АВТОМОБИЛ ЗА СЕКОГО. ТОА БИЛА ГЛАВНАТА МИСЛА НИЗ КОЈА ТРЕБАЛО ДА СЕ ДВИЖАТ КОНСТРУКТОРИТЕ И ВОЕДНО ДА ЈА ИСПОЛНАТ ЖЕЛБАТА НА СОПТВЕНИКОТ НА ФАБРИКАТА. ТИМОТ ОД КОНСТРУКТОРИ ПРЕДВОДЕН ОД ДИЗАЈНЕРОТ АЛЕК ИСИГОНИС, ОДГОВОРИЛ СО НАЈДОБРА МОЖНА КОНСТРУКЦИЈА ЗА ТОА ВРЕМЕ СОЗДАВАЈЌИ БЕЗВРЕМЕНСКИ АВТОМОБИЛ.
Еден од најпознатите автомобили на планетава годинава слави 60. годишнина. Направен е во Британија од компанијата „БМК“, а дизајнот е на Алек Исигонис. Покрај Фолксвагеновата бубачка, Цитроеновиот „2 цв“, Реноовата „четворка“ и секако Фордовиот модел „т“, Мини си обезбеди видно место во светот на четирите тркала. За првпат светот го видел новото типично градско возило во 1959 година. Се произведува сè до 2000 година во повеќе од 10 земји, на четири континенти: Европа, Африка, Австралија и Јужна Америка. Во 1994 година марката Мини е купена од БМВ и ставена под „клуч“. Требало да минат седум години за Мини повторно да го здогледа светлото на денот овој пат во ново издание. Покрај неповторливиот дизајн Мини бил и трикратен шампион на релито Монте Карло, во 1964, 1965 и 1967. И во 1966 МИНИ стигнува прв на целта на истоименото рели, но под сомнителни судски образложенија е дисквалификуван.
Денес моделот Мини претставува „имиџ“ автомобил и сè уште ја држи славата стекната со децении наназад. Останатите кои беа претходно набројани, за нив нема најави за повторно воведување во произвоството, со исклучок на „бубата“.
Приказната за Мини започнува некаде во 1955 – 1956 година кога Леонард Перси Лорд во разговор со еден од вработените, дизајнерот Алек Исигонис, му предложил да дизајнира автомобил кој ќе одговори соодветно на една од првите нафтени кризи во 1956 година. Нарачката била да се создаде, сигурeн, мал, едноставен за одржување, финансиски достижен за што поголем број купувачи и автомобил кој во себе ќе може да смести четири возрасни лица – автомобил за секого.
Досетливите конструктори заедно со А. Исигонис тргнале по своето патешествие и по неколку месеци автомобилот речиси бил направен во форма на прототип. Симпатичното мало автомобилче веднаш било прифатено, а потоа одговорните во 1959 приредуваат светска премиера на првата генерација од моделот наречен Мини. Автомобилот бил продаван паралелно под две имиња, како „остин мини“ и како „морис мини“, а кај нас попознат како „мини морис“. Поради брзо стекнатата популарност, „мини“ станува некој вид икона и од едноставен мал градски автомобил, го претвораат во тркачки автомобил кој служел како основа за развој на идните тркачи. Во 1961 година А. Исигинис заедно со конструкторот Џон Купер од формула 1, склучувaат партнерство, а од него произлегува чист рели автомобил, секако со поголем мотор и наново доработено подвозје. Одличните резултати покажани уште на тестирањата, го прават автомобилот најпосакуван од авто мото клубовите, „класик мини купер 997“, а нарочно бил баран од рели тимовите и обожуван од рели возачите. Да не заборавиме да нагласиме дека за „мини морис“ најголем интерес покажувал обичниот народ, од најмладите до највозрасните љубители на возењето.
Од појавувањето на рели натпреварите во 1961 година и сè до некаде крајот на 60-те години, автомобилот „мини“ со потпис на Џон Купер правел чуда, а едно од тие чуда е неговото учество во некогашниот светски шампионат во рели и неговите четири победи на легендарното рели Монте Карло. Во периодот од 1964 до 1967 „четири“ пати го покорувал Монако, кнежевството на коцкарниците. Сепак во историјата на рели натпреварите за светската титула ќе бидат впишани само три титули од Монте Карло, затоа што контролорите на релито ги дисквалификуваат првите четири возила, три „мини мориси“ и една „форд кортина“, поради тоа што користеле поинакви светла во однос на тие кои биле вградувани во сериските автомобили. Со таа дисквалификација титулата отишла во рацете на петопласираниот автомобил, „цитрон ид“ возен од П. Тоивонен. Во 1964, 1965 и 1967 година „морис мини купер с“ бил неприкосновен во Монте Карло.
Единствениот автомобил кој немал свои „браќа“, марка која опстојувала со еден модел, успеала да се одржи до почетокот на ХХI век, до 2000-та година, 4 октомври, кога е излезен последниот „мини“, седмата генерација. Во семејството „мини“ иако имало само еден модел, сепак имало повеќе изведби, како: „кантримен“, „клубман“, „клубман естејт“ итн. Биле произведени над пет милиони примероци и во 1999 година „мини“ бил прогласен за „Автомобил на векот“ на континентов.
Во 1994 одина БМВ го купува Ровер Груп под чија капа е марката Мини. И со „БМВ“ компанијата „Ровер“ не успева да застане на цврсти нозе и затоа директорите ги продаваат сите марки во групацијата Ровер почнувајќи од МГ, потоа Ровер и Ленд Ровер, а марката Мини ја задржуваат. Во 1997 година БМВ на автомобилската изложба во Женева претставува два концепти „мини спиритуал“ и „мини спиритуал ту“, модели со три и пет врати, како можни правци за развој на нов Мини. Во 2001 година светот има прилика да отпочне со купување на новиот Мини, кој за разлика од претходниот е приметно поголем, нешто кое јавноста не го очекуваше, но одзивот од страна на потенцијалните купувачи беше повеќе од очекуваното. Според филозофијата на БМВ производството на Мини ќе се движи во правец на врвен квалитет и без постигнување рекордни продажни бројки, туку производство кое гарантира ексклузивитет, а со тоа да се добие пристојно висока цена кога автомобилот ќе биде продаван како половен.
Мини го носи „товарот“ од некогашната слава стекната на обичните улици, но и на асфалтот и макадамот од рели натпреварите. Затоа слободено може да се каже дека Мини бил автомобил со кој се истакнувала индивидуалноста на сопственикот, со уличниот речник наречен „имиџ“ автомобил. Таа слава и по 60 години ја има и секако дека е еден од најпосакуваните автомобили во светот, не само кај младата популација возачи туку и кај возрасните. Цената на новиот Мини, на основниот модел, кога се појави во продажба беше околу 14.400 евра, цена која не го прави „автомобил за секого“ како што посакувал Леонард Перси Лорд.