МАШКИТЕ ЧАНТИ, БИЛО АКТОВКА (АКТ-ЧАНТА), БИЛО ПОРТФЕЉ, ОСВЕН ШТО СЕ ПРАКТИЧНИ, ВАЖАТ И КАКО АКСЕСОАРИ, МОДНИ ДОДАТОЦИ НА БИЗНИСМЕНИТЕ, ПРИПАДНИЦИТЕ НА ЈАПИ ГЕНЕРАЦИЈАТА И СЛИЧНО. ВО НИВ МОЖЕТЕ ДА ГИ СМЕСТИТЕ АКТИТЕ, ОДНОСНО ДОКУМЕНТИТЕ, РАКОПИСИТЕ, ЛАПТОПОТ, КАКО И ДРУГИТЕ ПОТРЕБНИ РАБОТИ, ОД ПОЛНАЧ ДО ПАРИЧНИК. СТАРИ СЕ, ДАТИРААТ МНОГУ ОДАМНА, УШТЕ ОД ВРЕМЕТО НА ЛЕГИОНЕРИТЕ
Секој бизнисмен, јапи мора да внимава на својот имиџ кога е деловноста во прашање, неговата професионалност, како во работата, меѓучовечките односи (чувството на колегијалност е особено важно), така и во начинот на облекување, т.е. стилот. Изгледот е битен исто како претходно набројаното, можеби не пресуден, но… Треба да се внимава на него, дефинитивно. А, чантата е дел од стилот, некако ја дополнува гардеробата за дневната работа, задолженијата поврзани со неа и ја заокружува. Со костум е полн погодок, па и доколку е лежерна, согласно кодексот во фирмата, компанијата каде што работите или, пак, соработувате. Начинот на кој ќе се претставите говори за вас. Од таа причина е особено важен, а и довербата е поголема, едноставно ќе ви веруваат, ќе ве гледаат како сериозен човек што целосно е посветен на работата во секој поглед.
Не случајно е така. Освен што е битен аксесоар, моден додаток, чантата има и практична примена бидејќи во неа можат да се сместат ракописите, документите, односно актите, вклучително и лаптопот, како и другите потребни работи, од полнач до паричник. Нејзината намена е определена многу одамна, но со текот на времето е толку надградена што важи за особено важен моден додаток или аксесоар.
Почетоците се можеби скромни, ама денес е барана повеќе од кога било. Индустријата, производството на чантите бележи постојан раст, а според годишните извештаи се продаваат околу десет милијарди, па и повеќе. Занимлива е информацијата дека зборот буџет (анг. budget) има латинско потекло и е поврзан со чантата, нејзиното значење. Истото важи за ирските изведенки. Едноставно нема случајности, а и подреденоста на работите е таква, неслучајна.
Таа е измислена за работите да има каде да се чуваат, да не се носат во раце. Најблизок до актовката (акт-чантата) и портфељот е староримскиот лоцулус (торба) на легионерите, војниците во староримската легија, од првиот до третиот век, а неговите димензии од 18 до 20 инча (45,72×50,8 см), вклучително и неговата изработка од парче козја или телешка кожа, со зајакнати дијагонални ремени во средината поврзани со бронзен прстен, закачен на штанга или каиш со два прстена, и натаму е инспирација за дизајнот на машката чанта денес.
Во петнаесеттиот век сè уште немало џебови на облеката, па чантата се користела за чување и пренесување на документи, книги (Библијата), писма, ракописи, па и реликвии, кои морале да бидат заштитени. Шекспир на пример, во 1599 год., говорел за нејзината популарност во комедијата As You Like It, каде што го споменува „плачливиот ученик со неговата чанта“, кога ја носеле и децата на училиште. Нејзината диверзификација придонела и за употреба на различни материјали, но најчесто се применувала кожата, поради цврстината, отпорноста, долготрајноста. Во Музејот на чанти во Амстердам е изложена една од шеснаесеттиот век, со 18 прегради, сопственост на благородник. Тогаш аристократите ја носеле заради престиж, но и за криење на пари на пример.
