ВО ПРЕСРЕТ НА ЛЕТОТО, ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ…, ОБНОВУВАЊЕТО НА ЛЕТНАТА ГАРДЕРОБА СЕ ПОДРАЗБИРА НЕКАКО, САМО ПО СЕБЕ. ШОРЦОВИТЕ ИЛИ КРАТКИТЕ ПАНТАЛОНИ НЕ СМЕАТ ДА СЕ ИЗОСТАВАТ, НО ВНИМАВАЈТЕ КОГА И КАДЕ ГИ НОСИТЕ. ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ, ИДЕАЛНИ СЕ ЗА НА ОДМОР
Уште неколку дена нè делат од летото – годишното време со кое се врзуваат само убави спомени, без оглед на големата жештина. Меланхолијата како со волшебно стапче се претвора во сангвиничност. Радосните чувства нè преплавуваат, донекаде и необјасниво – според многумина, се должат на сонцето. Асоцијацијата на слободата е разбирлива, во поширока смисла. Облеката има големо значење и за жените и за мажите, особено во топлите денови кога се облекуваме лесно. Со шорцови, на пример. Ногавиците досегнуваат до средината на бутовите, а можат да бидат и подолги до колената. Нозете долу се голи, непокриени. Секако, изборот е прашање на вкус за кое воопшто не треба да се расправа. И бермудите и кратките панталони се идеални за летните денови кога температурите се високи, да се чувствувате пријатно за време на прошетките, кога одите на плажа… Внимавајте, ни едните ни другите не се носат на состаноци, правилата на службата се јасни, недвосмислени – шорцовите мора да се избегнуваат во официјалните кругови. Истото важи за големите свечености на кои треба да се облечете многу елегантно, и покрај тоа што некои модни креатори ќе ви препорачаат да ù се противставите на унификацијата. Неоспорен факт е дека одредени комбинации што вклучуваат и кратки панталони се одликуваат и со отменост, префинетост…, меѓу нив и оние со потписот на Ралф Лорен, но сепак треба да се придржувате кон правилата, протоколите. На одмор е инаку – шорцови можете да носите и на забави, кои често се приредуваат во убави, раскошни куќи, на мали луксузни бродови (јахти). Без исклучок на прошетките по крајбрежните променади, во голем стил. Ама и опуштено, „кежуал“.
ПРВИЧНО РЕЗЕРВИРАНИ ЗА ОСНОВЦИТЕ
Кратките панталони се распределуваат во различни групи, според намената. Сепак, благодарејќи на нивното стилизирање, модифицирање со текот на времето ги вбројува денес во неколкуте парчиња облека без кои не се може во лето. Асоцираат на спортските игри, но првично се користеле за униформирање на основците во Америка и Англија, вклучувајќи ја и војската, полицијата во тропите. Шорцовите во Индија ги нарекуваат половина панталони, некако потсмешливо. Терминологијата е различна, секоја земја има своја – оттаму и нееднаквоста на термините за кратките панталони. Општоприфатен секако е англискиот и покрај тоа што мнозина ги поистоветуваат со боксерките.
Некогаш во минатото (втората половина на 19-тиот и почетокот на 20 век), носењето шорцови се врзувало со раното детство – машките деца до половата зрелост ги облекувале во кратки панталони, а кога ќе пораснеле, најчесто во пубертетот, можеле да носат и долги, поради што перцепцијата се искривувала. Имено, повозрасните луѓе ги избегнувале шорцовите за да не изгледаат незрело, па дури и кога деновите биле топли, а во многу земји, пак, жените не се облекувале во кратки панталони затоа што нивните обичаи не го дозволувале тоа. Во 1890-тите, Американците се свртеле на стандардизација – бермудите биле резервирани за учениците од основни училишта, кои се носеле и во текот на зимата, со чорапи – видливи на заедничките фотографии. Замислата им се допаднала и на голем број Англичани, прифаќајќи ја. 40-тина години подоцна, во 1930-тите, шорцовите почнале да се носат за време на спортските игри, без разлика на полот. Сепак не биле прифатени од сите, многумина ги сметале за табу. Опуштањето резултирало со нивна општоприфатеност – кратките панталони се облекувале и за прошетка, вклучувајќи ги во летните модни трендови. Шорцовите биле дел и од опремата на војниците кои во текот на Втората светска војна се бореле во земјите околу екваторот, во тропскиот појас. Дури на крајот од 1960-тите и почетокот на 1970-тите, благодарејќи на неколку движења (контракултурни) во Америка и Европа, се популаризирале до таа мера што ги носеле буквално сите, најмногу од тексас платно (џинс). Требало да помине извесно време за источњаците да се опуштат, да ги носат без предрасуди. Некогаш во кратки панталони се облекувале само жените оддадени на проституција. Денес ја симболизираат младоста, енергичноста. И повеќе – на закоравените мислења не им се придава особено значење.
СОГЛАСНО ПРАВИЛАТА НА БОНТОНОТ
Враќањето во минатото е инспиративно за креаторите – стилизирајќи ги, модифицирајќи ги, но сепак во согласност со потребите на своето време, во чекор со него. Се разбира, пријатното чувство надвладува над конституцијата на телото. Сепак е лето во прашање. На петтиот континент – Австралија, во Јужноафриканската Република и Нов Зеланд…, можат да се носат шорцови на работното место, па дури и за време на состаноците. Како било, треба да се придржуваме кон правилата на бонтонот, а често и самите да процениме – каде би можеле да влеземе во кратки панталони, на кои места: ресторани, кафулиња… Особено ако го имаме предвид фактот дека фокусот е во нозете. Затоа е многу важно да го направите вистинскиот избор, т.е. да се одлучите за оние што најубаво ви прилегаат, во соодветство со вашиот карактер. Обрнете внимание на нивниот квалитет, добрите својства на материјалот се значајни како и мотивите, шарите на шорцовите и кројот. Доколку се решите за памучни, секако дека можат да бидат и монохроматски (еднобојни), а опција е и тексас платното и ленот. Внимавајте на ширината – треба да има луфт, но не голем. Кога пробувате, за тамам се сметаат кратките панталони во чии џебови ќе ги ставите рацете без тешкотии, чувствувајќи ја нивната комоција. Истото важи за бермудите – карго, на пример. Обично се комбинираат со поло-маички, кошули, блузи… Нема да направите грешка и доколку ставите некој детаљ, конгруенциски (марама, зошто да не). И каишот е составен дел од целината. Добро стојат со патики, мокасини, еспадрили. Апостолки се препорачуваат за на плажа.
Боите не треба да бидат јаки. Одбегнувајте и впечатливи дезени. Нека се во согласност со природата на машкиот пол – „кежуал“. И со пригодата, се разбира. Елеганцијата (отменоста, префинетоста) е забележлива не само во стилот, начинот на кој се облекувате туку и во однесувањето, движењето. Облеката само ја нагласува. Истото важи и за жените. Модните трендови знаат да претераат, да излезат од тоа што е нормално – класиката на некој неопределен, непознат начин е одраз на смислата за убавото. Изборот е прашање на вкус. Без исклучок на чувствата – уживањето, задоволството. Налето се во преден план, разбирливо. Како и безбројот комбинации што можат да се направат со шорцовите.