ALFA ROMEO-АЛФИНИОТ 110. РОДЕНДЕН

02/04/2020

РЕТКО КОЈА МАРКА ОД АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА ИМА ТОЛКУ ТРОФЕЈНА ИСТОРИЈА КАКО АЛФА РОМЕО. ЗАТОА НЕЈЗИНИТЕ АВТОМОБИЛИ СЕ РАЗЛИКУВААТ ОД ОСТАНАТИТЕ БИДЕЈЌИ ВО СЕКОЈ ДЕЛ ОД НИВ СЕ КРИЕ ПО НЕШТО ОД ТАА ИСТОРИЈА ИСПИШАНА НА ТРКАЧКИТЕ ПАТЕКИ И ТРОФЕИ НАКИТЕНИ СО ЛОВОРОВИ ВЕНЦИ. СИТЕ АВТОМОБИЛИ ИМААТ СВОЈА КЛАСА, ПРИПАЃААТ НА НЕКОЈА ОД НИВ, НО ИМА ЕДЕН МОМЕНТ КОЈ ВЕЛИ, „АЛФА РОМЕО Е КЛАСА ЗА СЕБЕ“. ИМЕТО НА ОВАА МАРКА Е ПРЕМНОГУ ТЕШКО И ПРЕГОЛЕМО ЗАТОА ШТО Е „КОВАНО“ ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК ИСКЛУЧИВО НА ТРКАЧКИТЕ ПАТЕКИ, А ПОТОА СЕТО ТОА ИСКУСТВО Е ВГРАДУВАНО ВО СЕРИСКИТЕ АВТОМОБИЛИ.

 

Исто како во минатите години, така и во оваа ќе продолжиме со историските моменти врзани за автомобилската индустрија. Годинава покрај другите, една марка слави 110. години од своето постоење.

Почетоците на компанијата датираат од 1910 година кога аристократот Уго Стела ги купува акциите и со тоа станува доминантен сопственик на Автомобили Дарак, француска фабрика лоцирана во Милано. Потоа грофот У. Стела истата година на 24 јуни ја преименува фабриката во „Анонима Ломбарда Фабрика Аутомобили“, скратено А.Л.Ф.А.

Приказната продолжува со младиот технички директор Џузепе Мероси кој на почетокот од својата кариера продавал велосипеди, а подоцна работел како конструктор на автомобили во ФИАТ и мотоцикли во Бјанчи. Откако оди во АЛФА, таму го конструира првиот автомобил со мотор од 4,1 литри со една брегаста, кој постигнувал брзина од 100 км/ч. Значи, Џузепе Мероси е првиот кој направил автомобил во АЛФА и воедно го носел истото име како фабриката, А.Л.Ф.А. Тој ист конструктор во 1914 година ќе го конструира првит тр- качки автомобил „алфа гран при“, на основа од туристичкиот „40 – 60 хп“. Моторот со 4,5 литри работна зафатнина бил способен да го понесе автомобилот до крајни 140 км/ч. Тука треба да се напомне следново, во тој мотор за прв пат било вградено двојното палење на смесата во цилиндрите, односно „твин спарк“ (двојна искра) како што пишува на задниот дел од „алфите“.

Првата светска војна веќе била во полн ек. Таквата состојба ги испревртела Алфините планови. Компанијата била речиси пред распаѓање затоа што производството престанало, но еден електро инжeнер од Неапол, Никола Ромео, ја купува фабриката и почнал да произведува авионски мотори и мали компресори за државата. Тоа се случува во 1915 година и воедно ја преименува фабриката во „Сосиета Анонима Италијана Никола Ромео“, а на новиот заштитен знак било испишано „Алфа Ромео Милано“. Подоцна, некаде на крајот од војната, главните вложувачи решиле да го поедностават името. Новото име, Алфа Ромео било регистри- рано на 3 февруари во 1918 и оттогаш до денешен ден го носи тоа име. Потоа почнува ерата на повторно производство на автомобили и секако, учество на трките. На домашно тло главните трки се возеле на патекaта Мугело, Парма Баркето и Бреша, а Алфа Ромео со своите болиди била неодвоив дел од тој „циркус“.

