Некогаш автомобилите од марката МГ (Морис Гаражис) беа многу популарни, нарочно со своите роудстери. И покрај тоа компанијата не успеа да одржи ритам во новиот век и производството беше запрено. Неубави работи за една марка. Во 2005 година марката МГ ја купува кинескиот производител Нанјинг Аутомобил Корпорејшн (НАК), а две години подоцна САИК Моторс ја купува компанијата НАК, така што сега МГ се наоѓа под капата на САИК Моторс.
На Салонот за автомобили во Шангај што се одржува од 23 април до 2 мај, МГ на својот штанд го изложи моделот „сајбер икс“. Концептот беше претставен од дизајнерот Јозеф Кабан, како сув возило со асфалтни и теренски манири. Допадливиот облик со предни светла на склопување, најбрзо и најдобро ќе влијае во класата на младите возачи, но производителот не даде речиси никакви официјални податоци за целосно електрифицираниот „сајбер икс“, ниту најосновните како што се димензиите. Најверојатно погонот е на сите тркала и можно е сиот овој проект да го држи во тајност, а концептов да послужи како зајадливост кон конкуренцијата. Сѐ е во игра, ништо не е исклучено, но барем неколку појдовни податоци да беа обелоденети.
Жарко Атанасоски