Аутофлајт просперити 1-ОД ОХРИД ДО КУМАНОВО ЗА 30 МИНУТИ

14/07/2025

СВЕТОТ НА ЛЕТАЛАТА ОТСЕКОГАШ БИЛ МОШНЕ ПРИВЛЕЧЕН КАКО ЗА НАЈМЛАДИТЕ, ТАКА И ЗА ВОЗРАСНИТЕ. ТИЕ ПРИРОДНО БУДАТ ГОЛЕМО ВНИМАНИЕ КАДЕ И ДА СЕ ПОЈАВАТ. ТАКА БЕШЕ И НА НЕОДАМНА ОДРЖАНИОТ САЛОН ЗА АВТОМОБИЛИ ВО ШАНГАЈ, КАДЕ, ПОКРАЈ „ АУТОФЛАЈТ ПРОСПЕРИТИ 1 “, БЕА ИЗЛОЖЕНИ УШТЕ ДЕСЕТИНА ДРУГИ ЛЕТАЛА

 

Светот сака да лета и да истражува, без да чека во гужви по улиците и на семафорите. Меѓу компаниите што нудат решение е Аутофлајт, со седиште во Шангај и канцеларија во Аугсбург, Германија.

Леталото именувано како „Prosperity 1“, изработено од Аутофлајт, најмалку наликува на класичен летачки автомобил, но тоа не го спречи да се појави на автомобилската изложба Ауто Шангај. Повеќе потсетува на необичен хеликоптер. Кабината има модерен дизајн сличен на класичните хеликоптери, но наместо една голема елиса, има неколку помали, што му дава изглед на дрон. Како и да е, станува збор за летало кое, според производителот, е наменето за летање на блиски релации.

Вкупната тежина при полетување не смее да надмине 2.000 килограми, а капацитетот е ограничен на четири лица, пилот и три патници. Според производителот, леталото може да достигне брзина до 200 км/ч. Благодарение на современата опрема, „просперити 1“ може да лета во сите временски услови според „ифр“ (инструмент флајт рулс). Електричното летало е речиси подготвено за продажба на континентално ниво, но се чека одобрение од ЕАСА.

Сериозноста на проектот се гледа и од изборот на дизајнерот на леталото, Френк Стефенсон, кој претходно работел за Ферари, Масерати, Мекларен и Мини. Јасно е дека знае што прави, што се забележува и од фотографиите. Кабината има елипсовиден облик и големи стаклени површини за да им овозможи на патниците панорамски поглед додека летаат.

Распонот на крилјата е 14,5 метри, леталото е долго 11,6 метри и високо 2,6 метри. Поседува десет пропелери, осум се наменети за вертикално полетување и слетување, а два се туркачи за хоризонтален лет. Сите се напојуваат со електрична енергија од батерија со капацитет од 160 kWh. Леталото е изработено од карбонски влакна (карбон фибер), што обезбедува мала тежина и голема цврстина.

Досега, леталото на Аутофлајт има извршено над 150 тест летови, при што поминало повеќе од 10.000 километри. Првите нарачки веќе пристигнаа во фабриката во Кина, а првиот официјален клиент е од Јапонија. Производството ќе се одвива во Кина, а продажбата се очекува да почне следната година. Сè уште не е познато каква дозвола ќе биде потребна за управување со овој тип летала. Цената е околу 160.000 долари.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.