Кога сите го гледаа нејзиниот крај, впрочем и од седиштето во Милано најавија повлекување на моделот, „џулиета“, повторно се појавува и тоа со сиот свој сјај. Најновата вест за претставувањето на посебната изведба на „алфа ромео џулиета“ има и среќен и тажен дел. Среќниот е тоа што производителот исфрла посебна изведба наречена „110 едиционе хот хеч“, потсетувајќи го светот на 110. годишниот јубилеј, а тажниот дел од „приказната“ е тоа што засега моделот е наменет само за Мексико, а не и за континентов и останатиот дел од светот. Во „110 едиционе хот хеч“ го вградуваат најубавиот Алфин мотор, легендарниот четирицилиндричен со точно 1.742 кубни сантиметри со силина од 237 коњи добиени со помош на турбо компресор.
Жално е што еден ваков примерок кој ја нагласува 110. годишнината од постоењето на марката нема да се продава(!?) на континентов. Имало слични изведби со овој мотор, се продавале, но колку за инат на конкуренцијата би требало да го пуштат во продажба.
Ваков автомобил со забрзување од 0 до 100 км/ч за точно 6,0 секунди и крајна брзина од 244 км/ч, заслужува да се најде во продажните салони, тука на европскиот пазар. Не се толку битни брзинските способности на „алфа ромео 110 едиционе хот хеч“, туку најбитен е „допирот“ на оригиналниот мотор кој зад себе има многу да каже за неговите успеси на тркачките патеки. Овој примерок од моделот „џулиета“ има посебен финиш на кваките, посебни бои од кои едната е „росо компетиционе“, а другата „опак сива“. И да не зборуваме за останатите детали кои се специјално доработени исклучиво за оваа изведба. Автомобилот веќе се продава во Мексико по цена од 760.000 пезоси или околу 37.800 долари.
Жарко Атанасоски