Минатата година Хјундаи го претстави концептот „инитиум“, збор позајмен од латинскиот јазик, што во превод значи „почеток“, односно „прв“. Со овој концепт производителот најави две нешта, нова генерација од моделот „нексо“ и нов приод во дизајнот наречен „уметност на челикот“. Тоа со дизајнот им е вистински погодок. Многу линии се позајмени од концептот, така што новиот „нексо“ е сосема солидно скроен и се дели од останатите со својот дизајн. Ете малку свежина во дизајнот, некој се сетил да внесе една ронка живост во досегашните досадни линии и облици.
Највпечатлив дел во новиот „хјундаи нексо“ е погонската единица која како гориво користи водород. Ако горивните ќелии произведат доволна количина водород тогаш ова возило ќе можете и кај нас да го возите. Кај нас во Македонија нема станици за дополнување водород, така што за вакво возило како „хјундаи нексо“ и таквите како него, ќе мора да причекаме. Сега резервоарот за водород е поголем, 6,7 кг. Со него може да изминете добри 700 км, а потоа на водородна пумпа. Времетраењето за точење водород е само пет минути, така што иднината со електричните возила најверојатно ќе треба да ја бараме во возилата со горивни ќелии. Погонот располага со 258 КС, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч е сосема добро, 7,8 с. со крајната брзина од точно 179 км/ч.
Нов дизајн, подобрена автономија на возење, повеќе удобност и простор за патниците, добрата завршна доработка и квалитетните материјали, како и 12,3 инчни екрани се адутите на новиот „хјундаи нексо“ – така вели производителот.
Ако ве интересира овој модел, обратете се кај увозникот. Возилото е посебно бидејќи како гориво користи водород, а ние таква „пумпа“ немаме. Инаку „хјундаи нексо“ е топ возило исто како „тојота мираи“ (користат исто гориво).
Жарко Атанасоски