ДЕЛ ОД ТРКИТЕ КОИ ВЛЕГОА ВО КАЛЕНДАРОТ НА ФОРМУЛА 1 ЗА СПАС НА СЕЗОНАТА ВО 2020 ГОДИНА, ДОНЕСОА МОМЕНТИ КОИ ЌЕ ОСТАНАТ ЗАПИШАНИ ВО ХРОНОЛОГИЈАТА НА СПОРТОТ.
РЕНЕСАНСА НА ФЕРАРИ ВО КОЛЕВКАТА НА РЕНЕСАНСАТА
Ферари е на шесто место во генералниот пласман кај конструкторите, а откако на оваа тема повеќе пати тимскиот шеф и главен инженер Матија Биното даде одговор дека нивните усилби се насочени кон идните сезони, за време на јубилејната прослава од 1000 настапи на ГН Тоскана своја изјава даде и извршниот директор на Ферари, Луј Камилери.
– Во бездна сме, сите го знаеме тоа. Повеќе фактори влијаеја на таквото нешто, но сè што сега би кажал ќе звучи како изговор, а ние во Ферари не го сакаме тоа. Важно е да се фокусираме на проблемите кои ги имаме и да се обидеме да најдеме решение. Реално, ќе ни биде многу тешко. Во Формула 1 секогаш има време за борба на патеката и кога станува збор за развојот на возилата, но не постои магично копче, дефинитивно ќе ни биде потребно време, – изјави Камилери, ставајќи акцент дека ренесансата ја очекува во 2022, а не во 2021 година.
Тој потоа упати и пофални зборови до нивните конкуренти.
– На ривалите од Мерцедес им симнуваме капа, сработија фантастично, но ќе видиме како ќе изгледа се во 2022 година со новите правила, – заврши Камилери.
Додека Луис Хамилтон незапирливо ниже пол позиции и победи со кои испишува нови страници во историјата на Формула 1, во најбрзиот „циркус на тркала“ беа одбележани и други моменти за време на трките во Монца и Муџело кои го одбележаа почетокот на септември.
Така, во трката за Големата награда на Италија во легендарната Монца, откако Хамилтон дојде до рекордна 94. пол позиција во кариерата, во трката направи грешка влегувајќи во бокс во време кога влезот за тоа беше забранет. Тој мораше да отслужи казна од 10 секунди стоење во боксот, што на останатите им даде шанса да се борат за врвот.
За несреќа, во таквиот расплет неговите конкуренти во борбата за титулата не се снајдоа најдобро: Леклер имаше инцидент (поради кој и настана целата збрка) и ја измести заштитната ограда која мораше да биде поправена, а Ферстапен и Фетел се откажаа. Единствено Ботас остана во игра, но не успеа да стигне до подиумот. Поради сплет на околности, во моментите на прекинот, на челната позиција се најдоа болидите на Пјер Гасли од Алфа Таури и Карлос Саинц од Мекларен. Французинот успеа да ја мине целта прв, со што стана првиот возач од оваа земја кој триумфирал на Ф1 трка од 1996 година, односно од победата на Оливие Пани во Монако, а бонус во сета таа статистика е дека Гасли е роден токму во таа 1996 година.
Карлос Саинц му се доближуваше од круг во круг, па со право може да жали што испушти победа, едноставно трката беше круг или два пократка од неговите потреби за победа во неа. Дел од тие кругови беа загубени возејќи зад безбедносно возило, или, пак, во формациски круг пред рестартот од стоечки старт, но овој пат „хороскопот“ му беше наклонет на неговиот ривал. Уште еден возач со идеален „хороскоп“ беше Ленс Строл, кој немаше направено пит стоп и во прекинот на трката доби дозвола да ги смени пневматиците, па се одржа на високото трето место и го освои првиот подиум во кариерата. Ландо Норис го комплетира убавиот ден за Мекларен одбранувајќи ја четвртата позиција од Валтери Ботас.
