BOVENSIEPEN ZAGATO-САКАМ „БМВ АЛПИНА“, НО НЕМАМ НИ ЗА…..

16/06/2025

Токму така, како што вели песната на групата Лева Патика – но оваа приказна не е за Алпина, иако има допирни точки со неа. До пред неколку години, работилницата Алпина беше во сопственост на семејството Бовензипен, односно на браќата Андреас и Флоријан, синови на Буркард Бовензипен, основачот на компанијата. Во 2022 година, тие ја продадоа Алпина на БМВ. Оваа компанија ги доработува моделите на БМВ, а потоа тие автомобили ја носат ознаката Алпина. Возилата од програмата Алпина се слични на оние со ознака M (Motorsport), но се уште пософистицирани, со повеќе моќ, префинетост и, секако, луксуз.

Браќата ја продале компанијата Алпина, но подоцна основале своја компанија, која го носи нивното презиме, Бовензипен. Според нивното прво остварување, новата компанија ќе се занимава со слична дејност доработување и „фризирање“ автомобили, засега само од марката БМВ. Нивното прво остварување е „бовензипен загато“. Ни повеќе ни помалку туку соработка со престижното атеље Загато. Како основа за изработка на својот прв автомобил го користеле сегашниот модел „м 4“, кој мајстор Загато го доработил со врвен дизајн и прецизност.

Посетителите на манифестацијата Конкурс на елеганција Вила ди Есте имаа можност да ја видат убавината наречена „бовензипен загато“. Автомобилот нема среден столб, што укажува дека концептот како основа го користи моделот „м 4 кабриолет“, но Загато му додал цврст покрив во свој препознатлив стил, со средишна вдлабнатина, детаљ кој придонесува за подобра аеродинамика. Токму тој тип на  покрив претставува својствен заштитен знак на Загато.

Клинест дизајн, со изразено подигнат заден дел, каде највпечатлив е спојлерот, и преден дел со спуштен „нос“, без трага од „бмв бубрезите“. Гледано во целина, дизајнерскиот тим на Загато создал прекрасен автомобил, вистинска убавина во автомобилската индустрија. „Бовензипен загато“ имаше светска премиера на престижната изложба Конкурс на елеганција Вила де Есте, на брегот од езерото Комо.

Моторот со зафатнина од 3,0 л, со ознака „с 58“, има шест цилиндри во линија, двоен турбо полнач и развива 603 КС. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 3,3 с, а крајната брзина е еднаква на 300 km/h. Моќта од моторот се пренесува на двете оски преку автоматски менувач. И за крај уште еден податок, при доработката на „м 4 кабрио“, конструкторите потрошија 250 часа. Цена? Јавете се директно во новоотворената работилница, зошто да не!?

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.