Во неколкуте изминати децении се појавија многу ексклузивни купе автомобили и речиси сите потекнуваат од новоосновани работилници. Се враќа тоа старо добро време кога автомобилите се правеа по нарачка и скоро секоја уличка од Милано имаше по неколку такви работилници. Денес состојбата е слична. Најновото од овој „дел“ од автомобилската индустрија е работилницата 777 Моторс создадена од колекционерот Андреа Леви. Неговото милениче е наречено „777“ и претставува своевиден врв во автомобилската индустрија која ние ja нарековме филигранство. Иако е само страстен колекционер на автомобили, очигледно А. Леви темелно ги познава нештата во оваа индустрија. Одговорен за шасијата и за севкупниот спортски карактер на автомобилот е никој друг туку Џан Паоло Далара и неговата компанија Далара Моторспортс, најпознати по правење тркачки автомобили и шасии за тркачки автомобили. Се бави и со испитувања на тркачките автомобили, поточно испитување на нивната безбедност и сите други параметри зададени од ФИА. За внатрешниот и надворешниот дизајн Андреа Леви го најмил Умберто Палермо, а 4,5 литарскиот V8 мотор е дело на Гибсон Технолоџи и е посебно развиен за хипер купето наречено „трите седумки“. Во хипер купе проектот е вклучен сиот светски крем и токму затоа за сопственикот на работилницата велиме дека знае што прави и уште подобро знае кого најмил да му направат автомобил од соништата.
Го спомнавме моторот направен од Гибсон Технолоџи. Овој дел од купето е врв, чиста, сирова механика, никакви електронски уреди во него, сензори или што и да било друго слично на нив. За него велат дека е последниот Мохиканец, последниот филигран меѓу погонските единици. Затоа купето „777“ е толку посебно во однос на тие од неговата класа и во однос на останатите купе автомобили.
Моторот развива 740 КС при добри 9.000 врт.мин и користи исклучиво синтетичко гориво. Неговите 900 кг се ништо во споредба со 740 КС кои го вртат купето на мал прст во секој миг. Заедно со крајно спортски „навитканото“ подвозје и заедно со останатите делови позајмени од болидите што учествуваат во трките на издржливост, го прават купето „777“ да биде единствено меѓу сите досега претставени егзотики.
„777“ е правен само за возење на тркачка патека и не е правен по теркот на пример да задоволува некоја тркачка класа според правила утврдени од ФИА, туку е правено да биде сиров тркач и толку. Ќе бидат направени само седум примероци и исклучиво ќе бидат наменети за возење на патеката во Монца. Сите „777“ ќе имаат постојан дом на патеката во Монца, а сопствениците ќе можат да ги возат кога ќе посакаат и ќе можат да учествуваат на парадни манифестации и промотивни трки кои всушност претставуваат рај за очите на публиката. Испораката ќе започне во 2025 год. а цената за оваа крајно ретка ѕверка е 7,6 милиони долари. Бидејќи „777“ е болид, секој купувач ќе мора да посетува обука, како теоретска така и практична на тренажер, а истовремено ќе мора да мине и кондициска физичка подготовка. Спарко е одговорен за тркачката и безбедносната опрема, а заштитниот шлем е од марката Стило.