40 години Рели Дакар-ПРЕДИЗВИК ЗА УЧЕСНИЦИТЕ И СОН ЗА ДРУГИТЕ

30/04/2020

ПРЕУБАВИ ПУСТИНСКИ ПЕЈЗАЖИ, НЕПРЕГЛЕДНИ ПРОСТРАНСТВА, НЕПРЕДВИДЛИВА ПРИРОДА, ГОЛЕМИ БРЗИНИ, ИСЦРПУВАЧКИ ЕТАПИ И МНОГУ КИЛОМЕТРИ ЗА ВОЗЕЊЕ, А МАЛКУ ВРЕМЕ. СЕТО ОВА Е ЕДНАКВО НА РЕЛИ ДАКАР И НЕГОВИТЕ 40 ГОДИНИ.

 

Што го прави човекот да биде толку многу жеден за авантура, предизвик и пат во непознатото? Како што нештата се запишани во историјата, во природата на човекот е да истражува, да открива и да оди во неизвесност. Сето тоа добило свое име, авантура. Ова го споменуваме затоа што Релито Дакар е една од тие авантури, но со натпреварувачки особини, што го прави настанот уште понапорен и потежок. Релито е внесено во календарот на спортските случувања со моторни возила, попознато како Рели на издржливост. Покрај Дакар, учесниците возат уште неколку други што се влезени во натпреварувачкиот календар. Сепак, Релито Дакар е прво меѓу нив и слави 40 години од своето постоење. Создавањето на Релито Дакар и митот за и околу него водат потекло од едно друго рели што, исто така, се возело во Сахарска Африка од градот Абиџан преку Средоземното Море до Ница. Токму ова рели ќе биде основа за создавањето на денес најпо- знатото, нејтешкото, најисцрпувачкото, најдолгото и рели што покрај авантурата влева и доза на страв и почит кон непредвидливата природа и нејзините предели. Континент домаќин на релито е Африка, поточно нејзиниот пустински предел Сахара, најголемата меѓу најголемите, со непрегледни пространства чија површина е приближно четирипати поголема од таа на претходно споменатото море.

Токму на тој континент во третата третина од минатиот век се одржало необично рели со старт во Абиџан и цел во Ница. Необично затоа што маршрутата била премногу долга и се возело низ пустина, предел од кој застанува здивот. Во 1977 година во една етапа учесникот Тери Сабин се изгубил во пустинската рамнина. Ненамерно скршнал од утврдената маршрута и потоа ја изгубил ориентацијата. Во тие мигови, часови, тој имал можност да седне на пустинскиот песок и да здивне, да погледне наоколу и да види каде се наоѓа, да ги почувствува самотијата и бескрајната тишина на пејзажот. По неколку часа минати сам со себе и со околината, Тери Сабин поинаку гледал на целото опкружување. Подоцна организаторот го нашол натпреварувачот, но едно нешто останало во него, односно добил идеја тоа исто пустинско опкружување и пејзажите да бидат видени од поголем број натпреварувачи, да организира рели чија маршрута ќе минува низ недопрените песокливи пејзажи со сите нијанси на жолтата и на црвената ШШ боја. Идејата за релито веднаш почнал да ја обмислува. Веќе наредната 1978 година, локација Париз, сега во улога на организатор, тој седел на стартната линија во очекување на моментот да го означи почетокот на релиото. Стартот во Париз, а целта во главниот град на Сенегал, Дакар. Франција, Алжир, Нигер, Мали, Горна Волта и Сенегал – некаде на половина од патот натпреварувачите мора да наминат и да се одморат во Агадез, а потоа да ја „бркаат“ целта во Дакар и сето тоа во 20 дена, од 26 декември 1978 година до 14 јануари 1979 година. А километрите? Тие беа 10.000, без асфалт или земјен пат и не било каде, туку среде пустина и нејзините дини. Целта била „окупирана“ од 182 натпреварувачи, бројка од која организаторот бил исплашен и многу изненаден, воопшто не верувале дека ќе има толку многу пријавени. Карванот го сочинувале: 80 автомобили, 90 мотоцикли и 12 камиони. Да ги споменеме и првите носители на титулите, во класата на мотоцикли – Кирил Неве со „јамаха икс т 599“, кај автомобилите најбрз бил „ренџ роверот“ на Генстир, Терби и Леморд.

Така започнало се за и околу најпознатото рели на издржливост, а сонот на Тери Сабин станал јаве благодарејќи на неговата упорност и секако на неговиот нераздвоен сопатник од 1977 година, пустината со нејзините пејзажи. Тери Сабин си ги исполнил и сонот и желбата, а Релито Дакар стана синоним за издржливост, упорност, умеење и кога сето ова ќе се зачини со среќа, резултатот е еднаков на титула.

