Петтата генерација од легендарниот рели модел „в р икс“ беше претставен од страна на „Субару Америка“. Малку невообичаено место за претставување затоа што таму нема некоја традиција за рели натпревари. Не е познато што ги натерало главните од Субару на американско тло да го претстават долгоочекуваниот рели модел.
Според конструкторите, новиот „в р икс“ е целосно нов. Главни одлики кај него се: 271 коњска сила при 5.600 врт/мин. излезени од 2,4 литарски боксер мотор потпомогнат со турбо полнач. Тука е и т.н „субару симетричен погон на сите тркала“, легенда меѓу сродните погони и заедно со него дејствува уредот кој се грижи максималниот вртежен момент секогаш да е во полна снага, односно тркалата секогаш да имаат најдобар контакт со подлогата во секој момент.
Со новата платформа која ја користи новиот „в р икс“, наречена „субару светска (глобална) платформа“ е зголемена безбедноста, подобрени се динамичките својства, а се намалени вибрациите и бучавата. Како што амортизерите се од голема важност во секој автомобил, исто толку се важни и во „субару в р икс“, само што кај него електрониката води сметка за нивната работа, односно возачот може да бира помеѓу „конфор“, „нормално“ и „спортско“ возење.
Камери, сензори и уреди кои се грижат за безбедноста, такви ситници има и овој автомобил, всушност денес скоро сите автомобили имаат уред кој сигнализира при напуштање на лентата и преоѓање во друга, потоа уредот кој не дозволува автомобилот да удри во автомобилот пред него или, пак, во пешак, односно било каков предмет. Убавината на „субару в р икс“ не е во електронските уреди, туку во неговите возни својства, посебно неговата врвна снаодливост при совладувањето на свиоците.
Продажбата ќе започне следната година, некаде на пролет.
Жарко Атанасоски