ИАКО ОД ИДЕА ДО РЕАЛИЗАЦИЈА МОЖЕ ДА ПОМИНЕ И ПОВЕЌЕ ОД ПЕТ ГОДИНИ, МНОГУ МЕ ИЗРАДУВА ВЕСТА ДЕКА ЌЕ ИМА ОФИЦИЈАЛЕН СОСТАНОК МЕЃУ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА МОТОРИ ОД ФОРМУЛА 1, НА КОЈ ГЛАВНА ТЕМА ЌЕ БИДЕ ВРАЌАЊЕТО НА V-10 МОТОРИТЕ
Десетцилиндричните агрегати имаат сериозно место во современата историја на Формула 1. Нивното воведување дојде преку ноќ, односно по немилите настани кои резултираа со трагичните инциденти на Роланд Раценбергер и Аиртон Сена, кога обајцата го загубија животот во викендот за Големата награда на Сан Марино во 1994 година. Тогаш во употреба беа 12-цилиндрични мотори со зафатнина од 3,5 литри, кои беа „осудени“ дека се премногу брзи.
За вистината може да се дебатира, односно дали моторите ќе беа единствените виновници доколку не беше забраната за активната суспензија и унапредувањето на аеродинамиката, но факт е дека од 1995 до 2005 година во Формула 1 се употребуваа 10-цилиндрични мотори. Во тој период се случија и некои унапредувања кои ќе останат забележани во историјата на спортот, пред повторно да се поведе „хајка“ дека потребни се натамошни усогласувања на технологијата од Формула 1 со онаа во пасо зафатнина од 2,4 литри, кои останаа во употреба до 2013 година, кога се воведоа 6-цилиндричните турбо мотори со зафатнина од 1,6 литри.
Идната 2026 година е нова пресвртница во оваа приказна, кога треба да се започне употребата на синтетичкото гориво, но во истите мотори со зафатнина од 1,6 литри. Ваквата промена е усвоена со таканаречениот „Договор Конкорд“, со кој се регулирани правата и обврските на учесниците и организаторите во Светското првенство на Формула 1. Со овој договор е предвидено ваквиот начин на обезбедување на погон за болидите да трае до 2030 година, што би значело дека евентуалните промени би можеле да се случат најрано во 2031 година, доколку бидат усвоени.
Шпекулациите укажуваат дека ФИА би можела на претстојниот состанок закажан за време на гран при викендот во Бахреин да го испита мислењето и расположението за потенцијално воведување на V-10 моторите пред истекот на актуелниот „Конкорд договор“, иако тоа се чини како невозможна мисија. Причина за тоа е менувањето на стратегијата која насочуваше кон целосна електрификација на возилата, но сега го почитува и фактот дека со воведување на синтетичко наместо фосилно гориво се постигнува истиот ефект на изоставување на емисијата издувни гасови што содржат јаглерод диоксид.
Но зошто ова би било подобро од сегашната регулатива?
Од моја гледна точка станува збор за градењето карактер на брендот наречен Формула 1, бидејќи трки со електрични автомобили постојат на различни нивоа, па така и Формула Е каде што се употребува само електрична енергија за напојување. Тука исто така спаѓа и „козметиката“, односно адресирањето на забелешките дека шестцилиндричните мотори се потивки, а електро моторите воопшто и не произведуваат звук. Емоциите се она што го движат спортот, а моторите со внатрешно согорување во тоа се поуспешни.
Во шпекулациите кои ги има низ медиумите, се наметнува и тезата дека 10-цилиндричните мотори со внатрешно согорување на синтетичките горива би биле многу поевтини за производство отколку сегашните хибриди. Имајќи предвид дека тимовите се лимитирани во трошењето и можноста за тестирање, овој аргумент би можел да биде и клучен.
Упатените тврдат дека најмалку две години се потребни за да се донесат правилата и да се усогласат сите производители околу истото, но исто така можно е дека нема да има целосна поддршка за овој предлог. Некои производители сè уште сметаат дека електрификацијата е добра за нивната продажба на возила и за нивниот имиџ, па освен „опипување на пулсот“, тешко дека е возможно да се добие одлука од најавениот состанок.
Во ФИА претстојат избори и Мохамед Бен Сулајем ќе мора да сочека реизбор пред да продолжи со притисокот за менување на правилата, па факт е дека кој и да биде избран ќе го има главниот збор при подготвување на новата регулатива, било да е таа за 2028 или за 2031, бидејќи мора да биде усвоена две години порано.