Ова е новата генерација од моделот „целерио“. Малата комбилимузина во сопственост на Сузуки беше претставена пред светската јавност на 15 ноември, но не во матичната земја, туку во Индија од компанијата Марути Сузуки која со децении произведува модели од Сузуку. Оваа компанија беше создадена во Индија со единствена цел да произведува модели од претходно наведената јапонска марка автомобили. Кај нас марката Марути е позната по комбилимузината позната како „сузуки марути“ која едно време беше во продажба на нашиве простори.
Новиот „целерио“ видно се разликува од претходникот посебно предниот дел каде до израз доаѓа неговата агресивност искажана преку заоблените линии и големиот отвор за воздух во долниот дел од маската. Направен е на петтата генерација од платформата „хартеч“ која придонесува за поголема цврстин, но и поголема безбедност за патниците.
Типичниот градски автомобил кој некогаш беше припадник на сегментот „а“, сега е со нова должина која изнесува безмалку 3,7 метри, поточно 3.695 мм, димензија која не може да се смести во сегментот „а“, туку во погорниот сегмент „б“. Новиот модел во ширина има 1.655 мм додека неговата висина изнесува 1.555 мм, а меѓуоскиното растојание 2.345 мм.
На почетокот од производството во автомобилот ќе се вградува една погонска единица со зафатнина од 1,0 литри со три цилиндри во линија способна да произведе 65 КС, додека максималниот вртежен момент изнесува 89 Нм. Силината од бензинскиот мотор се пренесува на предната оска преку петстепена обична менувачка кутија, а подоцна ќе се вградува и автоматска. Според производителот новиот „сузуки целерио“ со овој мотор е еден од „најштедливите“ автомобили во класата во светски рамки, односно со 10 литри гориво (бензин) изминува неверојатни 267 километри или само 3,745 литри на 100 километри. Бензински мотор да троши далеку под четири литри гориво и тоа не дизел, туку бензин, е врвно достигнување. Ако е така, тогаш новиот „сузуки целерио“ ќе биде „најштедливиот“ автомобил во неговата класа.
Овој модел од Сузуки за првпат се појави во 2014 година. Три години подоцна, во 2017 доживеа обновување на изгледот (редизајн), а на крајот од годинава производителот ја лансираше новата генерација.
Производството ќе се одвива во Индија во фабриката Манесар и на домашниот пазар ќе се појави веднаш, додека продажбата за Средниот Исток, Африка и Латинска Америка е закажана за првиот квартал од 2022 год. Засега производителот не објави кога новиот „целерио“ ќе стигне на европскиот автомобилски пазар.