Големите тимови како Мерцедес, Ред Бул и Ферари имаа низа од 146 победи (по триумфот на Кими Раиконен со Лотус во Австралија 2013 година), а последен подиум без ниту еден возач од овие три тима е трката за Големата награда на Унгарија во 2012 година (победа на Хамилтон со Мекларен). На следната трка возена како Голема награда на Тоскана, за првпат под тоа име и за првпат на патеката Муџело (поседувана од Ферари), главна вест беше одбележувањето на јубилејот од 1000 настапи на италијанскиот тим, основан од Енцо Ферари, кој во овој спорт е од неговата прва сезона во 1950 година. Формула 1 го одбележа јубилејот од 1000 трки лани во Шангај, а разликата од околу 25 трки меѓу двата јубилеја се должи на фактот дека Италијаните не учествувале на некои од раните прекуокеански трки, вклучувајќи тука и десетина трки од легендарната „500 милји на Индијанаполис“ кои во периодот 1950-1960 се бодувале и за Формула 1. Со новата пол позиција, број 95 во кариерата, Луис Хамилтон се одвои на врвот и повторно се етаблираше како супериорен пилот со уште посупериорен болид. Во трката со еден летечки рестарт и два стоечки, Хамилтон и Ботас во еден од стартовите ги сменија позициите, но Британецот потоа му се реваншираше на тимскиот колега и тоа беше се што се однесуваше до прашањето за победник во трката. Со триумфот, Хамилтон дојде до бројка од 90 победи, односно на една помалку од рекордот на Шумахер, со кого најверојатно и ќе се изедначи по бројот на титули на крајот од сезоната.
За разлика од Ботас кој со освојувањето на второто место се зацврсти и како втор во генералниот пласман, Ферстапен имаше дефект на моторот уште на старот, а потоа беше удрен одзади. Овој пат за Ред Бул имаше втора шанса со Алекс Албон кој стартуваше од вториот ред заедно со славниот тимски колега. Останатите занимливости беа во борбата за другите позиции, особено оној на Рикардо кој најпрвин се избори за третата позиција со ривалите, а потоа во последната етапа беше престигнат од Албон, па заврши четврти. Бодови освоија уште Перез, Норис, Квијат, Леклер, Раиконен и Фетел.
Во генералниот пласман води Хамилтон со 190 бода, Ботас има 135, а Ферстапен со 110 е на третата позиција. Мерцедес како конструктор е прв со 325 бода, Ред Бул има 173 поени, додека во борбата за третото место засега учествуваат три екипи: Мекларен со 106, Рејсинг поинт со 92 и Рено со 83 бода, додека Ферари е на шеста позиција.
На 27 септември закажана е трката за Големата награда на Русија, а во текот на октомври планирани се уште две трки во Германија и Португалија.
ФЕТЕЛ ОСТАНУВА ВО ФОРМУЛА 1 СО НОВИОТ ТИМ НА АСТОН МАРТИН
Во 2021 година сегашниот тим „Рејсинг Поинт“ ќе биде ребрендиран како Астон Мартин, проект во кој лидер ќе биде четирикратниот светски првак Себастијан Фетел. Тој беше на работ од пензија поради тоа што пред најновиот расплет на настаните, не можеше да пронајде атрактивна средина.
– Вистина е, бев блиску до пензионирање. Многу размислував, се прашував што е најдобро за мене и пензионирањето секако беше опција пред да се случи ова. Бев дефокусиран, многу размислував со седмици, месеци, но она што го одлучив сега, мислам дека е најдобро за мене. Со нетрпение чекам да се докажам на патеката. Реков дека ќе останам во Формула 1 ако има нешто што навистина ќе ме предизвика. Јасно е дека перформансите на „Рејсинг Поинт“ оваа сезона се сè повеќе за запазување. Покрај тоа, со новите правила, трките ќе бидат доста поизедначени и ќе има шанса за многумина. Ќе треба да докажеме на што се сме способни, – изјави Фетел по потврдата на ангажманот за наредната сезона.