24 часа Леман-ВОЗЕЊЕ НА РАБОТ НА РИЗИКОТ

30/07/2025

ШТО ПРЕТСТАВУВА 24 ЧАСОВНАТА ТРКА? ЛУДОСТ ОД МИНАТИОТ, НО И ОД ОВОЈ ВЕК? ИЛИ ПАК НАТПРЕВАР МЕЃУ ТЕХНОЛОГИИТЕ РАЗВИЕНИ ОД АВТОМОБИЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ? ИМА ПО МАЛКУ ОД СÈ, ЛУДОСТ, СТРАСТ, БОРБА ЗА НАДМОЌ, НО НАЈМНОГУ УПОРНОСТ, ЖЕЛБА ЗА ПОБЕДА И ПОТРЕБА ДА СЕ ДОКАЖЕ ДЕКА СИ ПОДОБАР ОД ДРУГИТЕ

 

Сепак, во сета оваа приказна има и лудост. Возење со брзини слични, а понекогаш и повисоки од оние во Формула 1, цели 24 часа без престан, претставува ризик што мора да се прифати без двоумење. Возачите, всушност, и немаат време да размислуваат дали тоа што го прават е опасно или не. Сета нивна концентрација е насочена кон возењето, одржувањето на болидот на патеката и, секако, да бидат побрзи од конкуренцијата.

Од првата ваква трка поминале повеќе од сто години. Првпат се возело непрекинато 24 часа во далечната 1923 година. Годинава, по 93-ти пат, беше одржана оваа легендарна трка на издржливост, а победата ù припадна на Ферари. Така, оваа марка ја продолжи победничката низа, третпат по ред. Малку недостигаше сите три болиди на Ферари да се најдат на подиумот, но Порше го наруши нивниот план, финиширајќи на второто место.

Од прво организираната трка има поминато повеќе од 100 години, односно за првпат се тркале цели 24 часа во 1923 год. Годинава по 93 пат беше организирана трката на издржливост на која победи Ферари. И така, оваа марка победува три години по ред. Малку фалеше сите три болиди да се искачат на подиумот, но Порше им ја замати водата со тоа што стигна втор на целта. Четвртопласираниот болид на Ферари со стартен број 50 е дисквалификуван затоа што на неговиот заден спојлер е забележано отстапување од дури 50 мм, а дозволеното отстапување е 15 мм.

Од трите последователни победи на Ферари, една се издвојува по нешто значајно. Додека првите две победи беа остварени со фабрички болиди, годинашната триумфална победа ја извојува приватниот болид во сопственост на тимот АФ Корсе. Нивниот болид, кој го донесе златото, го возеа Роберт Кубица, најупорниот меѓу најупорните, Јифеи Је и Фил Хансон.

Ако некој има причина да биде особено среќен поради оваа победа, тогаш тоа е токму Роберт Кубица. Талентираниот полски возач имаше блескава иднина во Формула 1, но нa едно рели толку многу настрада што долго време беше „надвор од трките“. По 300 прележани маки и рани, Роберт Кубица се врати во Формула 1, но без поголеми успеси. Денес, тој е дел од победничкото трио, и покрај тоа што едната рака му е делумно функционална, последица од ужасната несреќа.

Неколку часа пред крајот на трката, Роберт Кубица добива тимска наредба да го пропушти болидот на Ферари со стартен број 51, со цел тимот да собере што повеќе бодови за освојување на титулата, како во конкуренција на возачи, така и во конструкторската класа. Меѓутоа, Кубица ја одбива оваа наредба и продолжува да вози со темпо недостижно за неговите конкуренти.

Иако тимовите обично ги почитуваат возачите кои ги слушаат тимските наредби, одлуката на Кубица е сосема оправдана. Да возиш толку долго време и да бидеш водечки, а потоа да ти наредат да ја отстапиш титулата, тоа нема смисла.

Фабричкиот тим на Ферари убедливо води во генералниот пласман на Светското првенство во трките на издржливост, и во класата на конструктори, и во класата на возачи. Води пред конкурентите со двојно повеќе бодови, има залиха повеќе од доволно за двојна титула, а до крајот има уште четири трки на издржливост.

