По неколкуте одложувања на светската премиера, конечно на почетокот на февруари Алфа Ромео го претстави моделот „тонале“. Долго очекуваниот модел е втор „сув“ во семејството, но затоа е прв електрифициран во истото семејство.
Најприметлив е дизајнот, посебно напред каде доминираат светлата 3 + 3, позајмени најмногу од легендарната „алфа ромео с з (р з) загато“ дело на Роберт Опрон и Антонио Кастељана, а помалку од концептот „протео“ дело на Валтер да Силва, додека брановидната линија (дизајн) е позајмена од легендарната или како што некои велат најубавата „алфа ромео 33 страдале“.
Помал е од „стелвиото“ и затоа го кажуваат како директен конкурент во компактната „сув“ класа: „ауди ку 3“, „бмв икс 1“, „мерцедес гла“ и „волво икс ц 40“. Димензиите на моделот „тонале“ се следниве: 4.530 mm должина, 1.600 mm висина и 1.840 mm ширина, со меѓуоскино растојание од 2.636 mm.
Погонските агрегати, хибриден и „плаг ин“ хибриден, поседуваат солидни силини – првиот 160 КС извадени од четири цилиндричен 1,5 литарски мотор со променлива геометрија на турбото. Истиот мотор го има во понудата и со 130 КС. Сите мотори поседуваат автоматски менувачи, а овој спомнатиов користи седумстепен. Погонот за првпат е виден во „џип компас 4 икс е“, но со за нијанса помала силина. Штета, Алфа Ромео без обичен менувач, малку чудно, зарем не!?
Врв во понудата од хибридни мотори е 1,3 литарски „мулти ер“ турбо кој е одговорен за предната оска, а за задната одговорноста ја има електромотор со 15,5kWh батерија. Вкупната силина на двете погонски единици изнесува 275 КС доволни возилото да забрза од 0 до 100 км/ч за 6,2 секунди.
Во зависност од пазарите Алфа Ромео ќе вградува уште два мотори, за американскиот пазар 2,0 литарски турбо со 256 КС со погон на сите тркала и 1,6 литарски дизел со 128 КС за европскиот пазар со погон на предна оска. Моделите снабдени со двата снажни мотори имаат погон на сите тркала, додека на останатите преносот е на предната оска.
Основата на која е поставен новиот „сув“ од Алфа Ромео е таа со преден погон. Зошто токму оваа основа (шасија)? Затоа што има повеќе место за патниците од задната клупа и повеќе зафатнина во одделот за товар, односно поголема удобност. Затоа конструкторите не ја искористиле основата од моделот „џулија“, но ако ја позајмиле, тогаш моделот „тонале“ ќе бил далеку пред својата конкуренција во однос на стабилноста и тоа како шасијата се справува со сите предизвици. Да потсетиме, „алфа ромео џулија“ има шасија која претставува вистински дијамант во севкупната автомобилска индустрија – ниту една друга основа (шасија) не може да се мери со неа. Ако била вградена основата од моделот „џулија“, тогаш ќе имало помалку простор за патниците од задната клупа, помалку простор во одделот за товар и многу спортски чинители кои ќе дадат контра ефект во однос на удобноста.
Цената официјално сè уште не е објавена, но за основниот модел ќе треба да одвоите околу 28.000 евра, а за хибридниот со 272 КС и погон на сите тркала гласините велат 45.000 евра. Колку се овие гласини вистинити ќе дознаеме наскоро.
Компактната премиум „сув“ класа доби уште еден претставник кој има силни адути во ракавот и сега конкуренцијата ќе треба да се подзамисли што ќе прави и како ќе одговори. Производителот Алфа Ромео отсекогаш правел поместувања на пазарот, а конкуренцијата морала да прави прегрупирање на редовите за справување со „црвената фурија“. Токму тој сегмент од автомобилската индустрија е најбрзорастечки и обожуван од купувачите, а Алфа Ромео таму се спушти со „тонале“. Да видиме до каде ќе стаса. Првите примероци на континентов треба да влезат во продажните салони напролет, а за останатите делови од светот на почетокот од есента, со тоа што американските љубители на Алфа Ромео ќе треба да почекаат до почетокот од наредната 2023.
Името „тонале“ има повеќе значења, од боење во тонови или музицирање со тонирање на композицијата, но најверојатно името е позајмено од планинскиот превој Тонале кој се наоѓа на надморска висина од 1.883 метри во италијанскиот дел од Алпите и ги поврзува Трентино со Ломбардија – Пасо дел Тонале.