120 години Шкода-НАЈДОБРОТО Е ДОВОЛНО ДОБРО ЗА НАШИТЕ КУПУВАЧИ

09/05/2025

ПРЕД 120 ГОДИНИ БЕШЕ ПРОИЗВЕДЕНА ПРВАТА ШКОДА, ПОТОЧНО МОДЕЛОТ ЛОРИН И КЛЕМЕНТ, МАРКА КОЈА МАЛКУ ПОДОЦНА ЌЕ ГО СМЕНИ ИМЕТО ВО ШКОДА… ПРВИОТ АВТОМОБИЛ СО ИМЕТО ШКОДА БЕШЕ ПРОИЗВЕДЕН ВО 1925 ГОДИНА, ШТО ЗНАЧИ ДЕКА ОВАА ГОДИНА СЕ НАВРШУВААТ ТОЧНО 100 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО ПРОИЗВОДСТВО

 

Овој текст го посветуваме на автомобилите од марката Шкода, која е многу добро позната кај нас и тоа со децении наназад. Денес, оваа марка е популарна речиси во целиот свет, но не беше така сè до ’90-тите години од минатиот век. По Втората светска војна, Шкода преминува од приватна во државна компанија, што доведе до тоа развојот да оди поспоро, а автомобилите се продаваа главно на источноевропскиот пазар. Поради тоа, западниот дел од континентот ја подзаборави марката, додека во источниот дел таа беше дел од секојдневието. Приказната за автомобилите со името Шкода, всушност, не започнува со тоа име, туку со името Лорин и Клемент, по имињата на основачите Вацлав Клемент и Вацлав Лорин. Корените на оваа приказна датираат од крајот на XIX век. Едниот, страствен велосипедист, Вацлав Клемент, а другиот, Вацлав Лорин, „затрупан“ со книги во својата книжарница, во 1895 година основале работилница за поправање велосипеди. Клемент имал проблем со неговиот велосипед од германско производство, што беше еден од клучните моменти за започнување на нивната заедничка авантура. Бидејќи производителот не доставил резервни делови, поправката била невозможна. Клемент, видно налутен од ситуацијата, го испратил велосипедот во германската работилница Зидел и Нојман, заедно со пропратно писмо напишано на својот мајчин јазик, чешки, во кое го опишал проблемот. Кога производителот го видел велосипедот и го „прочитал“ писмото од Клемент, му одговорил: „Ништо не разбравме од напишаното, затоа обратете ни се повторно, но овој пат со писмо напишано на јазик што го разбираме.“

Незадоволен од добиениот одговор од производителот, Вацлав Клемент решил да отвори работилница за поправка на велосипеди заедно со Вацлав Лорин во 1895 година во Млада Болеслава. За разлика од Клемент, Лорин веќе имал отворено таква работилница во Турнов. Почнале со поправка и производство на велосипеди, а малку подоцна и производство на мотоцикли под името Славија, започнувајќи од 1899 година. Тогаш, пишаните гласила објавиле дека компанијата Лорин и Клемент станала првиот производител на мотоцикли во светот.

АВТОМОБИЛ СО СОВРЕМЕН ДИЗАЈН

Работата добро им одела и направиле 4.000 примероци од различни типови, но автомобилите биле нивната вистинска пасија. Во 1905 година, компанијата Лорин и Клемент претставува автомобил со современ дизајн: отворен оддел за патници, двосед, водено ладен мотор со два цилиндри и 7 коњски сили, доволни за „воитур а“ да постигне максимална брзина од 40 км/ч. Овој автомобил не само што бил популарен во нивната татковина, туку бил и извезуван во други земји. За време на Првата светска војна, дури и произведувале специјални изведби на автомобилот за воени потреби. Потоа, на ред доаѓа моделот „с“, со кој го повторуваат успехот на нивниот прв автомобил. Овој модел бил произведуван цели 14 години, со над 2.000 примероци. Но нивниот успех не се задржал тука – следниот модел, „сг“, бил произведуван во дури десет различни изведби, нешто непојмливо не само за тоа време, туку и за денешно време. Компанијата Лорин и Клемент станала најголемиот производител на автомобили во Австро-Унгарската монархија, а Бохемија (денешна Чехословачка) била под власт на оваа монархија.

И покрај големиот индустриски напредок, Вацлав Клемент и Вацлав Лорин одлучиле да се спојат со тогашниот металуршки гигант Шкода, компанија која, покрај автомобилите, најмногу произведувала оружје. Сопственик на оваа компанија со седиште во Плзењ бил Емил Ритер фон Шкода.