На сцена повторно стапува Мероси, кога во 1922 год. го создава моделот „рл“. Автомобилот имал мотор со шест цилиндри во линија и сопирачки на сите тркала. Со тој автомобил Алфа Ромео постигнува врвни резултати, а делото, тркачкиот автомобил, често бил нарекуван „чудото на Џузепе Мероси“. Победите на трките ја зголемило побарувачката, а нарачките стигнувале од секаде. Биле произведени дури 2640 примероци од „алфа ромео рл“. За овој модел е врзана една мега голема случка, од која ќе се роди легендата за симпатичен ситен детал што веднаш потоа ќе го имаат сите Алфини тркачки автомобили. Возачот Уго Сивоки со намера да го тргне „малерот“ со тие негови втори места на трките. Додека траеле последните подготовки за трката Тарга Флорио на Сицилија, Сивоки со бела боја нацртал квадрат на неговиот автомобил и во него детелина со четири чиста. Таа детелина требало да му носи среќа за време на трката, а сето тоа го сторил затоа што бил многу суеверен. Квадратот го симболизирал бројот на тркачите кои возеле во тимот на Алфа Ромео – по еден агол за секој тркач. Уго Сивоки победува на трката и на неговата радост Ѝ немало крај. Втор на целта стигнал Аскари, а на четвртото Масерати. На првите четири места. три „рл“. Тоа се случило во 1923 година. Неколку недели подоцна Уго Сивоки тестирал нов тркачки автомобил на патеката Монца, моделот „п 1“, но како за чудо на тој автомобил го немало белиот квадрат со зелена четирилисна детелина. Тој ден за време на тестирањето Уго Сивоки трагично го завршува својот живот. Оттогаш сите тркачки авомобили од Алфа Ромео имаат на себе зелена четирилисна детелина во бел триаголник, а не четириаголник – недостасува еден агол затоа што тој ја симболизира загубата на Уго Сивоки. На тој начин е родена легендата за „квадривољо верде“, симболот на достојни вредности и секако, на добра среќа. Покрај тркачките, денес „детелината“ ја имаат најснажните во Алфа Ромео.

Втората половина од ’20 години е позната по времето на големиот конструктор Виторио Јано и неговиот осум цилиндричен мотор вграден во моделот „грн премио типо п2“. Овој тркачки модел бил многу понадмоќен од останатите и затоа денес претставува одбележје на деценијата. Во 1925 год. Гастон Брили Пери го освојува првиот Светски Шампионат за Алфа Ромео, а на целта сите четири болиди „гран пре- мио типо п2“ стигнуваат еден по друг, а петтопласираниот стигнува на целта дури 45 минути подоцна.

Крајот на деценијата Алфа Ромео го дочекува со излегување од трките. Тоа се случува во 1929. Тогаш Енцо Ферари кој дотогаш бил еден од главните во тркачкиот оддел на Алфа Ромео, го раскинува работниот однос со компанијата и формира своја и постигнува договор да ги земе сите тркачки автомобили со кои би продолжил да се трка. Тимот Скудерија Ферари на Енцо кој брои 40 возачи, односно ги собрал сите најдо- бри во тоа време, и Аскари, и Нуволари, и Кампари. Скудерија Ферари ги вози Алфините болиди на кои имало уште еден заштитен знак, односно знакот на новоформираниот тркачки тим Скудерија Ферари – стилизиран жолт штит со италијанската тробојка на горниот дел и во средина вознемиреното црно коњче (ил кавалино рампанте).

Алфа се откажува од трките, но не може без нив. Во 1929 повторно Виториот Јано прави најдобар автомобил „ 6C 1750“. Со него Нуволари и Гуидоти победуваат на Миле Миља со рекордна просечна брзина од 100 км/ч – на првите четири места, четири Алфи „6C 1750“. По две години, 1931 Алфа Ромео за првпат победува на трката 24 часа Ле Ман со болидот „8 ц 2300“ на Виторио Јано, со просечна брзина од 125,4 км/ч изминувајќи 3015 километри за 24 часа. Следната година Алфа Ромео повторно има супериорен болид „типо б“, попознат како „п 3“, најдобриот едносед кој В. Јано го направил. Тацио Нуволари со него победил на сите трки во 1932 година: Монако, Тарга Флорио, ГП на Италија, ГП на Франција, Куо Џијано и Куп Акербо.

Потоа во Алфа Ромео доаѓа нов директор. Во 1933 Алфа Ромео е купена од ИРИ, италијански Институт за Индустриски Реконструкции. Трките му се препуштени на Енцо Ферари и детелината со четири листа е замнета со знакот на Скудерија Ферари. И по којзнае кој пат Алфа се враќа на патеките, овој пат во Германија на Нирбургринг каде Нуволари ги победува сите германски болиди. Неговиот стар Алфин тркачки „п 3“ беше доволен да му признаат дека е најдобриот возач во светот. Годината 1937 е резервирана за преубавиот „8 ц 2900“ чија тркачка изведба во 1938 ги има првите три места на трката Миле Миља.

