ASTON MARTIN VANQUISH-КЛАСИКА ПО ТРЕТ ПАТ

05/09/2024

Повторно луксуз. По којзнае кој пат повторно луксуз и тоа од тој највисокиот. За оваа пригода се погрижи Астон Мартин со третата генерација од моделот „венквиш“. Овој модел е знаменосецот во семејството кога зборуваме за мотори сместени над предната оска. Класиката V12 сега има повеќе силина. Таа е позајмена од моделот „дбс суперлеџера“, но силината е зголемена од 715 (односно 759 КС од „дбс спешл“) на 835 коњи. Работната зафатнина останала иста, 5,2 л, но затоа двојното турбо заедно со уште неколку други дотерувања ја зголемиле силината. Затоа „астон мартин венквиш III“ од 0 до 100 км/ч забрзува за 3,3 сек. а показалката на брзиномерот застанува на бројката 345. Повеќе КС и од надалеку прочуениот и познатиот Ферари со неговиот модел „12 цилиндри“ (825 КС), но сепак Ферари е побрз при забрзувањето, за цели 0,4 сек, односно 2,9 сек.

Моторот напред, а автоматскиот менувач назад. Преку неговите осум брзини се пренесува силината од моторот до задната оска. Погонот е само на задната оска, а таму некаде се наоѓа и електронскиот самоблокирачки диференцијал кој не дозволува пролизгување при тргнувањето, односно двете тркала имаат подеднаков контакт со подлогата. Електрониката го заклучува диференцијалот за време од 135 милисекунди и тоа е неговата главна предност пред механичкиот самоблокирачки диференцијал.

Производителот веќе прима нарачки, а испораката на првите примероци ќе започне кон крајот на годинава, но од цената ни трага ни глас. Сепак меѓу другото, познато е следново, годишно ќе се произведуваат само по 1.000 „венквиши“. Така одлучиле челниците, најверојатно поради задржување на квалитетот и да напоменеме, автомобилот се изработува рачно, не е од тие „конфекциските“.

Кога ќе ви здосади оркестарот од 12 цилиндри во V со 48 вентили и двојното турбо заедно со издувниот систем, за уживателите следи добра музика, задолжени се 15 „би ви“ звучници. Ве копка тоа што производителот не ја соопштил цената? Озборувањата велат ќе се продава по цена од околу 270.000 евра.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