Дури 19 некогашни возачи од Формула 1, меѓу кои и шампионот од 2009 година, Џенсон Батон, беа дел од годинашниот маратонски циркус. Интересот за учество е голем, како од страна на производителите на автомобили, така и кај возачите. Трките на издржливост добија нова димензија откако беа сменети правилата, па така денес друштвото го сочинуваат Пежо, Тојота, БМВ, Ферари, Кадилак, Алпина, Порше, Астон Мартин и Протон.

Ламборџини се откажа по воведувањето нови правила, според кои секој тим треба да има два болиди во класата „лмх 1“ (леман хибрид 1). Накусо кажано, зголемените трошоци за обезбедување втор болид го принудија Ламборџини да се повлече од трките на издржливост, но ќе продолжат да учествуваат во ИМСА-првенството во САД.

Во блиска иднина, трките на издржливост ќе бидат домаќини на производителот Џенезис (читај Хјундаи) во 2026 година, а во 2027 се очекуваат и Форд и Мекларен. Засега овие тимови го потврдуваат своето учество, а не е исклучена можноста во меѓувреме да се приклучи и некој друг производител.

Пол позицијата ја заземаа двата болиди на Кадилак, што е малку невообичаено за тим кој за првпат влегува во трките на издржливост. Сепак, тоа е добар знак дека производителот темелно се подготвил за 24-часовниот предизвик. Познавачите очекуваа повеќе од БМВ, бидејќи тие беа директен конкурент на Ферари на трките во Катар и Имола. Малку потклекнаа во Спа Франкоршампс, патека која има сличности со Сарт, каде се вози 24-часовниот Ле Ман. Ако некој не може многу да се препознае на патеката, тоа е Пежо.

Неверојатно е што му се случува на овој производител, 17-то и 18- то место на стартот, и слични позиции на целта, 11-то и 16-то. Доминацијата на Тојота полека исчезнува. Зошто е тоа така, одговорите ги имаат челниците на тимот Тојота Газу Рејсинг. До пред неколку години беа неприкосновени, а сега со многу скромни резултати, 5-то и 15-то место.

Порше, пак, со своите три болиди ја заврши трката во топ 8, заземајќи второ, шесто и осмо место. Алпин (читај Рено) прави големи напори да стигне до што подобар пласман, но засега прави грешки, па го завршија на деветтото и десеттото место.

Малку е непојмливо следниов податок: болидите на Пежо имаат најнеповолен однос помеѓу тежината и силата. Тоа значи дека Пежо допатува во Ле Ман со најтешки болиди, што се потврдува со нивните пласмани надвор од топ 10.

Како што веќе спомнавме, Ферари бр. 83, во составот Роберт Кубица, најупорниот меѓу најупорните, Јифеи Је и Фил Хансон, ја освои првата позиција. Зад нив, Порше бр. 6, со возачите Л. Вантор, К. Естре и М. Кемпбел, заврши на второто место, а третото место му припадна на фабричкиот Ферари бр. 51 со возачите А. Пјер Гуиди, Ј. Каладо и А. Џованаци. Во втората по јачина класа „лмп2“ триумфираше тимот Интер Еуропол Компетишн бр. 43. Второто место му припадна на ВДС Пани Рејсинг бр. 48, додека третото го освои АО бај ТФ бр. 199. За потсетување, во оваа класа сите тимови користат иста шасија и ист мотор, што значи дека возилата се изедначени. Во класата „LMGT3“ победи тимот Метју 1ст Форм бр. 90 (Порше), следен од Виста АФ Корсе (Ферари) бр. 21, додека третото место му припадна на тимот ТФ Спорт бр. 81.

На стартната линија беа 62 возила, 21 од класата „Хиперкарс“, 17 од „лмп2“ и 24 од класата „лмгт3“. Трката ја завршија неверојатни 55, што е повеќе од одличен резултат. Трката помина без поголеми инциденти, а организаторот беспрекорно ја изврши својата работа. Следната година ќе биде уште поинтензивна ако Пежо и Тојота се вратат во форма, а Кадилак ја зацврсти својата упорност со место меѓу првите пет. Генезис е новиот член во семејството, а не е исклучена можноста да се приклучи и уште некој производител.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.