ТУР ДЕ ФРАНС 2025-ВО ФИНИШОТ НА ТРКАТА

22/07/2025

ЦЕЛТА Е ПАРИЗ, СЕКАКО. НА ШАНЗЕЛИЗЕ ВО НЕДЕЛА, 27 ЈУЛИ. СЕ ОЧЕКУВА МНОГУ НАРОД, ИСТО КАКО И ЗА ВРЕМЕ НА ПРИСТИГНУВАЊАТА ВО НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА, ИЗМИНАТИТЕ ДЕНОВИ. ОВА Е 112-ТОТО ИЗДАНИЕ НА ТРКАТА, ПРВПАТ ОРГАНИЗИРАНА ВО 1903-ТА

112

Тур де Франс (фр. Tour de France) ѝ припаѓа на Светската турнеја во која спаѓа и Џиро д’Италија (итал. Giro d’Italia) и Вуелта а Еспања (шп. Vuelta a España). Всушност, се работи за трите најпрестижни тринеделни велосипедски трки, гранд тур. Годинава велосипедистите стартуваа на 5 јули во градот на северот од Франција – Лил. Според организаторите, изминатите две недели поминаа во најдобар ред. Како што се очекуваше, впрочем. Психофизичката состојба на учесниците во неа е исклучително добра, моментално води словенечкиот возач на велосипед – Тадеј Погачар како дел од UAE Team Emirates XRG. Тој е победник во неколку етапи, а вкупно се 21. Во исчекување на завршницата, можете постојано да бидете во тек со најновите случувања и преку медиумите, благодарејќи на телевизиските преноси, вестите. Дотогаш сигурно ќе уживате меѓу другото и во пејзажите на најголемата држава во Европската Унија, кои се истакнуваат со својата убавина. Сè на сè, треба да се извозат 3.338,8 км. Должината е променлива. Всушност, се разликува од година во година.

Ваквите натпреварувања го привлекуваат вниманието на спортските фанови од сите страни на светот, неретко и со статистичките податоци, анегдотите… Имено, Тур де Франс за првпат се одржал во 1903-та (1 јули), со цел да се зголеми продажбата на весникот „Л’ауто“. Идејата била на новинарот Анри Дегранж. Оттогаш се организира буквално секоја година, освен во периодот кога беснееле двете светски војни (1915-1918 и 1940-1946). Маршрутите се различни, опфатени во 21 еднодневна етапа: индивидуални хронометарски, планински, рамни, ридести – неговата интенција е да се прикажат сите региони во Франција. Трката првично се водела во должина од 2.428 км, а денес е околу 3.500 км. Од секое правило има исклучок, па така, во 1926-та била многу повеќе од исцрпувачка, велосипедистите морале да поминат 5.745 км, и тоа само во 17 етапи.

Кога е возраста на победниците (триумфаторите) во прашање, најмладиот имал 19 години – Французинот Анри Корне во 1904-та. 18 години подоцна, во 1922-ра победил белгискиот возач на велосипед – Фирмин Ламбо. Во аналите на Тур де Франс е познат како најстар, со 36 години. Сега за сега, четворица велосипедисти го заземаат првото место кога се работи за бројот на победи – секој по пет: Бернар Ино, Еди Меркс, Жак Анкетил и Мигел Индураин. Достојна за пофалба, почит е и Алфонсина Страда, првата жена што во 1924-та ја завршила трката, возејќи заедно со мажите, иако не била признаена официјално.

Искачувањето на познатиот Алп д’Ез, воведено во 1952-ра, се смета за иконично, па дури и легендарно. Патеката е долга 13,8 км, со просечен наклон од 8,1% и максимален наклон од 13%, вклучително и 21 серпентина. Жолтата маица (фр. Maillot Jaune) како симбол на Тур де Франс е вклучена во 1919-та. Намерата била јасна, да се маркира велосипедистот кој е водечки. Бојата се совпаѓа со жолтите страници на весникот „Л’ауто“. Импозантен е и бројот на гледачите. Само на лице место, во живо, трката ја следат 12 милиони луѓе. Важи за еден од најгледаните спортски настани во светот. Незгодите се составен дел на Тур де Франс. Околу триесет возачи на велосипеди се откажуваат поради несреќи – секако, на годишно ниво.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.