ОД СОН ДО ЈАВЕ, ОД ЛОКАЛНО РЕЛИ ДО ПОБЕДА НА МИЛЕ МИЉА И 24 ЧАСА ЛЕМАН, НО И ПОБЕДИ ВО СВЕТСКИ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ, НА ПРИМЕР, МОНТЕ КАРЛО, КОРЗИКА, МАРОКО. СЕТО ТОА САМО ОД ЖАР И ЉУБОВ КОН АВТОМОБИЛСКИОТ СПОРТ. НА ОВОЈ НАЧИН СЕ РАЃААТ СВЕТСКИТЕ ЛЕГЕНДИ
Постојат неколку слични приказни во светот, а за сите е заедничка желбата нешто добро да се направи уште подобро. Тоа е карактеристично само за вистинските вљубеници во својата работа. Еден од нив е Жан Ределе, прво од трите деца во семејството Ределе. Од мал покажувал интерес за автомобилите. Кај него големо влијание имал татко му кој бил продавач на автомобили од марката Рено. Луис Рено го замолил Емил Ределе да се пресели со семејството во Нормандија за да отвори продажно место таму, така што неговиот син Жан уште од најрано детство растел во непосредна близина на автомобилите. Чудата на четири тркала биле негово секојдневје, постојано ги слушал разговорите за автомобили на постарите. Можеби затоа подоцна, на 24 години, станал најмлад француски овластен продавач на автомобилите Рено.
ПРВИТЕ ЧЕКОРИ ВО АВТОМОБИЛСКИОТ СПОРТ
Но го привлекувало нешто друго трките со автомобили. Првите чекори во автомобилскиот спорт ги направил со „рено 4 цв“, мал купе автомобил со мотор сместен назад и зафатнина од речиси 750 ссм. Тоа се случило во 1950 година, а за трките рекол: „Трката е најдобар начин да се тестира серискиот автомобил, победата е најдобра алатка за добра продажба.“ Најдобра реклама за автомобилите е да се покажат на трките. Денес тие автомобили се сосема поинакви, посебни сопирачки, тркала (полесни), пневматици, зајакната шасија заедно со кафезот за возачот или за возачот и совозачот…
Учествувал на неколку трки, а меѓу нив и на прочуеното Рели Монте Карло (20 јануари 1950 година), а потоа победил и на локалното Рели Диепе, оставајќи 40 конкуренти зад себе. Победата силно одекнала во јавноста, а Рено веднаш му понудил да учествува на следното 21. Рели Монте Карло. За таа цел Рено го подготвил моделот „1063“, тркачка изведба од серискиот „4 цв“. Таму го освоил четвртото место во класата, на локалното рели во Диепе, каде што живеел, пристигнал втор, подоцна победил на првото организирано рели Дакс, бил петти на релито Дафин, освоил трето место на маратонското рели Лиеж – Рим – Лиеж и на релито околу Франција, а победил на релито околу Белгија. Ж. Ределе забележал дека може да постигне многу подобри резултати ако го олесни избраниот „4 цв“, а за подобро и побрзо одржување и поправање сакал да вгради делови што не се специфични, туку да ги земе оние што најмногу биле вградувани во други модели. Цел на Жан Ределе била „рено 4 цв“ да го направи посебен и да содржи сериски делови. Поради тоа, отишол во Италија за да се сретне со дизајнерот Џовани Мичелоти и на хартија да го создаде тркачкиот модел по своја замисла „4 цв специале спорт“, а работилницата Алемано да го произведе. Во меѓувреме се тркал со „4 цв 1603“ и резултатите не изостанале. Трипати победил во својата класа на трката Миле Миља, а на 24 часа Леман бил на 17. место во генералниот пласман.