Присуството на ТВ-камерите му давале дополнителна популарност на настанот што се одржувал еднаш годишно. Професионалците си ја вршеле својата работа, а покрај нив учествувале и светски познати личности, на пример, ѕвездите од Формула 1, пејачи, фудбалери, скијачи, благородници во „пакет“ со нивните титули и кој уште не.

Откако организаторот бил пријатно изненаден, но наедно и исплашен од преголемиот број ученици уште на првото рели, околу 200, за него второ изненадување било учеството на познати светски лица, а третото изненадување било кога по само три одржувања на релито, на четвртото издание на стартот се појавиле 382 возила, речиси за два и пол пати повеќе од првото во 1979 година.

Ова најпознато рели во светот е познато по многу нешта, а дел од нив ќе ви ги пренесеме по хронолошки ред и ќе раскажуваме за згодите и незгодите на учесниците и на посетителите. Во 1982 година релито мина во знакот на „рено 4“ возено од браќата Маро, попознати меѓу колегите како „пустински лисици“. Една година подоцна големиот ас на Ф1 Џеки Икс е најбрз во класата автомобили. Познатиот пилот од Формула 1 се натпреварува и следната година заедно со неговиот лут соперник, исто така, од Ф1, Жан Пјер Жабуи. Таа година главниот на оваа пустинска бркотница Тиери Сабин ги прошири границите на релито вклучувајќи уште четири држави: Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја, Сиера Леоне и Мавританија. Во историјата на релито 1986 година ја нарекуваат црна. Таа година се случила катастрофа. Организаторот Тиери Сабин и уште четири лица го следеле релито и загинале во хеликоптерска несреќа. И покрај сѐ, замислете, релито продолжило и на крајот, како и секогаш, им биле поделени признанијата на победниците.

По супериорната победа на Ари Ватанен со совозачот Бернард Жиро и нивното „пежо 205 т 16“ останува запомнета 1987 година. Сепак, едно нешто ќе се памети засекогаш, посебно кај големите љубители на автомобили. Двобојот меѓу светскиот шампион во рели и победник на Релито Дакар Ари Ватанен против Жан де Рој и неговиот „даф 95 турбо твин икс 1“ со над 2.000 коњски сили, исто така, носител на титулата на релито од 1987 година. Двобојот се случи во осмата етапа од релито кога Жан де Рој успева да го престигне големиот шампион Ари Ватанен со брзина од 230 км/ч (според проверките на снимките од холандските експерти). Пустински предел, непознат терен, а брзината е 230 км/ч – тоа го можат единствено искусни рели возачи што имаат претерано изострен осет за автомобилот и за подлогата каде што возат и секако доза на храброст. Жан де Рој не само што го престигна Ватанен, туку „му зема мерка“ и на Канкунен. Но непредвидливоста и суровоста на пределите и ова издание го претворија во трагедија. Вториот екипаж од тимот на Даф се преврти неколкупати, двајца беа тешко повредени и еден почина. Поради ова Жан де Рој и тимот се повлекоа од релито.

Релито Париз – Дакар во 1989 година мина во знакот Либија и Либиската Пустина, како дел од Сахара. Тогаш Ари Ватанен си ја врати титулата, но беше забележано и возењето на Стефан Петерхансел, кој дојде на четвртото место на своето второ учество. Следната 1990 година релито се вози во седум земји: Франција, Либија, Нигер, Чад, Мали, Мавританија и Сенегал. Ватанен со совозачот Берглунд повторно е на врвот со „Пежо“, а италијанските тимови Перлини и Каџива првпат седнуваат на пустинскиот трон со возачите: Виља / Делфино / Винанте во категоријата камиони, а во категоријата мотоцикли запишано е името на Еди Ориоли. И повторно беше забележан Убер Ориол со неговиот едносед баги.

И во 1991 година Либија беше на мапата од организаторот, а посетата на претседателот Гадафи беше големо изненадување и за организаторот и за учесниците. „Пежо“ се откажа и неговото место го наследи „Цитроен“. Големиот шампион Ари Ватанен, кој паралелно учествуваше и во Светскиот шампионат во рели и на Релито Париз – Дакар, успеа по четврти пат да се искачи на пиедесталот. Таму се најде и мотоциклистот Стефан Петерхансел со првата титула в раце и Перлини со втората титула во класата на камиони. Не до Дакар, туку до Кејптаун во ЈАР и сега релито е Париз – Кејптаун. Таа 1992 година релито се возеше во 10 држави со вкупна должина од 12.427 км што требаше да се поминат од 25 декември 1991 до 16 јануари 1992 година со еден ден одмор во Конго. По двете победи со мотоцикл, Убер Ориол во класата автомобили пристигна прв на целта во Кејптаун заедно со навигаторот Филип Моне. Со тоа тој е прв што успеа да победи во две класи, мотоцикли и автомобили, а Стефан Петерхансел си ја завери титулата и постојано им е цел на фабричките тимови. Во класата камиони повторно Перлини е прв, третпат едноподруго.

