Во сета оваа бркотница предизвикана од електрификација на автомобилите, една култна марка ја претстави новата генерација од уште покултниот модел „кобра“. Производителот АЦ Карс реши да оди чекор напред, да претстави нова генерација од легендата „кобра“, но овој пат да измени многу нешта со цел да биде во чекор со времето. Да напомниме дека АЦ Карс никогаш не трчал да произведе повеќе, туку произведувал по нарачка и ја чувал традицијате со децениинаназад од основање на работилницата и компанијата. Кога зборуваме за дизајнот, новата „кобра гт роудстер“ е сосема иста во споредба со претходната, само што сега автомобилот е малку поголем и е правен со современи материјали.
На пример, шасијата сега е алуминиумска, двоседот има поголеми тркала, меѓуоскиното растојание е поголемо за 284 мм, но исто така, и трагата од тркалата е зголемена, сега е поширока. И школката на автомобилот е поинаква, не е метална туку е направена од повеќе видови јаглеродни влакна и тежи само 50 кг. Внесувањето на современите методи на конструирање роустери придонесува за максимална безбедност во возилото, а современите материјали придонесуваатза поголемо ниво на квалитет. Сепак што се однесува до изгледот, тој е крајно сличен, ист со досегашната генерација од моделот „кобра гт роудстер“.
Моторот е V8 со работна зафатина од 5,0 л. располага со 454 КС и максималенвртежен момент од 570 Нм, но има изведба со истиот мотор, но со силина од дури 654 коњи и 780 Нм вртежен момент. На купувачите им се нуди обичен пренос на силината со шест брзини и автоматски со десет брзини. И со едниот и со другиот менувач силината се пренесува на задната оска. Како што вели производителот роустерот тежок 1.450 кг постигнува забрзување од 0 до 100 км/ч за 3,58 секунди со изведбата која има 654 КС.
Козметички измени има и во одделот за патниците, таблата со инструментите има по некој прекинувач повеќе, по некоја современа досетка, но има и мал екран, ситница без која денес не се може (така изјавуваат денешните купувачи). Светот за првпат ја виде новата изведба на „ац кобра гт роудстер“ на крајот одпрвата третина од месец мај, а местото на претставувањето беше фудбалскиот стадион од екипата на Тотенхем.