ТРИТЕ ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ ВОЗЕНИ НА ЕВРОПСКО ТЛО ЈА ВОВЕДОА СЕЗОНАТА НА ФОРМУЛА 1 КОН СРЕДИШНИЦАТА НА ПРВЕНСТВОТО, А ПОПАТНО ЈА ПОКАЖАА МОЌНОСТА НА МЕКЛАРЕН КОЈ НА СИТЕ ТРИ НАСТАНИ ИМАШЕ ДВАЈЦА ВОЗАЧИ МЕЃУ ПРВИТЕ ТРОЈЦА.
Макс Ферстапен беше светлата точка за време на Големата награда на Емилија Ромања, па на патеката Имола (која е една од ретките „од стариот ков“ во календарот), успеа да направи сензација и да ја однесе победата. Оскар Пјастри ја имаше пол позицијата, но дефанзивниот пристап му донесе изненадување: Ферстапен иако беше јасно втор на влезот од шиканата Тамбурело, поради ниската брзина на предводникот успеа да мине „низ иглени уши“ и од надворешна страна да стигне до првото место.
Фактот дека се вози на патека која е градена во седумдесеттите години од минатиот век, каде што нема многу точки за престигнување, ниту пак големи зони за излетување за комфорни маневри без ризик, му овозможи на четирикратниот првак да има мирна трка на првата позиција и на крајот да слави во јубилејната трка за Ред Бул во Формула 1, вкупно 400-та за екипата.
Но, далеку од тоа дека немаше други возбудувања, бидејќи потегот на Ферстапен им даде инспирација и на останатите да си ја пробаат среќата со престигнувања од надворешна страна. Тоа донесе уште неколку убави престигнувања, меѓу кои можат да се издвојат она на Норис (против Расел) и Хамилтон (против Хаѓар и Антонели). Имаше и неуспешни, или подобро речено недовршени реализации, па обидите на Гасли и Албон можат да се анализираат и да се види „што недостасуваше“. Ферстапен го имаше најбрзиот круг во трката (1:17.988) и заслужено стигна до победата, но последните девет круга донесоа дополнителна драма, откако беше аплицирано возило за безбедност поради паркираниот болид во дефект на Кими Антонели со Мерцедес. Дел од возачите ризикуваа да направат промена на гумите, додека некои останаа на патеката. Така Норис, му го препушти второто место на Пјастри, но повторно го освои на патеката, додека Хамилтон и Албон го престигнаа Леклер за четвртото и петтото место.
– Мојот старт не беше особено добар, но сепак останав на надворешната линија, која всушност е нормалната. Помислив да се обидам и сè испадна добро. Тоа ја ослободи нашата брзина, бидејќи нашиот болид е мошне добар кога сме во водство. Можев да се грижам за своите пневматици и имавме добар ритам во трката. Во пракса, тоа беше големо унапредување во однос на петочните тренинзи и му благодарам на тимот за тоа,- објасни победникот Ферстапен.
Следниот гран при викенд во Монако ја немаше истата магичност, иако тоа е уште една стара патека која има сосема поинаков дух од модерните автодроми. Шанса за тоа постоеше и навистина, Шарл Леклер уште еднаш направи „чудо“ со пласманот во првиот ред, но Норис ја имаше пол позицијата и ја штитеше до последниот метар, задржувајќи го водството. Иако традиционално неколку болиди завршија во блиските огради, тоа не влијаеше во борбата за челните позиции. Единствено Ферстапен се обиде со поинаква стратегија од останатите, односно возење со медиум гуми до неколку круга пред крајот, кога успеа да избие во водство благодарение на тоа што другите беа во бокс, но кога мораше и тој да го направи задолжителното застанување падна на четвртото место. Додека Ферстапен беше напред, Леклер му се закануваше на Норис, но кога актуелниот шампион се тргна, Норис направи безбедна разлика и стигна до првата победа во малото кнежевство. Леклер ги раздвои возачите на Мекларен, што значеше најдобар пласман за него оваа година, додека Пјастри беше трет.
– Сега изгледа неверојатно, но беше исклучително исцрпувачка трка. Сепак, не беше досадна и можевме да се притискаме во текот на трката. Во последниот свиок бев нервозен поради притисокот од Шарл, но на крајот се радувам на победата. Не е важно како ќе победиш, си велам. Ова е нешто за што сонував како дете и остварив еден од своите сонови,- изјави Ландо Норис на крајот од трката.
Третиот гран при викенд донесе нова содржина, но повторно само Макс Ферстапен се обидуваше да направи нешто против двата болида на Мекларен. Во втората половина на трката тој се обиде да направи дополнително застанување во боксот и да има извесна брзина во финишот, но тогаш работите тргнаа наопаку за неговата стратегија. Поради излетување на Антонели беше аплицирано возило за безбедност, па сите направија пит стоп, а трката беше рестартирана со шест круга до крајот, Макс во овој случај доби тврди гуми, затоа што сите останати веќе беа истрошени и ја загуби полетноста, напротив беше и престигнат од Леклер. Поради тоа што Расел беше зад Леклер, кога Макс излезе надвор од патеката при нивниот дуел, стјуардите му доделија казна да го пропушти и Расел. Тоа доведе до реакција од светскиот првак, тотално непотребна, но доволно јасна за да го искаже незадоволството, при што наместо да го пропушти Расел, тој пружи отпор и во тој маневар го допре со тркалата на својот болид. Се разбира, тоа доведе до нова казна (плус 10 секунди) и Ферстапен од четврто место падна на десетто, додека трите возачи од Монако повторно се сретнаа на подиумот во Барселона, но секој имаше нова позиција. Пјастри прв пред Норис, а Леклер трет пред Расел. Ферстапен доби и три негативни бодови за возачката лиценца, а критиките од сите страни на светот укажаа дека стјуардите биле и премногу благи, односно дека можеле да му доделат суспензија.
– Јас стартував четврти и завршив четврти, а тоа е веројатно најдобрата позиција што можев да ја изборам. Потфрлив на стартот кога двата болида на Ферари ме престигнаа, но на крајот имав чувство дека можам да го стигнам Леклер. Нештата се измешаа со возилото за безбедност и ударот од Макс, па ќе беше преголем ризик ако продолжев да го бркам,- скромно изјави Расел.- Со тврдите гуми во финишот немав добар контакт со подлогата. Немавме друг избор, можеби требаше да останеме на старите. Тоа доведе до ситуациите подоцна. Контактот со Расел? Не морам да кажам ништо на таа тема, и онака не е важно. И без тоа, не смееме да критикуваме,- од своја страна рече Ферстапен, кој вака ја продолжи „тивката војна“ со стјуардите на ФИА, но еден ден подоцна му се извини на Расел преку соопштение. Пјастри е лидер на табелата со 186 бода, односно 10 повеќе од тимскиот колега Ландо Норис. Макс Ферстапен е трет со 137 бода, а зад него се Расел со 111 и Леклер со 94 поени. Мекларен е прв во конкуренција на конструктори со убедливи 362 бода, додека за второто место во конкуренција се три екипи: Ферари со 165, Мерцедес со 159 и Ред Бул со 144 поени. До крајот на јуни се возат трките во Канада и Австрија, а пред летната пауза Формула 1 ќе профилира уште во Британија, Белгија и Унгарија.