Во 1993 година организаторот ги вклучи деловите од пустината што изобилуваат со дини, а таму заглави Убер Ориол, односно една третина од учесниците таму го завршија релито, во дините на Мавританија. Бруно Саби во класата автомобили и Стефан Петерхансел трет пат во класата мотоцикли. Искачувањето на тронот на Стефан Петерхансел не е веќе во прашање, сега тој е еден од господарите на пустината.

Потоа во 1995 година релито се пресели во Шпанија и карванот тргна од Гранада. Наредната 1996 година е значајна по тоа што Камаз првпат се искачи на највисокото место, Пјер Лартиг се закити со трета, а Еди Ориоли со четврта титула.

Прва дама на Релито Дакар е Јута Клајншмит, која во 1997 година пристигна до петтото место и победи на една од етапите. С. Петерхансел е незапирлив, исто како Шинозука / Мање и Риф / Денхофер. Стефан Петерхансел ја освои шестата титула во класата мотоцикли во 1998 година кога релито прослави 20-го- дишнина. По оваа победа Петерхансел со голема доза на емоции изјави: „Десетте години минати на Релито Дакар се највпечатливите години во мојот живот.“ Најтрофејниот на релито, Јута Клајншмит, во 1999 година го замени мотоциклот со автомобил, во еден дел од релито беше прва во генералниот пласман. „БМВ“ ја освои втората титула по пауза од 14, а „Рено“, со Жан Луи Шлесер, по пауза од 17 години.

И следната 2000 година славеа „БМВ“ и „Рено“ со исти возачи, но сега наместо Татра, повторно Камаз е носител на титулата. Јута Клајншмит секогаш при врвот, но никако да биде прва. Среќата ѝ се насмевна во 2001 година и засега таа е единствената жена што победила на релито. Потоа на ред се Хироши Масуока и Фабрицио Меони со по две титули. При освојувањето на втората победа на релито Х. Масуока беше второпласиран во генералниот пласман, Стефан Петерхансел беше тој што речиси цело време беше прв, но во последната 16. етапа се откажува од релито и победата отиде во рацете на Масуока. Сепак упорниот Петерхансел се закити со титула во класата автомобили една година подоцна, во 2004 година. Ова е период кога Камаз, „Митсубиши“ и „КТМ“ ги „газат“ другите. Четврта титула за Камаз, три едноподруго. И четирикратниот победник Ари Ватанен се врати во Релито Дакар со тимот на Нисан, но без некој позабележителен успех.

Тука некаде се појавува и големиот алпски скијач Лук Алфанд, специјалист за дисциплината спуст, кој веднаш ги покажа своите возачки квалитети и е рамо до рамо со најдобрите. Негов најголем соперник е тимскиот колега Петерхансел со кого понекогаш имаа и несогласувања. Но Л. Алфанд покажа колку умее и што умее со своето возило и во 2006 година пристигна прв на целта, заедно со мотоциклистот Марк Кома и Камаз со возачот Владимир Чагин. Карлос Саинц, попознат како „ел матадор“ во релито, сега минува во Дакар и заедно со Де Виларс им е силна конкуренција на Петерхансел и Алфанд, но и натаму возачите на „Митсубиши“ доминираат со победа 1 – 2, Петерхансел прв, Алфанд втор.

Поради терористичките закани 2008 година ќе биде запаметена по откажувањето на релито. Соочен со сериозен проблем, организаторот го пресели релито на друг континент и оттогаш релито го менува името само како Дакар. Јужна Америка стана домаќин на авантуристите, а тамошното население им врати 100 пати повеќе. Релито Дакар е светски познато и многу гледано, но да се има публика како на фудбалски натпревар, е такво нешто не виделе ни учесниците, а уште помалку организаторот. И самите не сонувале дека релито е толку многу популарно во Јужна Америка. Земји домаќини на Релито Дакар беа: Перу, Чиле, Боливија, Парагвај и Аргентина. Доминацијата на „Митсубиши“ заврши, но не и на Камаз. Карлос Саинц освои три титули со три различни тимови, со „Фолксваген“, со „Пежо“ и со „Мини“, а заклучно со оваа година Камаз има дури 17 победи и засега е неприкосновен на врвот.

Ако некому не му е јасно како се вози Релито Дакар и со кои брзини, му препорачуваме да ги погледне видеоматерија- лите од легендарниот дуел А. Ватанен – Жан де Рој. И да не заборавиме да ве потсетиме на брзината со која камионот што го вози Жан де Рој го престигнува тогашниот крал на релито Ари Ватанен – само 230 км/ч, но не на асфалт, туку во пустина каде што претходно нема стапнато човечка нога.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