СРЕДЕ ЛЕТОТО, ЗА ВРЕМЕ НА ОВИЕ ГОЛЕМИ ГОРЕШТИНИ, ТРГНА КАРВАНОТ НАРЕЧЕН „АВТОМОБИЛ НА ГОДИНАТА ЗА 2026“. ШЕЕСЕТ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ НОВИНАРИ ОД 22 ДРЖАВИ ОД КОНТИНЕНТОТ ЌЕ ГИ АНАЛИЗИРААТ И ТЕСТИРААТ ПРИЈАВЕНИТЕ АВТОМОБИЛИ, А НА ПОЧЕТОКОТ ОД НАРЕДНАТА ГОДИНА ЕДЕН ОД НИВ ЌЕ БИДЕ ПРОГЛАСЕН ЗА ПОБЕДНИК НА ИЗБОРОТ.
Кога зборуваме за автомобилската индустрија и доделувањето награди на најуспешните производители, треба внимателно да го следиме месец јули, бидејќи тогаш специјално жири го објавува списокот на автомобили вклучени во изборот за Автомобил на годината.
Годинашниов список штотуку беше објавен, а е важечки за следната година. Право на учество имаат сите нови автомобили кои до крајов на годинава ќе започнат да се продаваат во најмалку пет европски држави. Од сите пријавени модели, само седум ќе бидат избрани за завршниот избор. Потоа, ќе бидат селектирани само три финалисти, од кои еден ќе ја понесе титулата Автомобил на годината за 2026.
Изборот ќе биде под надзор на 60 специјализирани новинари од 22 европски држави. Најмногу новинари имаат државите што се производители на автомобили, а по само еден претставник имаат државите кои не се производители на автомобили. Списокот воопшто не е скромен, дури 30 кандидати, а меѓу нив има марки кои кандидираат дури по три автомобили, како Ауди и БЈД, а по два модели пријавија Цитроен и МГ. Најтрофејни марки се: Фиат со девет титули, Рено има осум, Пежо шест, Форд и Опел имаат освоено по пет титули, Фолксваген има четири, а Цитроен и Тојота имаат по три титули. Минатогодишен победник е „рено 5 е – тек“ / „алпина а 290“ (на фотографиите). Во продолжение следи списокот кој во меѓувреме може да претрпи сосема мали измени.
„Ауди а 6 e – трон, „ауди ку 5“, „бјд ато 2“, „бјд делфин сурф“, „бјд силајн 7“, „цитроен e – ц 3“, „цитроен ц 3 еркрос“, „ц 5 еркрос“, „дачија бигстер“, „дс аутомобилес н°8“, „фиат гранде панда“, „хјундаи 9“, „џип компас“, „киа ев 4“, „ланча ипсилон“, „липмотор ц 10“, „мазда 6 e“, „мeрцедес – бенц цла“, „мг хс“, „мг с 5“, „мини ајсмен“, „митсубиши аутлендер“, „нисан лиф“, „опел фронтера“, „рено 4“, „смарт #5“, „шкода елрок“, „сузуки е витара“, „тојота урбан крузер“, „волво ес 90“ и „зикр 7 икс“.