Стил-МОДА-ТАРТАН ВО СТИЛОТ НА ШКОТСКИТЕ ПЛАНИНЦИ

25/11/2022

НА КРАЈОТ НА ЕСЕНТА И ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛАТА ЗИМА, КОГА Е МОДАТА ВО ПРАШАЊЕ, Т.Е. НАЧИНОТ, СТИЛОТ ВО ОБЛЕКУВАЊЕ, ГАРДЕРОБАТА И АКСЕСОАРИТЕ, СЕ ЧИНИ ДЕКА ТАРТАНОТ Е НЕИЗБЕЖЕН. КВАЛИТЕТНАТА ВОЛНЕНА ТКАЕНИНА КОЈА Е СВОЈСТВЕНА ЗА ШКОТЛАНЃАН(К)ИТЕ И ПОКРАЈ ТОА ШТО НЕ ПОТЕКНУВА ОД НИВНАТА РОДИНА, АСОЦИРА НА ДОМАШНИОТ КОМФОР, ТОПЛИНАТА НА ЌЕБЕТО, КАФЕТО И СЕКАКО, НА ПРАЗНИЦИТЕ КОИ НИ ПРЕТСТОЈАТ – НОВОГОДИШНИТЕ, БОЖИЌНИТЕ…

 

Без оглед на широката примена, како во уредувањето на домовите, така и во модата – креаторите обично го користат за разбивање на монотонијата на еднобојна, монохроматската гардероба, пример е Burberry и тренчкотите на марката чија одлика е луксузот, па и во дизајнирањето на облека за домашните миленици, додатоци… Нема сомневање дека волнените шалови од тартан се ненадминливи кога се работи за ладните денови на крајот на есента и во текот на целата зима. Не само наизглед туку и поради нивната топлина, која често се врзува со домот, ќебето и кафето на пример. Со капут, јакна…, било што. Се разбира, големината е прашање на вкус, избор…, како и боите на основата, правите линии кои се и составен дел на шарата. Тие само навидум се избрани тукутака, во модата, но вистината е инаква.

ИДЕНТИФИКАЦИОНИТЕ СВОЈСТВА НА КОЦКЕСТИОТ МАТЕРИЈАЛ

Во Шкотска, една од составните држави на Велика Британија, боите на тартанот и порано и денес ја означуваат припадноста на клановите, тамошните родовски заедници што ги има и во Ирска. Секако, здолниците на шкотските планинци, т.е. килтовите се изработени од тартан. Коцкестиот материјал е инспиративен за дизајнерите кои внимаваат и на вредностите, а не само на естетиката од причина што неговата приказна е особено интересна. Разликата меѓу тартанот и карото е голема и покрај тоа што на прв поглед се слични. Всушност, ткаенината која се нарекува карирана е од галско потекло и се врзува со ќебето и здолништата на жителите на областа Хајленд во Шкотска, чија должина е голема. Самото ќебе се витка, покривајќи го долниот дел на телото, а килтот на почетокот се однесувал на каро појасот или долгото ќебе што се обвиткувало, заврзувало околу половината. Во суштина и едните и другите се прават од тартан. Историјата на тартанот во широк размер е подалечна и не се врзува со Шкотланѓан(к)ите неминовно, чија примена започнала во третиот-четвртиот век од нашата ера.

Истражувањата покажале дека тартанот, неговиот дезен кој личи на вкрстени линии во различни бои, се изработувал поодамна, илјадници години претходно или поточно три илјади години пред новата ера, буквално секаде, низ целиот свет. Но, шкотската војска е таа што прва започнала со употреба на коцкестиот материјал за идентификација, униформно во осумнаесеттиот век, во 1765-та. Всушност, почетоците на неговата комерцијализација, т.е. производството на стандардизираната облека, воената униформа наголемо, вклучително и ткаењето, се врзуваат со Вилијам Вилсон и неговите синови, по потекло од Bannockburn.

СИМБОЛИЗАЦИЈАТА НА ТАРТАНОТ ВРЗАНА СО КЛAНОВИТЕ, ФАМИЛИИТЕ…

На еднобојна основа се вкрстуваат линиите (и вертикално и хоризонтално) во различни бои, ја покриваат и се добива шара која е инспиративна за нејзината изработка во однос на колоритот чија можност е неограничена. Фактот дека во Шкотска има околу дваесет и пет илјади комбинации на бои на тартан, исто толку и кланови, е само уште една потврда за неа. Постојат и многу фамилии кои имаат свој тартан како заштитен знак. Можеби е типична шкотска, но таквата симболизација не била отсекогаш. Ни кралското семејство не е исклучок. Дури и кралицата Елизабета Втора имаше омилен – тартанот Royal Stuart (деталите на ентериерот), кој се забележува на фотографиите од Бакингемската палата. Коцкестиот материјал одвреме-навреме можеше да се види и на нејзината гардероба, особено како моден додаток. Се врзува со House of Stuart (спелувано Stewart), секако. Во книгата на Вилијам Вилсон за мострите во 1819-та се запишани двесте и педесет дизајни, од кои стотина биле именувани. Комбинациите на боите не се броеле, туку дезените. Со нив се опседнал и кралот Џорџ Четврти кој во 1822-ра бил на единбуршкиот „Тартан фест“ во организација на сер Волтер Скот. За поглаварите на клановите да го поздрават, морале да се облечат во тартан. Освен родовските заедници, коцкестиот материјал ги симболизирал и фамилиите, поединците, настаните, корпорациите, дистриктите – буквално сè. Автентичноста била приоритетна, исто како и нејзиното официјализирање, но не секогаш. Имало периоди кога за тартанот не се водело доволно грижа. Сеедно, пак се враќал влегувајќи на голема врата. Одново и одново.

ВОЛНЕНИТЕ ШАЛОВИ, ИДЕАЛНИ ЗА КРАЈОТ НА ЕСЕНТА И ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛАТА ЗИМА

Денес официјално се регистрирани околу седум илјади дезени, а комерцијалистите работат со максимум седумстотини. Музеите кои се посветени на коцкестиот материјал, надалеку прочуен, имаат голема посетеност, а еден од најпознатите е њујоршкиот, во Френклин. Го отвори Scottish Tartans Society (STS) во 1994-та, додека, пак, друштвото е основано во 1963-та. Според компјутерската анализа, само во тамошниот регистар се внесени околу единаесет илјади дезени. Прв на листата е сепак музејот во Единбург каде што може и да се волонтира. Неретко го посетуваат и креаторите за инспирација бидејќи, како што велат, таму е нејзиниот извор. Посебно во килтовите, не копии, туку автентични, од првата четвртина на осумнаесеттиот век. Тартан шаловите од волна не се единствени кои не излегуваат од мода. Истото важи за машките костуми, панталоните, палтата, лептир-машните, вратоврските…, но и за женските здолници, капутите… Благодарејќи на Вивиен Вествуд и Burberry особено, коцкестиот материјал се идентификува со класиката и покрај тоа што е лежерен. Дури и кога бледнее модата на тартанот во поголемиот дел од гардеробата, волнените шалови се неменливи, но и неминливи. Кашмирските посебно, заради квалитетот. А и другите, со реси, без нив… Освен што се убави, својствена им е и топлината. Идеални за крајот на есента и во текот на целата зима. Но и за новогодишните и за божиќните празници. Заедно со таквите декорации кои ги развеселуваат, полни со среќа, радост. И секако, во друштво на блиските (и роднини и пријатели) – дома или, пак, на прошетка. Убавината е во малите нешта. И во тартанот, се разбира. Било ткаен, било печатен, било насликан, каков и да е.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.