Некој веќе напиша, „конечно „Алфа Ромео“ ги претстави долго најавуваните изведби „гта и гтам“ од моделот „џулија“. Сè е тоа точно, но едно нешто е испуштено, а тоа е состојбата во светот со грипот. Се случувало сите производители да доцнат со премиерното претставување на моделите, така што ни Алфа Ромео не е исклучок. Има тука и нешто од тоа што „шкрипи“ во погоните и во администрацијата на производителот, но и покрај сè, куќата од Милано не го погази своето ветување и на тие со најизоштрен вкус им понуди две „алфа ромео џулии“, едната „гта“, а другата „гтам“.
Убаво стокмен V6 мотор со работна зафатнина од 2,9 литри и двоен турбо компресор и како што вели производителот моторот испорачува 540 КС, а за нивниот звук кога се во полн трк одговорен е централно сместениот титаниумски издувен систем направан кај мајстор Акраповиќ. Треба едно нешто да разбереме, ова се изведби кои се прават да не речеме рачно. Ќе бидат произведени 500 примероци, 250 примероци од едната изведба и исто толку од другата. И сега се прашувате колку чинат тие две изведби – не многу, само 175.000 и 180.000 евра. Кој сака да има врвна спортска лимузина со заштитниот знак од Алфа Ромео ќе ги плати претходно наведените суми, едната од нив, а најважно од сето тоа е нивното ограничено производство од само 500 примероци и за разлика од изведбата „квадрифољо“, овие две се полесни за 100 килограми благодарение на карбонот и нему сличните материјали.
Сето ова мириса на однапред продадено и тоа не за било кој туку за веќе однапред познати купувачи. Тука ќе направиме една споредба со цените – тие се речиси исти со цените на „ламборџини хуракан“ и „ферари портофино“, тука се негде, можно е купињата да се поскапи за околу 15 до 20 илјади евра. Но имајте го во предвид следново, понудените изведби од 0 до 100 км/ч потребни им се само 3,6 секунди и сето тоа е облагородено со минатиот труд на марката и бројните одликувања на тркачките патеки. Тоа едновековно плодно спортско минато на Алфа Ромео многу тежи и мора да се плати.