Спојувањето се случило во 1925 година, а по тоа следувал моделот „л & к / шкода 110“. Овој автомобил, како и претходните, бил произведуван во повеќе изведби. Имало дури и изведба во која задните седишта се отстранувале и тој дел служел за пренос на лесни материјали, слично како денешните „пикап“ возила. На ред доаѓа и луксузот. Компанијата имала зад себе само успеси, така што луксузот бил неизбежен. Конструкторите доаѓаат на идеја да создадат автомобил кој ќе биде наменет за крупните стопанственици, политичари и дипломати. Автомобилот со име „суперб“ се појавил во 1935 година и веднаш предизвикал симпатии кај потенцијалните купувачи. Да спомнеме и еден мал, но значаен детаљ: покрај моторот со шест цилиндри, возачкото седиште било одвоено од патничкиот дел наменет за гостите. Таму „владеела“ удобноста, беспрекорната изработка со сите пропратни ситници и, се разбира, врвни материјали. Во „шкода суперб“ меѓу другите се возел и сопственикот на познатата фабрика за обувки Бата, компанија која во тоа време произведувала и пневматици за автомобили.

Шкода не застанала тука со луксузот. Една година подоцна, компанијата го претставила моделот „популар“, мал семеен автомобил кој шкода ќе го произведе и во купе верзија, со должина од 4,2 метра и неочекувано добар дизајн. Автомобилот имал тубуларна шасија, мотор сместен напред со зафатнина од 1,4 литри (1.386 см³) и 31 КС, позајмен од моделот „рапид“, кој се истакнал на престижното рели Монте Карло (второ место во класата, 1936 година). Моделот имал менувачка кутија со три степени, која ги пренесувала тие 31 коњски сили на задната оска, лесна конструкција од само 960 килограми и други напредни карактеристики. Двоседот именуван како „популар монте карло“ бил преубав за тоа време, со исклучителна аеродинамика и дизајн кој пленел на прв поглед и крајна брзина со уверливи 110 км/ч. Овој модел добива и обновена верзија во 1937 година и тука, некаде околу 1939 година, завршува успешната приказна на Шкода. Следат години на тешка ситуација, особено Втората светска војна, по која Шкода престанува да биде приватна компанија и преминува во државна сопственост. Во следните десетлетија, Шкода продолжува да работи, но развојот на компанијата се успорува и во многу аспекти заостанува во споредба со западните марки, кои во тоа време биле технологиски понапредни.

ОКТАВИЈА ГИ ОСВОИ ЕВРОПСКИТЕ КУПУВАЧИ

Првиот позабележителен модел во повоениот период е „октавија“. Името на моделот потекнува од латинскиот збор „октавија“, што значи „осум“, а Шкода го одбира ова име бидејќи моделот е осми по ред откако компанијата постои. „Октавија“ се покажала како успешен автомобил, кој не само што ги освои европските купувачи, туку исто така ги привлекла и рели возачите и рели тимовите. Со „октавијата“, скандинавските возачи ја покажале својата виртуозност на мраз и снег, освојувајќи три години по ред (1961, 1962 и 1963) победа во класата на автомобили со мотор до 1,3 литри. Овој успех значително го зацврстил имиџот на Шкода во рели спортот. Ако ги следиме настапите на Шкода на рели натпреварите, ќе забележиме дека оваа марка е една од најстарите учесници на најпрестижното рели во светот. Шкода не учествувала само на првото рели, туку на второто рели, кое се одржало во јануари 1912 година. Да се вратиме на сериските автомобили Поради големиот продажен успех, моделот „октавија“ бил произведуван до 1971 година. Скоро паралелно со него се појавил и моделот „фелиција“, кој бил многу почитуван од возачите. Малку помалата „шкода фелиција“ била произведувана во две каросериски изведби: отворена, но со два вида покриви – еден цврст и еден платнен. Овој модел бил толку посакуван што сопствениците во 1960 година основале свој клуб, кој и денес продолжува да биде активен. Не е мал бројот на колекционери кои посакуваат да ја имаат „фелицијата“ од 1960-тите години во својата колекција.

Во Македонија, еден од највпечатливите и најприсутните модели беше „1000 мб“, кој беше претставен во 1964 година. Овој модел претставуваше класична мала лимузина со мотор од 1,0 литри, сместен на задната оска, со алуминиумска глава на моторот и погон на задните тркала. Овдешните сопственици често спомнуваа дека моторот имал тенденција да се прегрева во летните месеци, па било потребно дополнително ладење. Возачите се снаоѓаа со разни методи за да го решат овој проблем, а еден од нив беше да возат со делумно отворен капак на моторот.