По овој болид следи моделот „158“ најтенкиот и најлутиот едносед што излегол од Алфа Ромео. И Енцо Ферари потекнува од „школата“ на Алфа Ромео. Тука го „ковал“ и усовршувал тркачкиот и конструкторскиот занает. Оттаму и црвената боја на неговите автомобили и болиди, исто како кај Алфа. Ако Алфа Ромео не постоела, тешко дека ќе постоел Ферари. Продолжувањето на традицијата и постојаното производство на супериорни направи на четири тркала ја доведува Алфа Ромео да слави шампионска титула во првата официјална сезона од трките во Формула 1 со Џузепе Нино Фарина. Наредната сезона, 1951, Хуан Мануел Фанџо е светски шампион во формула еден со болидот на Алфа Ромео модел „159 алфета“. По овој бум во шампионатот од формула 1 настапува период на затишје во најбрзиот циркус и доаѓа до смена во врвот. Оттогаш на чело е Џузепе Лураџи. Според постигнатите резултати се приметува неговото залагање во делот за туристичките автомобили. Алфа Ромео бележи постојан раст на капацитетите и производството. Во тој период Бертоне го дизајнира популарниот модел „џулиета“ во 1954. Најнапред беше претставена изведбата „спринт“, а потоа сите останати: „берлина“, „ти“, „спринт“ и „спајдер“ во изведба „велоче“, спринт спешл и спринт загато. Автомобилот веднаш стана најпосакуваниот и претставуваше симбол на италијанската крeативност. Карло Абарт соработувал со Алфа Ромео за спортскиот модел „алфа ромео 750“, а „џулиетата“ стасала кај него на дополнителни подесувања (засилувања) за потребите на тркачките тимови во класата гран туризмо. На ред е моделот „џулија“, во 1962, рeволуционерен со неговата екстремна аеродинамика за тоа време (0,34 cW), но и со останатите техничко технолошки иновации и сигурносни елементи.

Враќањето на Алфа Ромео на тркачките патеки е поврзано со Карло Чити и неговиот тим Аутоделта во 1963 година. Бертоне и Џуџаро ги засукуваат ракавите и ја создаваат „џулиа спринт гт“ со алуминиумски елементи и 1,6 литарски мотор. Туристичкиот болид три години по ред ја земаше титулата во Европскиот Шампионат за Туристички Автомобили.

Друг модел по кој се памети Алфа Ромео е „дуето“, 1966, прекрасен отворен двосед наменет строго за уживање, а во 1967 на сцена стапува „трента тре“, односно „33“. Од овој модел е црпена инспирацијата за сегашниот „4 ц“. Потоа се нижат моделите: „монтреал“, „алфета“ со повеќе изведби и мотори. Изведбите од „алфа ромео гта“, „гта јуниор“ и „гта 1600“, направија пореметување во Шампионатот за туристички автомобили во Европа. Во 1972 победи на сите трки и обезбедува двојна титула, за возач и за конструктори.

По којзнае кој пат кога Алфа Ромео ќе се појави со ново тркачко возило предизвикува паника кај конкурентите. И со право е така – во 1975 Карло Чити го создава моделот „33 тт 12“. Боксер моторот со 12 цилиндри и 500 КС беше сосема „солиден“ да го освои Шампионатот на светот за спортски автомобили со седум победи од осум трки.

Следната година Алфа се враќа во формула 1 во тимот на Бребем. Без поголем успех болидите беа возени од Ники Лауда и Џон Вотсон, но затоа во Светскиот Шампионатот за спортски автомобили со моделот „33 сц 12“ победувајќи на осум трки од осум настапи.

’80 години беа запаметени по отворањето на сопствениот дизајнерски центар под водство на Валтер де Сил- ва, но и по одењето под капата на Фиат во 1986 година. За ваша информација сè уште е таму. Првиот модел откако Алфа Ромео е под Фиат е „164“, елеганција до совршенство, дело на Пининфарина, лимузина со префинет и чист дизајн, автомобил кој беше прифатен и на континентот преку „големата вода“. Се појавува и наследникот на популарниот „75“, моделот „155“ кој со V6 моторот дотеран за трки направи „пепел“ во земјата на: Ауди, БМВ, Мерцедес и Опел. „155 V6 ти“ дебитира на трката во германскиот шампионат за туристички автомобили. Патека Нирбургринг, зад управувачот Никола Ларини. Тој вози 11 наjбрзи кругови и ја победува сета домашна машинерија на спектакуларен начин. Тоа се случило во 1993 година. Една од најдобрите лимузини покрај 164, секако е и „156“ претставена во 1997. Нејзините технолошки напредни решенија и дизајн со „арома“ на ретро, ја понесе титулата Автомобил на годината во 1998 на континентов. Малку подоцна излегува и најсилната изведба со наставка „гта“. Фабрицио Џованарди две години по ред, 1998 и 1999 го освојуваше првото место во италијанскиот супертуризмо шампионат. Време е за смена на моделите. Се појавува „159“ и купето „брера“ во 2005, а во 2007 ограничената серија од моделот „8 ц компетиционе“, луксузно купе со V8 мотор кој ja испишуваше алфината тркачка историја во ’30. За тие кои обожуваат класичен спајдер Алфа во 2015 претстави модел „4 ц“ во две изведби, купе и спајдер – модел наменет исклучиво за уживање. Денес ги имаме моделите „џулија“ и помалата „џулиета“ затоа е џулиета, нејзиното име кажува дека е помала, сув моделот „стелвио“ и помалиот сув „тонале“ сè уште концепт, а мистичниот „мито“ не е веќе во производство. Алфа Ромео не е само фабрика за автомобили. Тоа е еден вид болест, завидливост (љубомора) во смисла на возењето. Сè е во чувствата, во страста и сè друго што може повеќе да се направи со срцето отколку со главата. (Орацио Сата Пулига).

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