13 Ноември Денот на ослободување на Скопје-ГЛАВНИОТ ГРАД ОДБЕЛЕЖУВА ЗНАЧАЕН ЈУБИЛЕЈ, 80 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ

12/11/2024

ГОДИНАВА Е ЈУБИЛЕЈНА, СКОПЈЕ ГИ ПРОСЛАВУВА 80-ТЕ ГОДИНИ ОТКАКО УЧЕСНИЦИТЕ ВО БОРБАТА СО ФАШИСТИЧКИОТ ОКУПАТОР НА 13 НОЕМВРИ 1944 ГОДИНА ЈА ИЗВОЈУВАА ПОБЕДАТА. НЕГОВОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ СЛЕДЕШЕ ПО НЕКОЛКУДНЕВНАТА БИТКА НА БОРЦИТЕ ОД 42. И 50. НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА ДИВИЗИЈА НА МАКЕДОНСКАТА ВОЈСКА И 16. МАКЕДОНСКА БРИГАДА, СО СПЛОТЕНИ СИЛИ. ПРЕТХОДНО БЕА ОСЛОБОДЕНИ БЕРОВО (28 АВГУСТ), КРАТОВО (ДВАПАТИ, КОНЕЧНО НА 6 СЕПТЕМВРИ), ПЕХЧЕВО И КОЧАНИ (7 СЕПТЕМВРИ), СТРУМИЦА (11 СЕПТЕМВРИ), КРИВА ПАЛАНКА (8 ОКТОМВРИ), ПРИЛЕП (3 НОЕМВРИ), БИТОЛА (4 НОЕМВРИ), ДОЈРАН (5 НОЕМВРИ), ВАЛАНДОВО И РАДОВИШ (6 НОЕМВРИ), ШТИП (8 НОЕМВРИ), ВЕЛЕС (9 НОЕМВРИ), КУМАНОВО (11 НОЕМВРИ)…

 

Слободарскиот дух на учесниците во борбата со фашистите, љубовта кон слободата, силната желба за неа, бил основниот двигател за постојано, без прекин, да им се противставуваат на окупаторските војници што резултирало со добро осмислен напад и на крајот со ослободување на Скопје. И покрај тоа што вооружениот судир бил жесток, за неколку дена ги совладале припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и на германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која била распоредена пред Качаничката клисура. Непријателот ги минирал сите значајни објекти, меѓу нив и Железничката станица, Кранговата и палатата „Бановина“, управната зграда на полицијата, Народната банка, Домот на армијата, Учителската школа…, вклучително и мостовите. За среќа, читаво останало тукуречи сè. Но, загубата на 426-те (најмногу на возраст од 20 и 21 година) борци е ненадоместлива. Од нив, 8 биле жени, а имало и петнаесет-шеснаесетгодишници. Победата над фашистичкиот окупатор се славела со марш, песна… Буквално сите граѓани излегле на улица за да им оддадат признание на учесниците во борбата.

Само 5 години потоа, неколкумина историчари од Бугарија се обиделе да го извртат минатото, истакнувајќи го и придонесот на бугарската војска во ослободувањето на Скопје. Генералот Апостолски негативно се искажал во врска со тоа, нагласил дека не само што не учествувала во вооружениот судир туку и не била вклучена во планирањето. Бидејќи Радио Софија постојано дезинформирала за нејзиното помогнување, генералот ѝ забранил да влезе во градот, уште помалку да парадира. Скопје во изминатите 80 години поминала низ големи премрежиња, меѓу кои и поплавата од 1962-ра, земјотресот во 1963-та. Скопскиот регион беше поплавен и пред 8 години, во 2016-та кога загинаа 22 лица.

 

Во чест на празникот, традиционално се положува цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата, се одржуваат големи свечености, не изостануваат ни турнирите, како на пример шаховскиот, а Градот Скопје ја доделува и наградата „13 Ноември“ на физички, правни лица чија цел е промовирање на константните вредности во науката, уметноста, здравството, културата, образованието и спортот.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