BMW 5-НАЈЕЛЕГАНТНАТА „ПЕТКА“

12/06/2023

На прагот од летото БМВ ја претстави својата новост, тешката артилерија именувана како „бмв 5“. Овој модел е многу добро познат кај светската јавност, така што не му е потребна посебна најава. Сепак мора помпезно да биде најавен затоа што ова е негова осма генерација, најнова, но и воедно најелегантна, така вели дизајнерот, Хрватот Домагој Џукец – „направивме најелегантен БМВ од кога и да било досега“. И навистина е така. Предните маски на дел од новите модели предизвикаа негодување кај љубителите на БМВ – посебно ги критикуваа проблематичните отвори во облик на бубрези. Тие отвори сега се во склад со класичните, но малку се зголемени и се понагласени. Генерално, надворешниот облик е онаков како што љубителите го замислуваа.

Светската премиера беше одржана преку дигитална платформа, но и во центарот на Загреб, најверојатно за овој дел од премиерата е заслужен дизајнерот Џукец. Велат новата „петка“ која дебитира по осми пат, не е толку радикално сменета во надворешниот изглед колку што е сменета во одделот за патниците. Во тој дел дизајнот не можете да го препознаете во однос на претходната генерација, а таму најприметливи се 12,3 и 15 инчните екрани.

За првпат меѓу погонските единици има и електрична со ознака „и 5“. За тие што повеќе почитуваат снажен погон и големи брзини, БМВ ја нуди технологијата „е драјв“ во две изведби. Првата „м 60 икс драјв“ има погон на сите тркала и располага со силина од големи 601 КС доволни за 3,8 сек. до 100 км/ч, додека крајната брзина е ограничена на 230 км/ч. Со едно полнење на батеријата возилото изминува 516 км. Втората изведба, „е драјв 40“, располага со „само“ 340 КС и 430 Нм, а погонот е само на задната оска. Потребни се само 6,0 сек, за лимузината да постигне брзина од 100 км/ч тргнувајќи од место, а постигнува крајни 193 км/ч. Со оваа погонска единица лимузината изминува 580 км. Ако се вклучи уредот  наречен „макс рејнџ“, тогаш километрите можат да се зголемат за цели 25 отсто, но тоа вклучување ќе ја намали силината на погонот, ќе ја ограничи брзината и ќе бидат исклучени уредите кои влијаат на поголемата удобност. На пример изведбата со 340 КС ќе може да измине 145 км повеќе, односно 725 км.

Еве една добра вест за љубителите на „петка“ со дизел мотор. Да, ќе се произведува, но само за одделни пазари, а секако ќе бидат присутни бензинските мотори со умерена 48 волтна технологија, но и изведби со класичен приклучок („плаг ин“).

Кога зборуваме за димензиите тие пораснаа во однос на претходната седма генерација. Сега „петката“ е за цели 100 мм подолга и за 30 мм поширока, додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 20 мм. И покрај тоа што има поголеми димензии, новава „петка“ има за нијанса помал оддел за товар, односно 490 литри во однос на претходните 520. Додека сме во внатрешноста да го спомнеме аудио уредот од марката Харман Кардон со БВ звучници, а останатата удобна дивизија започнува со: вентилирачки предни седишта, греење на седишта, четири зонски клима уред, помош при паркирање, камери, приспособување на обесувањето на тркалата, амбиентално светло, стакла кои заштитуваат од сончева светлина, посебно доработена мерино јагнешка кожа и уште многу други уреди, сите во функција на удобноста и безбедноста.

Продажбата ќе започне во октомври со цена за основната изведба од околу 54.000 евра, а производството ќе се одвива во матичната земја во Динголфинг.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.