Во 1954 година неговата нарачка била произведена и ја именувале „алпине а 106“. „Алпине“ е резултат на врвното однесување на „4 цв 1603“ низ свиоците на алпскиот масив. Бил воодушевен од автомобил и решил да го именува по Алпите. „Секој што ќе се вози во ‘алпине а 106’ да има исто чувство како кога победив возејќи низ Алпите.“ Тоа се остварило, автомобил со тубуларна шасија, каросерија од фиберглас и петстепен менувач. „Алпине“ имал малку поголем мотор од тркачкиот во „рено 4 цв“, односно 950 ссм, зафатнината била зголемена на 1.300 ссм, мотор од работилницата Гордини со 1.440 ссм, а по него со 1.600 и 1.800 ссм. Првата „алпина а 106“ била произведена во 251 примерок во период помеѓу 1955 и 1959 година. Некои биле наменети за трки, а некои за купувачи. Моделот „а 108“ бил произведен во 236 примероци (1960- 1962), а „гт 4 112“ во само 112 примерока (1963-1965). Вистински погодок бил моделот „а 110“ (1961-1977) произведен во 7.579 примероци. Моделот „а 310“ постигнал солидни бројки, но далеку зад рекордерот „а 110“, 2.340 (1971-1976). Тогаш Ределе одлучил во ист модел да вгради V6 мотор наместо со четири цилиндри и постигнал најголем успех „а 310 V6“ имал 9.276 примероци (1976-1984). Тоа е рекорд на „алпине“. На крајот на минатиот век се појавиле уште три модели „гта“ (1.509 автомобили од 1984 до 1989 година), „гта турбо“ (4.545 примероци од 1985 до 1990 година) и „а 610“ со само 818 примероци во период од 1990 до 1995 година. Поради постигнатите успеси Жан Ределе станал прв човек во натпреварувачкиот оддел на Рено. Во тоа време зад управувачот бил возач со врвен талент за брзо возење и снаоѓање во секаква ситуација Жан Клод Андре во 1970 година го освоил францускиот и европскиот шампионат во рели, а победил и на Рели Монте Карло и Рели Корзика во 1973 година. Покрај него се истакнал Бернард Дарниш, кој победил на Релито Мароко во 1973 година. Подоцна постигнал светска слава најмногу во тимот на Ланча. Сестраниот возач и тимски играч Жан Рањоти бил вистинска маскота на Рено. Возел и рели и реликрос, но и трки на издржливост како 24 часа Леман. За „Алпине“ возеле и неколку пилоти што подоцна станале дел од Формула 1: Патрик Депаиље, Жан Пјер Жабуи, Дидие Пирони, Жан Пјер Жарие и Патрик Тамбе.
Еден од најзначајните успеси на „Алпине“ е победата на Релито Монте Карло во конфигурација 1 – 2 – 3. Тука е и победата на познатата трка 24 часа Леман. Конкуренцијата не верувала дека тимот на „Алпине Рено“ е подготвен за големи подвизи, но пол позициите на Жан Пјер Жабуи во 1976 и 1977 година го кренале алармот за тревога на највисоко ниво. И успехот дошол во 1978 година со Дидие Пирони и Жан Пјер Жасо со „аплине рено а 442 турбо“.
Водењето компанија што произведува тркачки автомобили и туристички за да служи како дополнување на буџетот за трки не било воопшто лесно. Слабите продажни резултати го натерале Жан Ределе да размислува порационално и во 1973 година решил на Рено да му продаде 55 отсто од „Алпине“. Во 1977 година Рено ги купил и другите акции, со што станал единствен сопственик на „Алпине“. Оваа тркачка и сериско престижна дивизија на Рено згаснала во 1995 година откако е најавено дека моделот „а 610“ ќе биде повлечен по околу шест години производство. Одговорните во Рено одлучиле повторно да ја активираат марката. Во 2016 година во Монако, Рено премиерно го претставил малото купе „алпине а 110“. Љубителите на „Алпине“ и воопшто на автомобилскиот спорт биле пријатно изненадени од „сто десетката“ во ново руво. Првата генерација од новата „алпине а 110“ била произведена во 1.955 примероци, симболизирајќи ја годината кога е основана компанијата „Сосиете де Аутомобиле Алпине“. За една недела биле купени сите јубилејни примероци.
Одговорните повторно на пазарот лансираа јубилеен модел со ознака „70“ по повод 70-годишнината од основањето на компанијата „алпине а 110 р 70“ во три бои сина, бела и црвена, како боите на француското знаме, по 70 примероци од секоја боја. „Алпине“ произведе една изведба „а 110 р ултимејт“ (345 КС) што има речиси неразумно висока цена, околу 275.000 долари. Денес главен во таборот на „Алпине“ е електричниот модел „а 290“ (рено петка).