20. издание на Салонот за автомобили во Шангај (најава)-ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА ЕРА НА АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА

11/04/2023

ДОБРО Е, АВТОМОБИЛСКИТЕ МАНИФЕСТАЦИИ ПОЛЕКА СЕ ВРАЌААТ НА СЦЕНА КАКО НА ПРИМЕР СЕГАШНАВА ШТО ТРЕБА НАСКОРО ДА СЕ ОДРЖИ ВО ШАНГАЈ. ШТЕТА ШТО НАЈПРЕСТИЖНАТА СВЕТСКА МАНИФЕСТАЦИЈА ЗА АВТОМОБИЛИ КОЈА СЕ ОДРЖУВАШЕ СЕКОЈА ГОДИНА ВО ЖЕНЕВА, ВО ПРВАТА ТРЕТИНА ОД МЕСЕЦ МАРТ, ПОВТОРНО Е ОДЛОЖЕНА И ТОА ПО ЧЕТВРТИ ПАТ. КАТАР СЕ ПОНУДИ ДА ЈА ОРГАНИЗИРА ТАА ИЗЛОЖБА, НО СÈ УШТЕ НЕ СЕ ИЗЈАСНИЛЕ ЗА ДАТУМОТ

 

Саемот за автомобили што секоја втора година се одржува во Шангај датира од 1985 година. Оттогаш многу нешта се измениле, а најмногу во делот на распределбата на глобалната автомобилска продажба. Некогаш најголем купувач на автомобили беше северноамериканскиот континент, а денес најмногу автомобили се продаваат во Азија, поточно во Кина заедно со Индија и околните држави. Брзиот развој на азиските земји, нарочно на Кина и Индија придонесе, глобално, автомобилската индустрија да добие ново лице. Поради овие нови ветрови во индустријата на четири тркала, Кинезите одлучија да организираат саем за автомобили во еден од највлијателните градови во државата, Шангај. Оваа година саемот ќе се одржи од 18 до 27 април. Првите два дена, 18 и 19 април се резервирани за новинарите, наредните два дена 20 и 21 се наменети за стопанствениците, а од 22 до 27 вратите ќе бидат отворени за посетителите. Ова е 20. издание на саемската манифестација и е наречено „Во пресрет на новата ера на автомобилската индустрија“. На минатата изложба која се одржа од 19 до 28 април 2021 год. организаторот дочека и испрати повеќе од еден милион посетители кои имаа прилика да се сретнат со дури 1.000 изложувачи.

Покрај домашната автомобилска и пропратна индустрија, ќе бидат присутни и останатите од цел свет кои имаат на располагање над 360.000 м2 изложбен простор. И на ова издание од изложбата ќе доминираат електромобилите, но сигурно нема да изостанат ни тие со ото и дизел мотори. Списокот на изложувачи сè уште не е конечен и затоа организаторот не го објавува на неговата интернет страница. Според досегашните најави од странските производители на автомобили, на саемот ќе изложуваат: Мерцедес, Смарт, Хонда и МГ. Другите производители досега не се изјасниле дали ќе дојдат во Шангај.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