ГОДИНАВА НАЈГОЛЕМИОТ ИТАЛИЈАНСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ, ФИАТ, СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ, 120. ГОДИШНИНА ОД ПРЕТСТАВУВАЊЕТО НА ПРВИОТ АВТОМОБИЛ НАПРАВЕН ВО 1899 ГОДИНА. ОВАА МАРКА ЗА АПЕНИНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ И ЗА НЕГОВИТЕ ЖИТЕЛИ ЗНАЧИ МНОГУ ПОВЕЌЕ ОТКОЛКУ ШТО НАМ НИ СЕ ЧИНИ.
Еден век и две децении, толку е стар Фиат во моментов, најмоќната италијанска марка на автомобили и една од највлијателните на светскиот пазар. Денес многумина мислат дека семејството Ањели поточно Џовани е основачот на познатата марка на автомобили. Во сета таа приказна има вистина, но еве како се одвивале работите на почетокот.
Основачи како Џовани Ањели биле вкупно девет: Луиџи Дамевино, Чезаре Гориа Гати, Роберто Бискарети Ди Руфиа, Карло Рака, Емануеле Качерано Ди Бричеразио, Микеле Кариана Мајнери, Џовани Ањели, Лодовико Скарфиоти и Алфонсо Фереро. Тоа се деветмината кои ја имаат основано компанијата „Фиат“. Името е кратенка од „фабрика италијана ди аутомобили Торино“, односно италијанска фабрика за автомобили од Торино и во оригинал – „Fabbrica Italiana di Automobili Torino“. Ако е кратенка, а кратенка е, тогаш не е правилно кога првата буква е голема, а останатите мали. Едноставно ФИАТ, исто како што е БМВ, МГ, МАН и останатите. Чудно е што дури и самата компанија го пишува своето име „Фиат“. Најчесто така го пишуваат и новинарите ширум светот, иако граматички е погрешно.
Деветмината величенствени основачи на 11 јули, пред точно 120 години, во 1899, ја формираат компанијата „ФИАТ“ која опстојува до денешен ден. Тоа е доволен доказ за традицијата која љубоморно се чува и грижливо негува. ФИАТ опстојува токлу долго време, затоа што се држи до своето, поставено уште во дамнешни времиња. Така се чуваат нештата скапоцени, денес компанијата за италијанската нација, за секојдневниот живот на Италијанецот и воопшто за земјата претставува повеќе од само компанија.
Крајот на Втората светска војна Италија ја дочека во немаштија и разурната економија. Благодарение на неколку компании, а меѓу нив и две имиња од автомобилската индустрија, Италија застана на нозе. Тие компании беа главни во постепениот развој во повоениот период. Ако големиот и одважен Феручо Ламборџини ѝ подари на Италија машини за обработка на земјата, ФИАТ беше компанијата која ја моторизираше Италија со возила достапни речиси за секој жител.
Првиот Фиатов автомобил носи име „4 хп“, направен и возен во 1899 година. Во задниот дел од возилото е вграден мотор со два цилиндри чија зафатнина изнесува точно 679 ццм. Неговите 4,2 КС се пренесуваат на задната оска преку тристепен обичен менувач, а ги развива при 800 врт/ мин. Моделот „4 хп“ постигнувал максимални 35 км/ч со потрошувачка на гориво по 8,0 литри на секои 100 изминати километри. Моделот „4 хп“ бил произведуван од 1899 до 1900 година, во првата година осум примероци ја напуштиле фабриката, а во втората 16. Овој модел послужил како основа за развој на останатите кои следат. Првата фабрика, не работилница, ФИАТ ја отвора само една година подоцна откако е лансиран првенецот „4 хп“. Погонот броел 35 вработени директно вклучени во производството. Тогаш како главен производител на шасиите и поголемиот дел од возилото се јавува компанијата „Алесио“, исто така, од Торино. Статистиката вели дека во 1903 година се произведени 135, а во 1906 е надмината бројката од 1.000, односно биле произведени 1,149 автомобили. Годината 1903 е запомната и по првиот претставен камион. Финансискиот раст го охрабриле ФИАТ да направи уште поголем чекор и да започне продажба во САД и воедно да го произведе првиот авионски мотор. Апетитите не застануваат туку одат натаму кон отворање на фабрика во САД под името „Американ ФИАТ Аутомобил Компани“. Добро разработената марка во Европа со себе донела и многу почит, така што да се има автомобил во САД со името ФИАТ значело и статусен симбол. Цената за тогашниот модел, 1910 година, изнесувала 4.000, а во 1918 6.400 долари. Тука се надзира тогашната филозофија на марките. Додека ФИАТ бил ориентиран кон производство на поскапи модели, Форд го правел сосема спротивното. Неговите автомобили поефитинувале. Во 1908 „модел т“ чинел 825 долари, а во 1918 година 525.
