WEC 6 часа Имола-ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА НА ДОМАШЕН ТЕРЕН

07/05/2025

НА ОГРОМНО ЗАДОВОЛСТВО НА ВЕРНИТЕ ТИФОЗИ, FERRARI ЗАБЕЛЕЖА ГОЛЕМА ПОБЕДА НА ДОМАШЕН ТЕРЕН. ОВА Е ПРВА ПОБЕДА НА FERRARI, КАКО ФАБРИЧКИ ТИМ, НА ЕДНА ТРКА НА ИЗДРЖЛИВОСТ НА ИТАЛИЈАНСКА ПОЧВА ОД 1973 ГОДИНА.

 

Ferrari конечно го почувствува слаткиот вкус на победата на автодромот кој се смета за втор дом на марката од Маранело. Верните тифози на патеката во Имола дочекаа да го видат црвениот тим како блеска во полн сјај. На нивно, но и на свое големо задоволство, галопирајќи, истопорениот коњ од Маранело стигна до првата голема победа на домашен терен, во трка на издржливост, после повеќе од 50 години. Годинешната победа на Имола, за Ferrari е уште поголема, бидејќи лани, и покрај целосната доминација на квалификациите, и во трка, кога три автомобили беа на врвот, таа им се лизна од раце.

Минатогодишните 6 часа на Имола за Ferrari беа пример како од учебник дека трките на издржливост не се добиваат само со брзина туку и со тактика. Затоа годинава научената лекција од лани Ferrari ја претвори во слава. Ова е прва победа на Ferrari, како фабрички тим, на една трка на издржливост на италијанска почва од 1973 година. Воедно со неа Ferrari ја зацврсти лидерската позиција во шампионатот на трки на издржливост и создаде значителна предност во потерата по круна меѓу производителите.

На интернационална патека Енцо и Дино Ферари, како што гласи полното име на автодромот во Имола, брзината на автомобилите на Ferrari дојде до израз. На оваа патека дури половина од кругот се вози под полн гас, а максимална брзина на тркачите од Hypercar се движи околу 312 km/h. Тука Ferrari ги порази своите лути ривали. Меѓутоа трката на издржливост 6 часа на Имола покажа нешто многу поважно од брзината на Ferrari. Покажа дека конкуренцијата во шампионатот се заострува исфрлајќи го во преден план BMW. Баварците имаат две успешни трки на почеток од сезоната и ги оправдаа тврдењата дека во однос на дебитантската сезона лани, нивните автомобили носат значителни подобрувања. Сега се на добар пат да се вмешаат во пресметките за титула заедно со Toyota, иако, за волја на вистината, Ferrari значително се оддалечи со двете победи едно по друго.

 

Антонио Џовинаци е кралот на квалификациите на почетокот од сезоната со 100 отсто процентен успех. Се чини дека зад волан на аловиот Ferrari 499P со број 51 е способен да прелета патека во бришечки лет. Во Катар освои полпозиција со 0.136 секунди пред второпласираниот, а во Имола неговата предност беше уште поголема со неверојатни 0.758 секунди. Евидентно е дека ниту еден од ривалите не му е ниту до колена кога станува збор за квалификации. До него стартуваше Роберт Кубица со Ferrari број 83 на приватниот тим AF Corse. Дрис Вантор со број 15 BMW M WRT повторно беше најбрз од останатите. И додека во Катар успеа да ги одвои автомобилите на Ferrari, во Имола се пласираше на третата позиција. До него и зад него, четврти и петти, се наредија болидите на Toyota Gazoo Racing. Број 8 со Рио Хиракава и број 7 со Ник де Врис, со безмалку идентичен резултат, ги делеа само 0.001 секунда. Ник де Врис го делеше третиот ред со Мик Шумахер во број 36 Alpine А424. На огромно одушевување на тифозите (навивачите) најбрз од класата LMGT3 беше Валентино Роси зад волан на број 46 BMW М4 WRT. Легендарниот „доктор” на огромно задоволство на верните тифози беше најбрз на сесијата Hyperpole со предност од 0.306 секунди. Роси со вакво возење на квалификациите ветуваше дека може да го повтори минатогодишниот успех.

Со оглед на брзината на квалификациите и перформансите кои ги прикажаа на трката во Катар, од Ferrari се очекуваше да ја запише првата победа во WEC на домашен терен. Токму тоа и се случи. Ferrari 499P број 51 со Алесандро Пјер Гуиди, Антонио Џовинаци и Џејмс Каладо возеше на врвот од почеток до крај. Во текот на трката немаше поголеми изненадувања за водечките, иако подолу различните тактики и директните дуели во повеќе наврати го мешаа поредокот. Најголемо возбудување пред очите на 65 илјадната публика се случи во последната третина од трката кога за момент тифозите помислија дека нивниот фаворит нема да мине прв низ целта.

