Автомобил на годината во Македонија за 2020 година – ги оправда очекувањата!

24/02/2020

Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ годинава по 25. пат го организира изборот кој е најстарата манифестација од ваков вид во Македонија.

Од моделите пристигнати на македонскиот пазар помеѓу двата избора, Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ согласно Правилникот за работа и критериумите на изборот, одреди шест (6) финалисти кои годинава рамноправно конкурираа за титулата „Автомобил на годината во Македонија за 2020“. Победникот како награда добива стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, направено специјално за Изборот на автомобил на годината во Македонија уште од 1995 година.

Листа на финалисти ја сочинуваа:

  • Kia XCeed
  • Toyota RAV4
  • Opel Corsa
  • Mazda 3
  • BMW 1
  • SsangYong Korando

Право на глас имаат и финалистите, кои можеа да гласаат за еден кандидат, освен за сопствениот модел. Возилото што доби најмногу гласови од финалистите освојува еден (1) глас кој е рамноправен со гласовите на членовите на жирито.

По анализатa на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија, титулата ја додели на Opel Corsa.

„Corsa како прв сосема нов модел откако Opel стана дел од семејството на PSA во целост ги оправда очекувањата. Современиот изглед и модерните технологии меѓу кои и електричната погонска група ѝ даваат предност во настапот на пазарот, посебно во земји како Македонија каде купувачите ќе ги освојува и со атрактивната цена“.

При изборот на Автомобилот на годината Националното Жири се раководеше од шесте критериуми:

  • адекватност и понуда на домашниот пазар
  • економичност и еколошка прифатливост
  • безбедност и примена на технолошки достигнувања
  • возни својства
  • дизајн
  • комфор и опременост

Признание СУВ на годината

Признанието СУВ на годината го доби моделот Toyota RAV4. Со петтата генерација, Toyota како наново да го лансираше RAV4. Тој сега е попростран и поудобен, со помоќен изглед и нови технологии спакувани во една урамнотежена целина со избалансирана цена. Вниманието на купувачите го привлекува и со хибридниот мотор кој ги замени дизелите. Целокупно гледано, RAV4 со многу свои особини се издвојува од бројната конкуренција во класата која своевремено токму тој ја популаризираше.

Гласот од финалистите годинава го доби моделот MAZDA 3. Од шесте финалисти за моделот Mazda 3 гласаа три (3) со што овој модел доби еден рамноправен глас при гласањето.

Признание „Томислав Биљарац“

Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија годинава по третпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија.

Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.

Одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2020 година да биде доделена на Славка Каленикова.

 

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.