Периодот помеѓу војните се одвојува по едно нешто, а тоа е пуштањето во погон на грандиозната фабрика Лингото, но и по производството на првиот трактор, моделот „702“. Изградбата започнала во 1922, а била завршена наредната година. Во тоа време фабриката била најголема и најсовремена на континентов, со запрепастувачка архитектура, а да не ја спомнуваме испитната писта изградена на покривот. Единствено таму тестираните автомобили не можеле да бидат видени од љубопитните очи на индустриските агентури. И уште нешто, во таа фабрика за првпат е внесена произ- водната лента, изумена и за првпат применета од Хенри Форд. Возилата не биле единственото што било произведувано од ФИАТ. Во виорот на Втората светска војна, биле произведувани разни воени возила, лесни и тешки оклопни, најразлични машини, оружје и авиони (двокрилецот „цр 42“ и „г 55 фајтер“). Во тоа време компанијата била водена од основачите, но водечката улога ја имал Џовани Ањели и Виторио Валета. Веднаш по војната раководството било сменето во период од речиси една деценија. Името Ањели се враќа на раководната функција со внукот на Џовани, Џoвани Јуниор или само Џани, во 1963 и останува сè до 1996 година. Во негово време ФИАТ ќе го досигне својот зенит на успех во секој поглед и ќе биде неприкосновен на европско тло.
Денешната филозофија на работа створена од довчерашниот главен директор Серџо Маркионе, го задолжува ФИАТ да биде одговорен исклучиво за производство на градските автомобили, сегментите „а“ и „б“, а погорните класи ќе бидат покривани од Алфа Ромео и Ланча, компании кои се во Фиатова сопственост.
И покрај тоа што ФИАТ не е, најголемиот, финансиски најмоќниот и производител со најмногу продадени автомобили, сепак успева да жнее награди од секаков вид. Како пример ќе го наведеме европски- от избор за Автомобил на годината каде ФИАТ е неприкосновен со девет титули. Толку голема доминација на една марка нема ниту во еден друг континентален избор. Овие модели се носители на титулите: „124“ во 1967 година, „128“ во 1970, „127“ во 1972, „уно“ во 1984, „типо“ во 1989, „пунто“ во 1995, „браво/а“ во 1996, „панда“ во 2004 и „фиат 500“ во 2008. И во спортот ФИАТ има освоено повеќе титули, на пример 21 победа во СШР и три шампионски титули. Големите мајстори на релито како Марку Ален и Валтер Рерл со „фиат 131 абарт“ беа светски шампиони и истовремено ја обезбедија титулата за производителот во 1978 и 1980 година и еднаш единечна титула, само за производителот во 1977, исто така, со „фиат 131 абарт“.
Во 2014 година ФЦА има произведено скоро пет милиони возила, 4,865 мил. Денес во јатото на ФЦА се: ФИАТ, Крајслер, Алфа Ромео, Ланча, Абарт, Доџ, Џип, Ферари, Масерати, Рам Тракс и СРТ. Производството на автомобили и делови е распространето насекаде по светот, почнувајќи од матичната Италија, а потоа продолжува во: Полска, Бразил, Аргентина, Турција, Индија, Србија, Мексико, Тајланд, а во Јапонија во погоните на Мазда, во гнездото на моделот „м икс 5“, се произведува „фиат 124 спајдер“ и „абарт 124 спајдер“.
Денес на чело на ФЦА е Џон Елкан, претседател на компанијата, член на семејството Ањели, а Оливие Франсоа е главен директор. Во врска со ФИАТ и Италијанците има една анегдота, „Ако првиот автомобил е половен, а не е ФИАТ, тогаш вториот мора да биде ФИАТ, нов“.