрај тркачкото „мириса“ на нешто како наменето за друмско возење?