Мешаницата се случи на почетокот од петтиот час од трката кога зад волан на, дотогаш водечкиот број 51, беше Џовинаци. Заради сплет на настани Ferrari број 51 за кратко се најде на втората позиција, зад Porsche Penske број 6 со Мет Кемпбел. Коцкањето со стратегијата и излегувањето на „safety car” на патека му овозможи на Porsche број 6 да избие на чело на поредокот, но оваа состојба не траеше долго. Џовинаци не беше среќен со губењето на лидерската позиција и тргна во напад приредувајќи ја заедно со Кемпбел една од највозбудливите битки во поновата историја на шампионатот.

Брзината на Ferrari беше евидентна бидејќи Џовинаци во само неколку круга му се залепи на опашка и почна да напаѓа обидувајќи се да го престигне. И најмала грешка за Кемпбел ќе значеше губење на позицијата. Ставен под постојан притисок Кемпбел стана нервозен. Во еден момент на невнимание, во вториот дел од свијокот Риваца, пред излез на стартно-целната рамнина, бранејќи се, Кемпбел направи грешка. Сопираше силно блокирајќи ги предните тркала при што загуби контрола. Џовинаци ја искористи приликата и мина крај него враќајќи го Ferrari број 51 на лидерската позиција. Дополнително Џовинаци успеа во неколку круга да ја зголеми предноста и можеше мирно да појде во бокс на замена со Пјер Гуиди. Италијанецот, пак, ја имаше честа пред своите тифози да мине со Ferrari број 51 прв низ целта.

Porsche број 6 не успеа долго да остане меѓу најбрзите. Toyota GR број 7 со Мајк Конвеј и BMW М број 20 со Робин Фријн успеаја да го депласираат. Во меѓусебна борба за позиција Конвеј и Фријн дури и се судрија, но се извлекоа без поголеми проблеми. Нивниот дуел го искористи Себастијан Буеми со број 8 на Toyota, но иако ги престигна позицијата не ја задржа долго. Следуваа последните планирани влегувања во бокс од кои, BMW M со број 20, заради алтернативната тактика со кусо запирање извлече најмногу. Успеа да излезе од пит-стоп на втора позиција која не ја испушти до крај. Краткото застанување вроди плод и за тимот на Alpine број 36 кој од бокс излезе на третата позиција.

 

Поредокот на првата тројка не се смени до крајот на трката. BMW M WRT број 20 со Робин Фријн, Рене Раст и Шелдон ван дер Линде успеа да заврши на второ место. Иако имаа лоша стартна позиција, беа 13 на квалификации, сепак, Фријн, Раст и Линде успеаја да го освојат првиот подиум со нивниот прототип. Alpine Endurance Team број 36 со Жил Гунон, Фредрик Маковиецки и Мик Шумахер кои завршија трети, исто така, го освоија својот прв подиум во Светскиот шампионат.

Четвртото, петтото и шестото место ги пополнија Ferrari број 83 на приватниот тим AF Corse, Toyota GR број 8 и BMW M WRT број 15 соодветно.

По само две трки Ferrari стекна значителна предност во шампионатот освојувајќи вкупно 92 бодови. Втор е BMW со 63 бодови, додека Toyota е на третото место со 53 бодови. Иако шампионатот е на почеток се чини дека годинешната одбрана на титулата за Toyota ќе биде исклучително тешка.

Класата LMGT3 подеднакво беше исполнета со извонредни моменти кои доведоа до тесно набиен финиш во кого се најдоа Porsche и BMW. Иако тифозите очекуваа нивниот „доктор” да ги повтори перформансите од квалификациите, тоа за жал не се случи. Не е дека Валентино Роси и неговите другари од екипажот, Ахмад Ал Харти и Келвин ван дер Линде, не беа брзи со својот BMW M4 број 46, туку низа грешки ги оддалечија од победа. Победата отиде во раце на Manthey 1st Phorm број 92 Porsche 911 GT3 R со Рајан Харвик, Ричард Лиц и Рикардо Пера. Роси пред своите тифози го повтори минатогодишниот успех освојувајќи го второто место. Трети на подиумот се качија Фин Гехриц, Естебан Масон и Арнолд Робинс со број 78 Akkodis ASP Lexus RC F GT3.

Лидер во шампионатот во класата LMGT3 е тимот на TF Sport број 33 Corvette Z06 GT3.R со 44 бодови. Втор е тимот на Akkodis ASP број 78 Lexus RC F GT3 со 33 бодови, а трет United Autosports број 59 McLaren 720S GT3 со 27 бодови.

Следна на репертоарот е трката 6 часа на Спа-Франкоршамп во Белгија која се вози на 10 мај.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.