Појавата на џебовите на облеката во седумнаесеттиот век ги отфрлила машките чанти, освен кога се носеле документи, ракописи.., но затоа, пак, женските ги помамиле сите госпоѓи, госпоѓици. Еден век потоа биле дел од воената облека, се носеле на рамо, додека војската на Наполеон имала ранци. За време на Граѓанската војна било незамисливо да се забележат војници без чанти.
Во деветнаесеттиот век се револуционизирало производството на машките чанти, во изработката се користеле и други материјали освен кожата и актовките (акт-чантите), портфелите станале белег на бирократите, но набргу станале достапни за сите. Трговските марки, дизајните, влијаеле на изборот, купувачката, но биле и поголеми, во почетокот личеле на куферчиња за подоцна да се актуализираат и поинакви форми, помеки, со преклоп и рачки.
Овој, дваесет и првиот е век на минимализмот, иако движењето настанало во минатиот, а и големината на чантите значително е намалена. Полека се враќаат и традиционалните стилови, но секогаш од мануфактурите на луксузните и останатите модни куќи се лансираат и нови, чии модели се толку привлечни што едноставно се неодоливи.
Последните неколку години, актовките или портфелите, како-годе, се заменети со чанти за лаптопи бидејќи тие се неизоставни во работата, но и актите, т.е. документите, па и ракописите мора да се чуваат некаде, да се понесат со себе кога е потребно, затоа и се повеќенаменски. Без оглед на хај-тек материјалите кои се употребуваат, сепак нема поелегантен од кожата, поотмен, попрефинет што дополнително ја истакнува нивната убавина, т.е. привлечноста на моделите за кои дизајнерите се трудат да ја зачуваат првичноста, но истовремено и да внесат нешто инакво, ново. На пример, многу од нив имаат странични џебови, држачи за чадори, за јакни.., обично со кожени ремени, со цврсти рачки, со можност да се носат и на рамо, но и да не предизвикуваат гребаници, рани од носење подолго време или од тежината. Сепак, кожата е најбарана. Некогаш и моделот не е пресуден во изборот бидејќи таа е убава сама по себе, особено ако е релјефна, нерамна, со површинска текстура. Помали се отпорано, потанки, а и често се носат во рака, ретко на рамо. Всушност, на костум и не му прилега чанта на рамо. Исто така е важно да одговара на гардеробата, особено на чевлите, па и на каишот. За разлика од жените кои можат да носат и дијаметрално различни бои, тоа не е препорачливо за мажите, посебно бизнисмените, припадниците на јапи генерацијата. Бојата не мора да биде иста, но тоновите (светли, темни), нијансите би требало да соодветствуваат.
Кога се цените во прашање, тие варираат. Има чанти за сечиј џеб. Секако дека е битна и трговската марка, т.е. брендот, но високата цена говори за нејзиниот голем квалитет, на кожата се разбира или евентуално на друг материјал чие производство е невообичаено, ретко, за начинот на изработка (многу од нив се прават рачно), за дизајнот. Нема луксузна трговска марка со низок, мал квалитет. Спротивното е само привид.
Кожените во исто време се и потрајни, долговремени, некогаш и поубави откога се купени, нови, а инвестицијата зависи од можностите. Непишано правило е дека поскапите се и поисплатливи, евтините се оштетуваат бргу, се распаѓаат за кратко време, па наново треба да се купи друга. Нема потреба од голем број, доволна е и една, нека бидат и две, зошто да не, кои ќе одговараат на целокупната облека, вклучително и на чевлите, каишите. Затоа се препорачуваат неутрални бои. Црната е совршена, плавата исто така, но и земјените, во боја на песок или на кафе, се убави, непогрешни во изборот и комбинациите што се прават со гардеробата за на работа. Есенските денови кои вообичаено се променливи, врнежливи, кога чадорот е неопходен, се препорачува да одговара на чантата – актовка (акт-чанта) или портфељ. Имиџот, стилот, односно начинот на облекување, додатоците, аксесоарите, е битен за успехот, напредувањето во кариерата и, воопшто, за комплетниот впечаток на секој маж што го остава кога оди на работа, на состанок, па и на деловен ручек или на кафе.