Толку од класичните спортски автомобили спакувани строго во купе облик. Дури и најзакоравените попуштија пред налетот на дизајнот кој производителите го нарекоа „сув“, односно возило за забава. Светот од ден на ден сè повеќе купува „сув“ и на нив сличните возила, кросер, ситикрузер, геокрузер, екокрузер и уште каков не ти крузер. Ламборџини го претстави, истото го стори и Масерати, Порше, Бентли, Ферари е во најава, а и Лотус ќе тргне по стапките на неговите „пријатели“. Тука има уште неколку марки од спомнатата класа, но за нив и „нивните“ сув возила во некоја друга прилика.
Астон Мартин е следниот кој ќе приреди светска премиера на сув возило наречено „д б икс“. Денот е веќе најавен, 20 ноември, а местото на настанот е Пекинг. Не само што е сув, туку и местото на првичното претставување е посебно – во делот од планетата каде живеат над две и пол милијарди луѓе и дел во кој економиите се едни од најбрзорастечките. Производителот во првиот допис за јавноста ја опишува најмногу внатрешноста и како истата е грижливо осмислувана и правена, но нема никакви информации за димензиите и техничките особини на возилото. Сепак нешто се знае, а тоа е цената. „Астон мартин д б икс“ дома ќе чини 158.000 фунти, во земјата на Порше ќе се продава за 193.500 евра, во Јапонија потребни се 22.995.000 јени и 189.900 долари во земјата на каубојците.