MERCEDES BENZ VISION V-ЛУКСУЗ ОД ДРУГА ДИМЕНЗИЈА

08/05/2025

„Вижн в концепт“ е продолжение на долгата историја на Мерцедес во класата на возила наречени „мпв“, односно повеќенаменски возила. Сигурно се сеќавате на моделите „виано“, „вито“ и останатите – тие се еден мал дел од тимот на претходници. Традицијата си е традиција и таа мора да се негува и продолжува, а Мерцедес – Бенц го прави тоа на најдобар можен начин.

Да не се лажеме, можеби „с класата“ и сите „мајбах“ изведби се олицетворение на врвен луксуз, но човечки е да се признае дека концептот „вижн в“ со својот луксуз ги надминал сите во семејството. Тоа значи дека концептот „вижн в“ е единица мерка за луксуз и тоа префинет. Влегувате во одделот за патници, а таму ве пречекуваат две седишта кои на ваша желба може да се претворат во кревет. Потоа ако сакате да гледате некој филм, концерт или нешто трето, тв приемникот со дијагонала од 65 инчи е на другиот дел од „собата со поглед“, односно е скриен во подот од возилото. Преку далечинското управувате со ТВ приемникот и тој излегува од своето засолниште.

Можеби заморот ве стасал, но затоа на дофат на рака ви е кислородната маска, а да не зборуваме за пијалаците кои се сместени веднаш до вашето седиште / кревет. Електронските чуда се присутни на секоја педа, но и покрај тоа квалитетната кожа од видот „напа“ (во бисерно бела боја) е присутна со цел да се нагласи удобноста и пријатноста од природните материјали. Ако ви здосади бојата на внатрешноста, не паничите, преку далечинското можете да ја смените, а на располагање ги имате сите бои како и вашиот мобилен телефон. Е да, и мобилниот можете да го употребите како далечинско. Како се менуваат боите? Тоа го овозможуваат микро лед светилките, затоа менувањето на бојата е брза и крајно едноставна работа. Сакате да слушате музика и воедно да гледате некој видео запис? Конструкторите на концептот „вижн в“ мислеле и на тоа – имате на располагање еден куп звучници, дури 42, а за 65 инчниот екран, на ваша команда преку далечинското, веднаш ќе излезе од подот. Кој е резултатот? Како да сте во концертна сала, а не во простор од неколку кубни метри.

За изолацијата на одделот за патници воопшто не треба да коментираме. Во „вижн в“ најважна е удобноста која се надополнува со посебно обесените тркала. Успешно конструираната суспензија е гаранција за мазното впивање на нерамнините од асфалтот, така што патниците можат целосно да му се препуштат на филмот, музиката или деловниот состанок. Списокот на „желби“ во „мерцедес – бенц вижн в“ е толку голем што не е можно да се спомнат во еден текст.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.