Почетокот на 70-те години од минатиот век беше обележан со купето со 2+2 седишта. Сосема нов модел, класика од купе со мотор и погон сместени на задната оска. „Шкода 110 р купе“ беше автомобил за вистинските љубители на автомобилите. Дизајнот на овој модел многу потсетуваше на „порше 911“. Популарноста на „110 р купе“ доведе до развој на рели моделот „130 рс“, кој имаше мотор од 1,3 литри, со четири цилиндри и распон на моќност од 140 до максимални 183 коњски сили. И да, во зависност од потребите на рели тимовите и специфичните делници, конструкторите го „навиткувале“ моторот, што резултирало со различниот распон на моќност. Потоа, на ред доаѓа моделот „фаворит“, односно „фаворитка“, како што беше нарекуван во матичната Чехословачка, а потоа и во Чешка (Чехија). Тоа беше мал семеен автомобил од сегментот „ц“. Иако некои тврдат дека „фаворитката“ би можела да се смета за дел од сегментот „б“, сепак нејзината големина ја стави над сите други автомобили од тој сегмент. Е сега, тука има еден многу „осетлив миг“, а тоа е сосема друга концепција на автомобил од претходните. Десетлетија наназад, Шкода ја негуваше концепцијата „сè назад“ – мотор и погон на задната оска, но со моделот „фаворит“ сето тоа се променило. На сцена излезе автомобил со мотор сместен напред и погон на предната оска. Примамлива цена, скромната опрема и рационалната внатрешност на автомобилот придонесоа за големиот успех на „фаворитката“, која се продала во повеќе од еден милион примероци.

„Шкода Фелиција“ е следниот модел кој во Македонија постави рекорд во освојување титули за најпродаван автомобил, и тоа шест години по ред. Моторите во овој модел беа скоро идентични со оние во „фаворитката“, со исклучок на 1,6 литарскиот мотор позајмен од Фолксваген, кој развиваше 75 коњски сили, но менувачот со пет степени беше од Шкода. Токму оваа изведба беше малку понервозна од останатите, па возачот мораше да вложи повеќе напор за да ја контролира таа нервоза, особено при динамично возење. Покрај бензинските мотори, „фелицијата“ имаше и дизел 1,9 тди мотор, исто така позајмен од Фолксваген.

При создавањето на „фелиција“, учествувал тим од Фолксваген, бидејќи во тој период Шкода беше дел од големото семејство на корпорацијата ВАГ, која ги вклучуваше марките: Фолксваген, Ауди, Сеат, Шкода, Ламборџини, Бентли, Порше, Купра, Дукати и други. Подзаборавениот модел „Октавија“ повторно влегува во производство во 1996 година. Иако го носи препознатливиот заштитен знак и името Шкода, важно е да се нагласи дека ова не е вистинска Шкода, туку всушност е Фолксваген. Зошто? Затоа што основата на која е правен моделот „октавија“ потекнува од моделот „голф“, само малку издолжена и зголемена. Сè што е вградено во овој автомобил е позајмено од „Голф“. Денешните модели на Шкода се изработени на основа од Фолксвагеновите модели. Како пример, моделот „Фолксваген Ап!“ во семејството на Шкода е познат како „ситиго“. Единствената разлика е во името и заштитениот знак, додека сè друго е исто како кај Фолксваген. Името и заштитниот знак остануваат исти, но сите останати компоненти потекнуваат од Фолксваген.

Новото време донесе нови ветрови, а профитот стана примарна цел. Во рамките на групацијата Фолксваген, сите марки користат исти основи, платформи, мотори, делови и компоненти, како прекинувачи, кваки на вратите и други елементи. Поефтинувањето на производството стана главна филозофија, што, за жал, доведе до тоа Шкода да го изгуби својот оригинален идентитет, како и многу други марки кои беа стекнати од големи корпорации. Денес, многу марки ги имаат своите корени, но само малку успеваат да го задржат својот автентичен идентитет.

Уште една марка беше изгубена во виорот наречен „пари“ (заработка, профит), иако имаше толку многу историја зад името Шкода. Кога зборуваме за рели, покрај успехот на моделот „октавија“, кој освои три титули една по друга, сличен подвиг постигна и моделот „фаворит“, освојувајќи четири титули по ред од 1991 до 1994 година. Шкода беше подготвена да влезе во елитното рели друштво (Светски шампионат во Рели), но на нејзиното место го зазеде Фолксваген, марка која, иако нема рели корени, го презеде водството. Тоа е резултат кога една марка го купува другиот производител – новиот газда ги пишува правилата. Така, Шкода беше исфрлена од „играта“ наречена рели.

Оваа година, Шкода слави три значајни годишнини: 130 години од основањето на компанијата Лорин и Клемент во 1895 година, 120 години од појавата на првиот автомобил во 1905 година, и 100 години од соединувањето на Лорин и Клемент со компанијата Шкода од Плзењ во 1925 година. Оттогаш, производителот го носи името Шкода.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.